|
||||
Почнува одбележувањето на Денот на полицијата |
Интервју за МИА со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска Почнува одбележувањето на Денот на полицијата, што според Вас ја одбележа годинава. - Доколку морам да издвојам еден настан тогаш несомнено тоа е грозоморното убиство кај Смиљковското езеро, и акцијата која следеше потоа. Сепак ако се обидам да направам дистанца би рекла дека главна карактеристика на годинава што е зад нас се големиот број акции и предизвици со кои се соочивме. Генералната констатација би била дека како полиција успеавме соодветно да одговориме на сите ситуации што е показател дека сме модерна и ефикасна служба која може да се споредува со сите европски служби. Ако хронолошки ги набројувам позначајните настани, први се секако изборите. Општ заклучок беше дека ги имавме најдемократските и најбезбедните избори досега, без ниту еден посериозен инцидент. Огромен дел од заслугите за можноста граѓаните слободно и без притисоци да ја поддржат опцијата која сметаат дека е најдобра имаше токму полицијата. Следеше случајот „Кампања“ во кој се покажаа како оправдани нашите сомненија за незаконската игра на некои политичари на изборите, кои и граѓаните на избори, а судот во судска постапка ги санкционираа. Од тој аспект, не помалку важна беше и судската разврска на случајот „Пајажина“ која на виделина ги изнесе сите непринципиелни напади врз полицијата и обидот под слобода на говорот да се прикрие класичен криминал и затајување на даноци. За иднината на земјата секако дека е исклучително важен и последниот извештај на ЕК во кој повторно беше препорачано отпочнување на преговорите, а позитивно беа оценети реформите во поглавјето посветено на внатрешни работи и правда. Свој печат на годината секако остави и акцијата „Детонатор“, но и бројните заплени на дрога, како и приведувањата на лица барани со меѓународни потерници. Не смее да се занемари брзата реакција на МВР и во случаите на убиствата на плоштадот во Скопје по завршување на изборите и убиството во Гостивар, но и преземените мерки за запирање на насилството во автобусите. Колку Вие како министер сте задоволни од постигнатото ? - Јас сум задоволна колку што се задоволни и граѓаните. Моја примарна цел со доаѓањето во МВР беше сеопфатна реформа на полицијата, нејзина професионализација и доближување до граѓаните. Тоа го правиме преку воведувањето на системот на кариера, но и постојаните инвестиции во опрема и во обуки. Граѓаните на минатогодишните избори кажаа што мислат за работењето на Министерството и политиките кои ги спроведуваме. По шести пат дадоа поддршка на политиката на отчетност и транспарентност во работењето и ние немаме намера да отстапиме од таквиот начин на работа. - Ние продолжуваме да работиме со несмалено темпо во однос на хармонизирање на нашите стандарди со стандардите на Европската унија. Го отпочнавме претпистапниот дијалог и работиме по зацртаните рокови. Сериозно и конструктивно ги сфаќаме сите забелешки и правиме се во најкус рок да ги корегираме. Во исто време максимално сме посветени на доследна имплементација на професионалните стандарди и зацврстување на партнерството со граѓаните. И оваа 2012 година опозицијата бараше интерпелација незадоволни од работата на МВР, дали тоа уште повеќе Ве мотивира да продолжите со цврстата определба во борбата против организираниот криминал и корупцијата? - Веќе шеста година сум дел од извршната власт и раководам со едно од најголемите и најкомплексните министерства. Искрено не паметам дека опозицијата била некогаш задоволна од некој проект или поздравила некоја акција. Напротив, редовно се ставаат на страната на криминалот. Затоа и нивното незадоволство не можам да го третирам како основано, бидејќи истите беа незадоволни и од изборот на граѓаните при гласањето. Сите го паметиме заклучокот на Црвенковски дека граѓаните грешеле. Ние размислуваме сосем поинаку. Граѓаните не грешат. Знаат да препознаат што е добро, а што лошо. Ние сме тука заради нив, и тие се најдброто мерило за нашата успешност. Се додека Црвенковски и опозицијата не отстапуваат од транзициската матрица и на граѓаните гледаат со потценување, за мене секоја нивна интерпелација и неаргументирана критика е уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат кој е сосем спротивен од патот по кој одеше Македонија во времето на криминалната