|
||||
Денес, кога Макеонија се соочува негирање на македонското име и идентитет, повикот од АСНОМ има огромно значење |
„Во името на новата македонска држава, во името на нејното изградување, ние ви викаме: Уште повеќе зацврснете го единството на целокупниот македонски народ преку Народно-ослободителниот фронт на Македонија - единството, кое ти овозможи создавање на македонската држава, единството, које ќе ти ја сочува таја држава“ – се вели во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за оддржаното заседание на АСНОМ. На 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински започна Првото заседание на АСНОМ. Покрај избраните 116 делегати, на Собранието присуствуваа делегатот на Врховниот штаб и на ЦК СКЈ, делегација од Главниот штаб на Србија, делегати на НОФ, на АФЖ, НОМСМ и др. На Собранието присуствуваа и шефовите на Американската и Англиската воена мисија, акредитирани при Главниот штаб на Македонија мајорот Дикенсон и капетанот Лемби. Првото заседание на АСНОМ претставува државно конституирање на македонскиот народ и народностите во Македонија. На него се донесоа повеќе решенија меѓу кои: за конституирање на АСНОМ во Врховно законодавно и исполнително тело на Македонија; за признавање и одобрување акциите и задолженијата на Главниот штаб на Македонија и на Иницијативниот одбор во периодот до Првото заседание на АСНОМ; за оддавање благодарност на Главниот штаб и на борците на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија; за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава; декларацијата за основните права на граѓаните во демократска Македонија. На Заседанието е избран Президиум во состав: претседател (Методија Андонов-Ченто), двајца потпретседатели (Панко Брашнаров и Мане Чучков) и 18 членови (од кои два секретара - Љупчо Арсов и Владо Полежина), потоа претставници од Македонија за АВНОЈ, како и повеќе помошни тела на Президиумот. Заседанието на АСНОМ за својата работа објави Проглас до македонскиот народ, во кој меѓу другото стои: „На 2 август 1944 година - Илинден - се свика првото историско Антифашиско собрание на народното ослободуење на Македонија - АСНОМ. 122 полноправни представители, синови и ќерки на македонскиот народ, испитани низ маките и искушенијата на Народно-ослободителната борба, собрани на своето прво заседание во манастирот Св. Прохор Пчински, во присаствие на делегатите: од Врховниот Штаб на маршал Тито, војните сојузнички мисии и на Главниот штаб на Србија, ја изразија суверената воља на својот народ и ги донесоја следните решенија: 1. Македонија ја прогласи за федерална држава, во нова демократска федеративна Југославија. 2. Народното собрание се конституира во врховно законодателно и исполнително представителство на македонската федерална држава. 3. Се донесе декларација, со која се гарантира слобода и равноправност на секој граѓанин и граѓанка во Македонија, без разлика на вера, националност и политичка припадност, право на секој граѓанин и граѓанка над 18 години да избира и да биде избран, слобода на совеста и вероисповеданието, право на бесплатна просвета, итн. 4. Се формира Президиум на АСНОМ со функции на привремено народно представителство на македонската федерална држава. 5. Македонскиот народен јазик се воведува како службен јазик. 6. Илинден, 2 август, се прогласува за народен и државен празник во Македонија. 7. Се формира комисија за испитување војните злодејствија, направени од окупаторите и нивните слуги. 8. Се формира комисија за изработување законски проекти на македонската федерална држава. 9. Се избраја 40 представители на македонскиот народ за Антифашиското веќе на народното ослободување на Југославија и неговиот Президиум.“ Во период кога Македонија се уште не е целосно ослободена, врз основа на искуствата од Првиот Илинден, со Прогласот истовремено се повикува македонскиот народ на единство за зачувување на остварениот вековен идеал. Свесни дека македонската држава, создадена по тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови, може да се сочува само со заеднички сили, во продолжение на Прогласот до македонскиот народ се вели: „Слободата е на прагот! Темелите на нашата федерална држава се удрени! Ама баш није сите треба да бидеме на штрек. Сега баш треба да се прибериме сите во Народно-ослободителниот фронт на Македонија во нашата Народно-ослободителна војска, за да (ги) сачуваме придобивките на досегашната борба. Краен е час за секој еден Македонец да го отфрли секое колебание и тргне во последен бој за слобода на нашиот вековно поробен народ. Во името на новата македонска држава, во името на нејното изградување, ние ви викаме: Уште повеќе зацврснете го единството на целокупниот македонски народ преку Народно-ослободителниот фронт на Македонија - единството, кое ти овозможи создавање на македонската држава, единството, које ќе ти ја сочува таја држава! Стани целиот на воражено востание и навлези во својата Народно-ослободителна војска на Македонија, војската која ти создаде држава и која ќе знае да ти ја сочува! Разрасни ги што по скоро своите бригади во мошни дивизии и корпуси! Уште посилно пристапите кон формирањето на народно-ослободителните одбори, органите на новата народно-демократска власт, преко која треба да се соберете за изградувањето на новата македонска држава“! Заседанието на АСНОМ претставуваше потврда за постигнатите политички цели, а едновремено и повик за општа мобилизација на македонскиот народ и народностите за конечна победа, за истерување на окупаторите. Продолжувајќи по патеката на светлите илинденски традиции и Крушевската Република, повторно на ден Илинден, на Првото заседание на АСНОМ, на првото Народно Собрание, симбол на слободата и суверенитетот, македонскот народ пред цел свет ја прокламира својата национална слобода во првата слободна македонска држава по Самуила, како што се вели во Манифестот до македонскиот народ. Со АСНОМ се одбележува почетокот на постоењето на денешна Република Македонија. Ако со АСНОМ, Македонија влезе во рамките на повоена Југославија со ограничен суверенитет, тогаш, својот целосен суверенитет си го поврати по осамостојувањето од Југославија на 8 септември 1991 година. Денес, кога Макеонија се соочува негирање на македонското име и идентитет, повикот од АСНОМ има огромно значење. И денес има потреба во името на македонската држава, во името на нејното изградување, уште повеќе да се зацврсне единството на целокупниот македонски народ преку единствен фронт на Македонија. „Единството, кое го овозможи создавањето на македонската држава, единството, које ќе ја сочува македонската држава“! |