Инспиративна и корисна беше за нашата генерација поуката од Езоповата басна, во која таткото на своите наивни и раскарани синови, со помош на сноп од обични прачки, на еден илустративен начин им покажа, колку може да бидат погубни неслогата и себељубието.
Се сеќавам... нашата учителка при обработката на оваа басна, дури беше донела и вистински прачки, а ’рскотот и кршењето на овие слаби дрвца во нејзините добри и меки рацете и ден денес, како невидливо ѕвонче, одѕвонува во мојата совест, тогаш, кога наоѓајќи се на крстопат, потребно е да донесам соодветен морален или етички суд. И денес, погледнато од временска дистанца од неколку децении, сигурен сум дека оваа дедуктивна илустрација во неколку реченици и живи слики ни ја прераскажа целокупната историја на македонскиот народ, со сите негови доблести и слабости, бидејќи историскиот и општествениот од и развиток на народите, вклучувајќи ги тука и Македонците, е определен од нивната способност за единство по клучните општествени прашања. Разбивањето на единството е основната непријателска цел уште од почетокот на светот и векот. Нехармонијата, дезорганизацијата и дезориентираноста, подеднакво деструктивно влијае и во материјалниот, но и во духовниот свет. За да се разбере ваквата поставеност на светот и нештата во него не е потребна голема интелигенција и продуховеност. Дивиде ет импера - раздели, па владеј - е древна човечка мудрост, која одлично, до перфекција ја развивале, користеле и синтетизирале, како античките владетели и африканските колонизатори во 19 век, така и модерните борци за човекови и меѓународни права и слободи. Токму ние Македонците примената на оваа античка сентенција сме ја почувствувале и ја чувствуваме на своја кожа. Годинава се потсетивме на 100-годишнината од овој јубилеј на злото. Во текот на овие 100 години, а особено во последните 20 години од нашето осамостојување, на дело ги гледаме плодовите на наследниците на „миротворците“ од Букурешт, кои срамот и монструозноста на геноцидот на цел еден народ, со видливи и невидливи методи, со помош на разни димни завеси, се обидуваат да го затскријат. Една од последните шок-бомби фрлени во нашево општество, а која мене ме инспирира и ме поттикна да го напишам ова писмо, беше залагањето на претседателот на Либералната партија г. Ивон Величковски македонското Собрание со закон да го ограничи јавното користење на симболот со сонцето од Kутлеш. Демек, така ќе сме биле поконструктивни и во подобра позиција од Грција во преговорите за името на државата. Сето тоа било за наше добро... Според моето скромно лаичко мислење, ваквите ставови на македонски политичари, новинари и јавни личности без разлика колку се влијателни, авторитетни и познати во општеството се арско ѓубре за никнување на разни моркови, ореви и друг неавтохтон зеленчук, кој својот горчлив вкус сака да го посее и изникне во „Вашата земја“. Разговарајќи за вакви непристојности, дури и на улица, а камоли во Македонското собрание, ние всушност се фаќаме на јадицата на ваквите конструктивни либерали, чија скриена цел е дебата за идентитетски прашања, зашто разговори за национални симболи и обележја не е ништо друго освен обид за преструктурирање на нечиј идентитет. Сите знаеме кој се радува и кому му се потребни вакви дебати. Полемика за национални симболи е пластелин политика на несозреани, несериозни и корумпирани личности, на кои ништо не им е свето. Ние не учиме од сопствените историски и стратешки грешки, а тие упорно ги користат нашите слабости. Ваквите предлози, како овој на г. Величковски, јас ги разбирам повеќе како мисловни амортизери за ублажување удари, предизвикани од халуцинациите на господата Василакис и Папулјас. Некој треба да ги оправдува бедните неонацисти и нивните белосветски поддржувачи. Денес тоа е Ивон, утре ќе биде некој друг, с` е дозволено во овој свет, но не е с` и корисно. г. Величковски, со ваквите антимакедонски и геноцидни залагања, работи на планот на одврзување на снопот и лесно кршење на секоја прачка поодделно. Опис и попис на неговото работно место е да н` раскарува и скршува, наше е да се спротивставуваме, да ги збиваме редовите, во никој случај да не се плашиме и да издржиме. Правдата и вистината секогаш победуваат, а тие се на наша страна. Така Бог го устроил светот, Он се грижи за своите најмали. Македонскиот народ и во потешки времиња, во неслобода под тежок туѓ јарем, успеал со Божја помош и поткрепа да опстои и да преживее разни обиди за асимилации. Знаел да препознае кој е неговиот вистински водач, а кој наметнат со јагнешка кожа, работи за интересите на туѓи бели дворови. Ја користам оваа пригода јавно да ги поддржам нашите политички лидери - претседателот Иванов и премиерот Груевски, во непопустливиот став во однос на нашето древно име. Секој, без разлика на неговата политичка определба, ќе ја има мојата поддршка во одбраната на македонската вистина. Едномислието во Вистината победува и ослободува, а лагата и неслогата понижуваат и уништуваат с` пред себе. Ова нека ни биде патеводителка на сите во овој тежок историски период од нашето македонско постоење.
Митрополит Повардарски Агатангел (Станковски)
КОЛУМНА НА ВЛАДИКАТА АГАТАГНЕЛ- Дневник од: 07.11.2013 |