|
||||
„Александар Велики“ најдобар аеродром во Европа во 2012 |
Скопскиот аеродром „Александар Велики“ е најдобар во Европа во категоријата до два милиони патници годишно за 2012 година. Наградата, во конкуренција на 275 аеродроми, ја додели Меѓународниот аеродромски совет, врз основа на одговори на патниците во формуларите за испитување на квалитетот на аеродромските услуги.
Главниот оперативен директор на концесионерот на македонските аеродорми, холдингот „ТАВ аеродроми“, Мурат Орнекол денеска на прес-конференција истакна дека нивната компанија е почестена од престижната награда за скопскиот аеродром кој, како што рече, беше одново изграден и почна да дава услуги за многу кратко време, што се засновало на нивното знаење и искуство. По резултатите што ги постигнале во изминатата година и половина колку што управуваат со аеродромите, следна цел за оваа година, според Орнекол, е бројот на патници преку скопскиот аеродром да достигне милион. На крајот на минатата година преку аеродромот во Скопје се превезени 906.871 патник. Од 2009 година до 2012 година бројот на патници што се превезени преку аеродромот во Скопје е зголемен за 17,5 проценти. Моментно преку „Александар Велики“ се сообраќа кон 20 дестинации, а од мај ќе се отвори и линија со Стокхолм. Со тие дестинации, оцени Орнекол, Скопје е поврзано со поголемиот дел од Европа, а преку Истанбул и до секое друго место во светот. Најфреквентен датум на аеродромот лани според бројот на летови е 23 декември кога се реализирани 46, а според бројот на патници 4 август, со 4.746 патници. Најмногу патници во 2012 година превезле авиокомпаниите Виз Ер, Туркиш Ерлајнс и Аустријан Ерлајнс, а најатрактивни дестинации биле Цирих, Истанбул, Виена, Белград и Загреб. Според министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, признанието за квалитет на аеродормските услуги е уште еден од резултатите од проектот за изградба и модернизација на македонските аеродроми со нивното преземање од ТАВ. - Со изградбата на новиот аеродром се воведоа нови стандарди во аеродромските услуги во Македонија, што е признаено и со добиената награда, оцени Јанакиески. Најави дека и во следниот период ќе продолжат активностите што во соработка со концесионерот ги преземаат за привлекување нови авиокомпании и зголемување на бројот на летови од аердоромите со цел да се надмине бројката од милион патници. Целта е, како што рече, тој број постојано да се зголемува со оглед дека капацитетот на аеродромот е до 4 милиони патници. - Лани имавме пораст од 8,7 проценти, а во февруари годинава во однос на истиот месец лани пораст од 14 проценти, што е над европскиот просек. Среќни сме што патниците се повеќе го избираат аеродромот „Александар Велики“ за полетување, слетување или трансфер до саканите дестинации, но и дека се повеќе се користи и аеродромот во Охрид, рече Јанакиески. Министерката Јанкулоска оцени дека по изградбата и модернизацијата „Александар Велики“ денес е репрезентавен објект со кој сите може да се гордеат. Професионално заедно со колегите од МВР максимално се труделе на сите патници да им овозможат што поефикасна услуга и што поедноставни процедури. - Верувам, посочи, дека на тоа се должат барем дел од резултатите што ги постигнавме на некои од прашањата во анкетата, а кои директно се однесуваат на работењето на полицијата. Аеродромот доби високи оценки во делот што се однесува на времето на чекање на пасошка контрола, односно контролата на проверка на личните докумнети и во делот на љубезноста и услужливоста на нашиот персонал и во делот на чувството на сигурност и безбедност, посочи Јанкулоска. Таа информира дека во текот на минатата година на граничните контроли за влез и излез на земјава поминале околу 840.000 патници од кои 200.000 странски државјани. Од отворањето на аеродормот во септември 2011 година односно за година и половина преку него влегоа и излегоа 1.220.000 патници што доволно говори за зголемената фреквенција. Радува тоа што има голем број странци, кои заради квалитетот на услугите се почесто го користат нашиот аеродром, рече Јанкулоска. |