приватизација, времето на нерасчистени атентати, исчезнат кокаин и време на царување на урбаната мафија и шверцот на цигари и нафта. „Детонатор“ и уште повеќе грозоморното петкратно убиство кај Смиљковското езеро, претставуваат ли овие два случаи тест односно обележје на годината и може ли да се каже на професионализмот и на стручноста на припадниците на МВР? - Не е прв пат МВР да се соочи со проблем или со ризици од различен тип, но тоа што не карактеризира овие шест години е крајната професионалност и максимално сериозниот пристап кон сите закани од радикални, криминални или терористички групи. Сите паметиме како заврши истрагата околу атентатот на претседателот Глигоров или кога Агим Красниќи го држеше Скопје под опсада, но не постоеше храброст или знаење полицијата тогаш да му се спротистави. Сега истиот е во затвор. Ние го имавме огромниот безбедносен ризик од групата стационирана во Бродец, но истата беше целосно елиминирана по „Планинска бура“. Осомничените добија казни за тероризам, а беше запленето оружје кое претставуваше сериозна закана. Истото се случи во Радуша, при кражбата на накит од златарата во Тетово, при разбојништвото на Прокредит банка. Сите овие групи беа откриени. Некои од сторителите на делата настрадаа при нападот на полициските службеници, некои беа осудени и издржуваат казни затвор, додека по други се трага со меѓународни потерници. Сето ова говори дека капацитет имаме, но не постои рецепт кој гарантира 100% сигурност од идни закани. Сепак и покрај сите овие успеси и професионалност на МВР, има луѓе кои ја омаловажуваат нашата работа. Без трошка срам настапува пропаднатиот претседателски кандидат, инаку и тој експерт за безбедност и се друго и само неколку дена пред акцијата „Монструм“ оцени дека никогаш немало да ги откриеме осомничените. Дали неговото алтер его говореше за времето кога тој бил министер и капацитетите и вољата што тој и неговиот тим ги имале за расчистување на атентатот на претседателот Глигоров или можеби само ги пренесе очекувањата на неговите истомисленици никогаш да не се реши случајот за да може старите кадри на Црвенковски да не изгледаат толку очајно? Јас како и огромното мнозинство граѓани никогаш не сум можела да ја разберам потребата на највисоките претставници на опозицијата да ја потценуваат и омаловажуваат државата и да подгреваат сомнеж во институциите. Дали МВР соработува со други, пред се, соседни разузнавачки служби во истрагата за Смиљковци? - Во една прилика реков дека не би ги фаворизирала информациите на странските служби, во однос на информациите што ги имаат нашите служби. Безброј пати досега докажавме дека сме достоен партнер во меѓународни рамки. Не е пресудно од каде доаѓаат туку дали информациите се точни и прецизни. Според сознанијата кои ги имаме радикалниот ислам имаше експанзија на глобално ниво, а се разбира дека Република Македонија не може да биде исклучок и да се смета за изземена од ризикот. Глобализацијата и интернетот не се само можност за подобрување на комуникациите меѓу нациите, туку и можност за поефикасно разменување и ширење на радикалните идеи. Факт е дека одредени сотојби како економската криза или нестабилните режими во северна Африка или средниот Исток одат во прилог на ширење на ваквата идеологија, но тоа не смее да не обесхрабрува туку треба да не натера што повеќе да соработуваме. Самото учество во многу меѓународни операции покажува дека сме релевантен партнер кој има капацитет да дејствува на исто ниво со безбедносните служби на најразвиените земји. Во конкретниот случај МВР со свои сили, но и со безрезервна помош и подршка од граѓаните кои ни даваа поддршка но и информации на специјалната телефонска линија 199, успеа да го реши грозоморното убиство. Полицијата брзо го расчисти случајот со убиството, но очекувате ли други инциденти по овој случај, полицијата ќе го подигне степенот на претпазливост за евентуални други инциденти или обиди за ширење на радикален ислам. Каква е безбедносната состојба во РМ? - Целта која сакаат да ја постигнат ваквите групи е стравот. Нивната намера е да предизвикаат вознемиреност и да го променат секојдневниот начин на живеење. Да внесат раздор, нетрпеливост и нервоза меѓу граѓаните, но и сомнеж во капацитетот на институциите и државата и конечно да создадат плодна почва за нивно натамошно делување и ширење. Ниту јас, а верувам ниту граѓаните