|
||||
Европска комисија: Македонска Влада и македонски јазик |
Двете употреби на придавката „македонски” во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во евроинтегративниот процес се мошне јасно и прецизно употребени во обемниот материјал за државата, јавува дописникот на МИА од Брисел. Откако комесарот за проширување Штефан Филе потврди дека во извештајот на 70-страници за Македонија на двапати е употребена придавката што се однесува на нашиот јазик и нација, двете придавки лесно се забележливи. Првиот пат тоа се употребува на почетокот на извештајот, на седмата страница во делот кој се однесува на владеењето на правото во државните институции, поточно кај Владата. Притоа, ЕК го почнува тој дел со: “Македонската Влада ги продлабочи своите обврски кон ЕУ-реформите со целосното посветување на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД)...”. Придавката за која претседателот Ѓорѓе Иванов и министерот за надворешни рбаоти Никола Попоски се заканија дека нема да го прифатат извештајот ако ја нема, вториот пат се употребува во делот за остварувањето на економски и социјални права во Македонија. Па, така, на 16-тата страница од извештајот, ЕК посочува дека: „Македонските институции превзеле проактивна улога во обезбедувањето на правата на децата”. Интересно е тоа што Комисијата во овој извештај избегнува секаво споменување на јазик и нација, најверојатно да се избегне потребата при споменување на овие одредници да се испушти или додаде и придавката „македонски”. Затоа, ЕК пронашла решение придавката да ја вметне во термини како што е „Македонска Влада” и „Македонски институции”, со цел да се избегне директно посочување кој е народот и каков е јазикот кој се говори во Република Македонија, а притоа да се задоволат барањата на македонскиот народ и највисоките политички личности кај нас со вметнување на бараната придавка. Како што е познато, во претходните два годишни извештаи на Комисијата за Македонија, придавката „македонски” целосно беше исфрлена од употреба дури и при користење на за нас сензитивни примери како што е идентификацијата на мнозинскиот народ и официјалниот јазик што се говори во Македонија. - Да, се вративме на употребата и на придавката “македонски – потврди и комесарот Филе за МИА, обидувајќи се тоа да го минимализира со потенцирањето на значењето на другите позитивни тонови од ЕУ кон Македонија. Како и да е, со најпозитивниот извештај во однос на реформите што нашата држава ги презема во усогласувањето на макеоднските со европските закони и легислатива, употребата, макар и минимална, на придавката „македонски” исто така дава значење за огромната поддршка што од ЕК ја има актуелната владејачка гарнитура и нејзината политика кај нас. |