|
||||
Отворена манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ 2014 |
Говор на Потпретседателот на НКС „Десет дена Крушевска Република“, Г-дин Манојил Јаковлески, на 1 Август 2014 на Гумење во Крушево. Почитуван Претседател на Собранието на Р.М. Г-дин Трајко Вељаноски, Почитуван градоначалник на Крушево Г-дин Ѓорги Дамчевски, Почитувани претставници на МПЦ-ОА, Почитувани Пратеници, Екселенции, Почитувани Крушевчани, дами и господа, браќа и сестри, „Од сон до сонце“е мотото под кое оваа година македонскиот народ во целиот свет го одбележува Илинден. Оваа година славиме јубилеј 70 години од АСНОМ и 111 години од Илинденското востание. По тој повод ми претставува особена чест и задоволство во името на Советот на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“, да Ве поздравам од ова историско место на македонскиот непокор. Секоја година Советот на научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ организира богата ПРОГРАМА за овие десет дена. Оваа година покровител на одбележувањето на најголемиот македонски национален празник Илинден е Претседателот на Македонското собрание, Г-дин Трајко Вељановски. На кратко програмата за оваа година: Утре 2 август, Традиционална прослава Во чест на Крушевската Република на Мечкин Камен 3 август, Влашка вечер, посветена на Питу Гули 4 август, Во спомен на жртвите на холокаустот и во чест на сите Евреи кои се бореле за самостојна Македонија 5 август, Македонски народни песни, концерт на Миле кузманоски 6 август, Вечер на Оперски Дуети „Љубовни Приказни“ Концерт на Билјана Јосифов и Дарко Нешковски 7 август, Гостување на Општина Маврово и Ростуше 8 август, Гостување на Општина Македонски Брод 9 август, Гостување на Општина Мала Преспа 10 август, Затворање на манифестацијата НКС „Десет дена Крушевска Република“ 2014 Настап на етно музичка група „Љубојна“ И на крај, церемонија на спуштање и засолнување на бајракот и почесна стрелба за хероите на Илиндени Крушевскта Република. Почитувани, Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република во 1903 година, по повеќе од еден век на преживеани крвави настани, поделби и војни, претставува една од најсилните и најсветлите манифестаци и како спомен од херојската борба на македонскиот народ за слобода и независност. Илинденското востание, беше историски настан без преседан,повикот до сите обесправени, без оглед на вера и нација, да застанат заедно под знамето на востанието, беше далеку пред своето време. Формирањето на Крушевската Република, претставува аманет да не заборавиме кои сме и што сме. Аманет за високите хумани вредности прокламирани со Крушевскиот манифест. Аманет да се продолжат постапките кои ги поставија апостолите на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев, Јане Сандански, Тодор Александров, Питу Гули, Христо Узунови плејада други македонски борци кои ги дадоа своите животи за слободна и независна Македонија. Аманетот на првиот Илинден беше исполнет со вториот Илинден, кога на 2 август 1944 година, беше одржано Првото заседание на АСНОМ и формирана македонската држава. Ако 1903 година на првиот Илинден, македонскиот народ во Крушево ја формира првата демократска Република на Балканот, ако на вториот Илинден од 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчињски ги положи темелите на македонската државност, тогаш на 8 септември 1991 година македонскиот народ се стекна со целосна самостојност, независност и сувереност. Да расправаме, да се натпреваруваме во нудење идеи и решенија за сите прашања од јавен интерес,тогаш разликите се потребни и корисни. Меѓутоа, кога е во прашање националниот интерес, тука мора да има единство! И по 111 години Илинден и 70 години од АСНОМ, камбаните во цела Македонија повторно бијат за нови „Илинденци“кои ќе го продолжат аманетот на своите предци, да ја продолжат завршната битка, битка за економски развој и битка за зачувување на името и идентитетот. Инспирираат и поттикнуваат делата на големите претци од времето на Филип и Александари на сите оние кои со перо и со пушка, со збор но и со дело го живееле сонот за независна Македонија. Ако во минатото патриотизмот се покажувал со пушка во рака, денес патриотизмот го докажуваме со постигнувања во науката и образованието, во културата и спортот,во економијата и создавањето инфраструктура која значи подобри услови за развој. Да создаваме, оти така се остваруваме како луѓе создадени од Бога, со добра мисла и благослов, за доброто на генерацијата денешна, но и за генерациите што следат. Со мудрата политика, решителност, толерантност и чесност на Премиерот на Владата на Р.М. Никола Груевски, мудроста на Претседателот Ѓорге Иванов и собранието на Република Македонија, не`поттикнаа да работиме неуморно за македонската кауза, да ја градиме нашата држава и да го зачуваме нашиот белег. Стана обичај да се повторува нашата посветеност кон евроатланските интеграции. Да, одамна сме рекле дека наша цел е да бидеме дел од ЕУ и НАТО. Ние сме спремни и за ЕУ и за НАТО. Чекаме само ЕУ и НАТО да бидат спремни за нас, без двојни стандарди и без блокади. Бидејќи, само како МАКЕДОНИЈА и како МАКЕДОНЦИ сме придобивка за Европа и светот! Некои ни велат дека имаме проблем околу името! Да им порачаме од легендарно Крушево: Ние таков проблем немаме! Ние знаеме кои сме и што сме и после 100 години ќе знаеме дека сме Македонци и ќе сме свесни за коренот наш Македонски! Затоа, верувам дека и нашиот јужен сосед, ќе смогне разум и храброст да се соочи со реалноста дека оваа држава се вика Македонија, дека МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНЦИТЕ постоеле, постојат и ќе постојат, како нивни искрени соседи и пријатели! Почитувани Крушевчани, овие десет дена чествување Илинден, бидете добри домаќини како и секогаш, пречекајте ги со насмевка гостите кои доаѓаат, покажете им дека во ова славно Крушево разликите меѓу луѓето не се проблем, туку предност за дружење и харомија. Ги прогласувам Научно-културните средби „Десет дена Крушевска Република“ за отворени и некани е вечна Македонија! Манојил (Мане) Јаковлески, Крушево, 1 август 2014 г. |