на Македонија нема да бидат соучесници во оваа нивна намера. Македонското општество покажа зрелост и не дозволи ескалација на инциденти, но не смее да се залажуваме дека не може да има нови предизвици. Мора да останеме сплотени и будни. Секоја земја има свои специфики, на пример за Израел карактеристично е тоа што по терористички напад кафулињата и рестораните имаат повеќе гости од вообичаено. И тие се чувствуваат гневни, разочарани и жалат за загубите, но сакаат да испратат порака дека нема да дозволат терористите да успеат во својата намера да ги исплашат. Подготвена ли е полицијата превентивно да делува за да се спречат вакви или слични инциденти кои влијаат на меѓуетничките односи? - Целиот свет е воведен во нова безбедносна ера по нападот на кулите близначки. Истиот ни покажа дека ниту најразвиените и најопремените не може да бидат имуни на терористичките закани. Бомбашките напади во Лондон, Мадрид, Беслан или на кој било меридијан се јасен сигнал дека извитоперените умови немаат проблем да најдат повод и причина или начин како да внесат чувство на страв и несигурност кај граѓаните правдајќи се со некаква борба за некои идеали. Тука не би ја ограничила опасноста само на исламскиот радикализам, бидејќи норвешкиот монструм Брејвик е најдобар демант дека тероризмот не познава ниту вера, ниту нација. Овој трагичен и грозоморен чин кој ни се случи близу Смиљковското езеро и утврдувањето на сторителите и мотивите, не би рекла дека е вовед во нова ера, туку најбрутално потсетување во какво време живееме и на какви предизвици мора да бидеме подготвени. Министерке, Новиот бран во ВМРО - ДПМНЕ ќе ги зафати ли службите во МВР? - МВР е професионална и непартиска институција и таква ќе остане. Само пет функционери се избираат политички. Министерот и заменикот од Собранието и државниот секретар и директорите на јавната и државната безбедност од Владата. Тие се должни да ги одредат политиките, курсот и приоритетите на програмата што ја гласале граѓаните на избори. При изборот на командири на полициски станици од општа надлежност улога имаат и советите на локалната самоуправа кои ги утврдуваат приоритетите на локално ниво. Сите останати вработени во МВР, без разлика на која позиција се ангажирани, во службата се движат според системот на кариера. Ние во континуитет го применуваме системот на компетентност, ефикасност и професионалност. Секој што ги задоволува овие критериуми напредува. Оние кои не одговараат соодветно на обврските добиваат други задачи. Последен пример е неодамнешната смена на 13 старешини на подрачјето на СВР Штип, за кои сметам дека не се ангажирале доволно за извршување на нивните работни задачи. Ќе останеме бескомпромисни и во овој поглед. Промени во МВР имало и ќе има, во функција на постојани реформи за подобар живот на граѓаните. Значи директниот одговор на вашето прашање е да, бидејќи новиот бран е синоним за промени кон подобро, нови идеи, нова енергија и висок степен на мотивација да се направи нешто за подобра Македонија.
- Најкусиот и наједноставен одговор е дека проценката околу најсоодветниот момент кога треба да се настапи беше дека тоа е вистинскиот момент. Свесна сум дека секогаш може да се постави прашањето дали една ваква акција не можеше да се реализира порано, но јас имам целосна доверба во професионалците во МВР кои многу пати во овие 6 години ги оправдаа очекувањата и покажаа дека знаат да направат вистинска анализа и проценка. Со низа акции покажаа дека како вистински професионалци ним им е доволно да бидат поддржани во бескомпромисна и неселективна борба против криминалот, да им се остават одврзани раце и да нема никакви политички интервенции и притисоци. Тоа го докажаа во акции како „Планинска бура“, „Пепел“, „Пајажина“, „Диригент“, „Босфор“, „Метастаза“, Фаланга“, „Глобал“, последната „Монструм“ и низа други. Доколку тргневме порано, тогаш ќе се наметнеа други дилеми од типот дали се собрани сите неопходни докази или дали се идентификувани сите членови и соработници на криминалната група. Ценам дека треба да се нагласи дека акцијата не започна сега, туку тоа беше отпочнување на реализација на финалната фаза. Самата обработка траеше подолго и истата подразбираше најпрвин собирање на оперативни сознанија и информации, а подоцна и соодветни докази за оние кои се инволвирани во криминалот. Сепак, не стануваше збор за џебни крадци од