|
||||
Света Огнена Марија – Марена, Зубовце |
Празникот во чест на Огнена Марија кај народот наречена Марена се слави по традиција во Гостиварското село, Зубовце. Празникот Марена се слави секоја година на 30 Јули, а овој ден се смета за најтопол ден во годината. Овој празник е поврзан со големи горештини и затоа има некои правила на кои населението од Зубовце внимава. На овој ден не се работи ниту дома ниту во поле затоа што се смета, ако се работи може да избие пожар и да се уништи годишната реколта. Преданијата кажуваат дека на овој ден пред години жетвата била во полн ек, а зубовчани работеле во поле, им се запалиле копите со слама и затоа овој ден е прогласен за неработен. Зубовчани и денес доаѓаат во своето родно место. Доаѓаат да се насладуваат на духот и традицијата, да се потсетат на детството, на незаборавните празнувања и веселби, кои се одржувале средсело. … Домаќините како што е редот, на гостите им приредуваат традиционална трпеза со гравче. А, на песната и орото ќе им нема крај. Зубовчани се горди што ја возобновија оваа вековна традиција. Во минатото за овој ден, зубовчани со недели се подготвуваа. Ги чистеа, варосуваа и ги уредуваа куќите и дворовите, истото се однесуваше и за заедничките простори, на улиците, сé со цел што поподготвени да ги пречекаат гостите. Никогаш толку народ како на патрониот празник не се собира во црквата и околу неа, секој сака да присуствува на патронската литургија. Секоја година река на народ се движи кон црквата Св. Огнена Марија која се наоѓа на западниот дел на селото, издигната на една височинка, која пркоси на времето и со својата местоположба го привлекува вниманието. Црквата е изградена пред повеќе од 160 години, од камен и дрво, врз темелите на многу постара црква. Во 1859 година надалеку познатиот Дичо Зограф, со својата тајфа, ги има насликано  живописот на црквата и 50-тина икони, а се потпишал и на престолната икона на Св.Марија. Како во минатото така и пред неколку години имаше групно венчавање, на осум брачни пара од селото, со кои чиноначалствуваше Неговото Блаженство г.г. Стефан, поглавар на МПЦ со митрополитите Кирил и Горазд и со дваесеттина свештенослужители. „Со празникот треба да се живее за истиот да се доживее! Празнувајте, за да ви бидат полни душите со радост! Радоста во Господа и радоста од Господа не може ништо да ги намали или замени. Празнува цело Зубовце, празнува секоја македонска православна душа во него. Со нас празнуваат иселените зубовчани, празнуваат и покојните, празнуваат сите. Нашата христијанска вера е вера на живите и вера на животот. „Останете во родните места за со вас да останат и нашите светижи и светии. Останете за да останат и верата и Црквата, и народот и државата наша, дотаму до каде што било и до каде што треба да остане наше македонско! Доста ни земаа и разграбуваа. Останавме земја, што самата со себе се граничи и како уште некому да му е малку!? Но, не плашете се од никого! Оваа земја ја завладувале и царства и империи, но никој за постојано не ја освоил и не останал на неа. Ќе ги издржиме и ќе ги надживееме сите посегања и по земјата и по црквата и по сè што е наше“. Реновирана е црквата Света Огнена Марија, среден е пристапот до црквата, од двете страни на реката која минува низ село, соѕидан е заштитен ѕид од камен и заедно со зелените површини на целиот простор му дава нов лик, обликувани се тротоарите и на нив се поставени бекатон плочки, реконструирана е Зунината чешма, Рафкина чешма и спомен паркот кои се наоѓа средсело. Со овие зафати Зубовце добива градски белези. Средсело со донација на Академик Томе Серафимовски кој е роден Зубовчанец, изградена е манастирска црква „Свети Апостол Тома“. Академик Серафимовски на чинот на осветување изјави: „Овој храм им го подарувам на луѓето од мојот крај. Во него вечно ќе гори кандилце што ќе го осветлува патот на сите луѓе со добра волја и со добра мисла, да бараат во него утеха и да се спознаваат себеси. Зашто сите си заминуваме, само манастирот и земјата на која од денес ќе се извишува овој божји храм, остануваат да зборуваат за нас и тогаш кога нас повеќе ќе не нема“. Ќе живее традицијата во Зубовце и во Македонија. Зубовчанец |