|
||||
Драган Богдановски е роден на 18 септември 1929 |
Драган Богдановски е човек со извонредно богата биографија, непоколеблив борец за остварување на македонските идеали, односно идеи за ослободување и обединување на сите делови од Македонија. Богдановски беше 30 години во челните редови на патриотски настроената македонска емиграција. Драган Богдановски е роден на 18 септември 1929 година во с.Клечовце, Кумановско. Основно училиште завршува во родното село, а средно образование во Куманово и Битола, по што 1948г. се запишува во Белград (Земун) на факултет за Земјоделство и Шумарство. Во Белград уште во третиот семестер од студиите се пројавува како иницијатор за формирање на “Македонски студентски клуб” во Белград, за која активност бива затворен и издржува казна од 4 месеци во злогласниот затвор на Обилиќев Венац. По излегувањето од затвор бива исклучен од факултетот без право на упис на било кој факултет во Југославија. Таа драконска мерка на факултетските власти во основа го менува животот на Богдановски. Одлучува да ја напушти земјата и во пролетта 1950г. кај Гевгелија ја преминува границата. По задолжителен престој во избеглички логор, кон крајот на 1950г. заминува за Јужна Америка, каде престојува во Аргентина и Бразил до 1954г. Желбата за наука не го напушта, за што се враќа во Париз и на Сорбона запишува Факултет за политички науки и журналистика. Уште веднаш започнува со политичко дејствување, ја формира организацијата “Македонски национален фронт” и започнува со издавање на весникот “Македонска искра”. Од овој весник успеваат да излезат неколку броеви и по интервенцја на Југословенската и Грчката амбасада бива забранет. За Драгана 1958г. е многу значајна, бидејќи тогаш се јавува како покренувач за издавање на повеќе весници, списанија и книги за Македонија и Македонското дело. Во Осло го издава списанието “Македонска лоза”, и “Слободна Македонија”, потоа го печати весникот “Македонија” списанието “Македонска нација” и сл. Во 1963 г. доаѓа до формирање на прва македонска национална организација ОКМ (Ослободителен комитет на Македонија), која организација во 1972г. се трансормира во ДООМ (Движење за ослободување и обединување на Македонија). Драган на чело на ова организација доаѓа уште во 1967г. Во акцијата за расчистување со “опасните емигрантски кругови”, донесена е одлука за доведување на Драган Богдановски во Југославија и негово судење. Како раководител на ДООМ во 1977г. Драган е киднапиран во Париз и доведен во Југославија. Него го киднапираат припадници на тогашната СДБ во станот на друг член на ДООМ, и со дипломатско возило бива пренесен во Љубљана, а подоцна и во Скопје. Со врзани очи бива одведен во полициски објект во близина на Македонски Брод каде што е под истрага 18 месеци. Судскиот процес против него бил осуден на 13 години затвор, од кои издржува 11 години во затворот Идризово. По излегувањето од затвор извесно време живее во Скопје, а штом добива патна исправа заминува во Шведска, каде ја подготвува програмата за формирање на национална политичка партија во Македонија (која политичка програма бива отпечатена во весникот “Млад Борец”). Таа партија по идеја на Драган Богдановски треба да се вика “Демократска партија на македонско национално единство” ДПМНЕ. На првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ одржан во Прилеп на 6 и 7 април 1991г., Драган Богдановски е избран за почесен претседател на партијата, а од 1991 до 1993г. е претседател на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за Европа. Умира на 31.05.1998г. во Данска на пат од Шведска во Германија. Погребан е во Куманово на 01.08.1998г. Вечна му слава! Македонска нација |