улица, туку за добро организирана група која подолг период наназад била инволвирана во голем број на различни кривични дела, почнувајќи од дела од областа на економскиот криминал, преку недозволената трговија со наркотици, па се до дела од областа на насилниот криминал, вклучувајќи и ликвидации. „Детонатор“ дефинитивно нема да запре. Ако тоа значи проверка и во други градови, ние така и ќе постапиме. Претреси беа вршени не само во Кочани и Виница, туку и во Штип, Куманово, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Струга, Велешта, Вевчани. Впрочем, секаде каде што добивме информација дека постои незаконско работење. Видовме дека во сите овие места се организираат нелегални игри на среќа, односно во голем број на објекти беа инсталирани покер-апарати. Како истите се внесени во Република Македонија, кој ги инсталирал, колкава е личната добивка односно штетата на буџетот, се само дел од прашањата на кои ќе треба да одговори истрагата. Како ја оценувате инволвираноста на високи полициски службеници во сите овие активности за кои и се води „Детонатор“? Се случија, а во тек се и други смени, разрешувања и префрлувања на полициски службеници - до акде може да се прошири истрагата, се знаат ли кои се организаторите - умовите? Дали ќе се обелоденат сите кои на каков било начин се поврзани? - Факт е дека кога имате едно организирано злосторничко здружение, истото не се формира преку ноќ. Напротив, за истото да се издигне до тој стадиум, основен предуслов е поединците да минуваат неказнето или со мали и несоодветни казни за делата кои ги сториле. На тој начин, истите се стекнуваат со моќ која постојано се зголемува. Ние успеавме да утврдиме дека и полицијата преку несоодветно постапување и третирање на оваа група имала свој удел во целокупната состојба. Внатрешната контрола пронајде и анализираше 70-тина предмети во кои сериозни инциденти како физички напади, насилства или тепачки, биле заведувани како поплаки од граѓаните. Ние веднаш реагиравме со смени на целокупната раководна структура на ниво на СВР Штип. Почнувајќи од Началникот на секторот па се до командирите на полициските станици и првиот човек на УБК во регионот. За командирот и неговиот помошник во ПС Кочани поднесовме и кривични пријави поради основано сомнение дека сториле кривични дела „Злоупотреба на службената положба и овластувањата“ и „Изнуда“. Тоа што можам да го ветам на сите кои ми го дадоа мандатот е дека нема да запреме и дека ќе одговара секој за кого ќе бидат пронајдени докази. Сепак не смее да заборавиме и на фактот дека скоро сите членови на групата имаат досиеја полни со кривични пријави за кои минувале со условни или мали затворски казни, а во некои случаи биле само парично санкционирани. Тоа значи дека во одреден период полицијата поднесувала пријави против овие лица. Колку истите биле издржани е друга тема, но осомничените биле пријавувани изминативе 5 години. Дали некој намерно не сакал да побара дополнение или корекција на веќе поднесена пријава не можам да тврдам, но факт е дека своја одговорност по поднесувањето на секоја пријава, дури и да е лошо напишана има и надлежниот обвинител. Факт е дека своја одговорност во врска со некоја истрага или процес има и судот. Нема да излезам надвор од ингеренциите кои ги имам, но ќе ги поздравам информациите кои беа пренесени дека соодветни проверки околу предметите на членовите на оваа група прават и судскиот совет и советот на јавните обвинители. Организаторите, или како што велите умовите се знаат. Според пријавата поднесена по случајот „Детонматор“ тоа се шестемина првоосомничени. Овие лица од кочани и Виница на возраст од 29 до 42 години се товарат дека го создале злосторничкото здружение во кое останатите биле извршители, односно членови. Дали во натамошната истрага би се докажало дека и зад нив стои некој, не би сакала да прејудицирам, но сигурно е дека нема да му биде прогледано низ прсти. Опозицијата обвинува дека се притворени лица од понискиот ешалон, но не и оние кои се „главните“, а кои, според нив се членови на ВМРО - ДПМНЕ? Како ги коментирате овие обвинувања и се работи ли за пресметка меѓу високи партиски функционери од ВМРО - ДПМНЕ, како што обвинуваат од СДСМ? - Кога станува збор за борба против криминалот и корупцијата за нас нема повисок или понизок ешалон, како што нема влијание ниту дали криминалците се симпатизери на ВМРО ДПМНЕ или СДСМ. За нас е важно дали некој постапува согласно законот или не. Пред шест години заврши времето кога поважно беше дали е некој член на СДСМ од тоа дали шверцувал, крадел, злоупотребувал или непреземал ништо при исчезнување дрога или при обид за убиство на Претседател. Доколку сакам да бидам иронична би прашала дали низок ешалон би бил во толкава милост на поранешен претседател на државата и актуелен претседател на СДСМ. Зарем пријателските прегратки со Црвенковски, кој не важи за политичар што ужива да биде меѓу граѓаните и присуството во Општинската организација заедно со тамошниот претседател за некого говори дека се работи за низок ешалон? Зарем седењето на маса во кафеана со Бошковски говори дека членовите на оваа група се низок ешалон и почетници во криминалот. Се разбира дека не би го изоставила ниту сопругот на актуелна пратеничка или братот на поранешен пратеник. Сево ова говори дека пријавените и притворени лица ниту се нови, ниту се наивни. Јасно е дека имале политички контакти, но дали и колку истите им помогнале при вршењето на кривичните дела или избегнувањето на правдата треба да се докаже. Оттаму, повеќе од јасно е дека станува збор за неаргументирани, паушални и невистинити обвинувања на опозицијата се заради оцрнување на успесите кои ги постигнуваме во борбата против организираниот криминал и корупцијата, а кои беа препознаени од сите релевантни меѓународни организации. Зарем заслужува некаков коментар смешното обвинување дека приведувањето на членовите на групата кои на митинг на СДСМ ги веат партиските знамиња било внатрепартиска пресметка на ВМРО ДПМНЕ. Мислам дека и во СДСМ се чуствуваат засрамени што највисокото партиско раководство на СДСМ и овој пат застана на страната на криминалот не одобрувајќи ја акцијата „Детонатор“. Министерке, селективно ли се води „Детонатор“ сега и можеби нови други во иднина акции на МВР за намалувањето на корупцијата и криминалот во Република Македонија? - Единствената селекција која ја правиме е таа дали некој работел согласно законот или не. Граѓаните и овој пат ја препознаа нашата решеност за бескомпромисна и неселективна борба против криминалот. Овие две недели, од почетокот на реализацијата на финалната фаза од акцијата „Детонатор“ добивме преку 100 пријави од граѓаните за различни дела во различни краишта од земјава. Дел од нив се анонимни, но добар дел од оние кои се јавуваат за да пријават одредена состојба, без никаков страв, резерва или сомнеж, со име и презиме го пријавуваат криминалот. Особено не радува што на подрачјето на СВР Штип граѓаните во масовен број кажуваат на какви се проблеми наидувале при контактите со групата. Граѓаните сакаат да видат дека законите важат подеднакво за секого и дека никој што ги избегнува нема да мине неказнето без разлика дали припаѓа на одредена политичка опција или има блиски кои би можеле да му помогнат. Граѓаните ги препознаваат напорите што ги вложуваме и сметам дека тоа е една од причините што шест пати по ред на избори ни ја даваат нивната поддршка. Можам да потврдам дека нема да отстапиме од политиката на нулта толеранција кон организираниот криминал и корупција.Колку е отворена можноста за притисоци истата да се стопира, а народот да бара расчистување со криминалот и корупцијата внатре во институциите. Подготвена ли сте за притисоци и да се соочите со се она што може да следува? - Уште на почетокот кажавме дека тоа што беше „Пепел“ за Куманово, истото е „Детонатор“ за Кочани и градовите од источна Македонија. Во Куманово ги ослободивме граѓаните од теророт на групата на Бајруш Сејдиу, додека во Кочани од групата која вршеше низа тешки дела. Истото го сторивме и во Прилеп со таканаречените бомбаши, кои до 2006 година беа страв и трепет во градот, а медимумите секојдневно јавуваа за инциденти. Во Велес преку операцијата „Диригент“ која беше реализирана со австриската и германската полиција, ставивме крај на велешката група, популарно наречена „Франкфурт мафија“. Со акцијата „Планинска бура“ ја елиминиравме групата стационирана во Бродец која беше закана не само за Тетово и околината, туку и за општата безбедност во земјава. Можеме да набројуваме уште низа случаи и градови, но тоа што е заедничка константа за сите е фактот дека компромис и помирување со криминалот нема. Нема ниту притисоци, ниту влијанија кои би не запреле во нашата намера. |