|
||||
Карактеристични црти на Мијаците (2) |
Македонска нација
„Мијаците се храбри, смели, решителни, весели. Мијакот не се сеќава дека покажал пред очите на својот непријател – страв, срамежливост и резерва. Има изобилство на примери за овие квалитети на Мијакот“ - пишува Георги Трајчев во својата „Книга за Мијаците“ (Македонска библиотека No. 12, Софија, 1941). Опишувајќи ги главните карактеристики на Мијаците, покрај нивната моралност, приврзаноста кон родното место, религиозноста, љубовта кон знаењето, природната интелигенција, трудољубивоста, скромноста и конзерватизмот, авторот Г. Трајчев ќе наведе дека тие уште се одликуваат со својата храброст, решителност и духовитост. Мијакот не се сеќава дека покажал пред очите на својот непријател – страв, срамежливост и резерва, вели Трајчев, кој посочува дека постојат изобилство на примери за овие квалитети на Мијакот, за кои пишуваат и историчарите: Иречек (Историја на Бугарите, стр. 348); Виктор Григорович (Есеј за патешествието по Европска Турција, стр. 54); Мафорин (Противречни јужнославјански паметници), Л. Милетич (СП. Б.A.Н. XVI, 21). Оттука тој ќе наведе: „Сарџо од Тресонче „со стап терал како кучиња од мрша“ Турци, заптии и др., кои останувале да преноќеваат во Река, без негова дозвола. Силен бил и Исијан Делов од Росоки; Аврам Божинов и Филип од Осој, хаџи Василко, Јован од Битуше, Ѓурчин од Лазарополе и др. Томо ќеаја од Галичник ги покрсти сите Помаци во 1843 година. Каде се чуло и видело под турско ропство и тоа во еден разбојнички крај, каков што беше Дебарската област, да прекрстиш цели 30 помашки семејства. Ние знаеме за потурчувањето на многу населби во турската држава, знаеме уште за поединечни потурчувања, но за покрстувањето на цели помашки семејства (на број околу 300 лица), никаде нашата историја не спомнува. Не зборува ли овој факт за поголемо национално чувство кај Мијакот, за неговата смелост, решителност и јунаштво. Кој друг од нашето племе извршил сличен подвиг... Реканци, заедно со Дебарчани, излегоа со протест до претставниците на големите сили во Софија, за маките и страдањата на нивните браќа под турскиот режим во 1908 год.“ – пишува Трајчев. Авторот не може, а да не ги спомене и карактеристиките кои ја красат мијачката жена, која е столб во семејството. Повикувајќи се на Иричек и Д. Миладинов, Трајчев за нејзината храброст и решителност ќе напише: „Реканци имаат од своите редови и истакната револуционерка Сирма војвода од XIX век, воспеана во народните песни... Сирма војвода ги обиколувала Кичевските и Дебарските планини. Другарите долго време не знаеле дека е таа мома војвода. Секој ден по 18 часа таа била на нога. Потоа се омажила за еден Мијак од Крушево. На 80 годишна возраст била забележана во градот Прилеп од Д. Миладинов, на кого му раскажала за своето минато. Во нејзината соба Миладинов видел сабји и пиштоли. Мијачка е и Неда од Галичник, хероина од поемата „Сердарот“ од Григор Прличев. Прличев го воспева јунаштвото на Кузман Кареман и мајка му Неда, Мијаци од Галичник, во својата поема „Сердарот“, за која добива ловоров венец на поетскиот конкурс во Атина во 1860 година. Кузман падна херојски во битка со Арнаутите кои го тероризираа неговиот род, а неговата мајка Неда по сослушувањето на пофални зборови на албанскиот војвода за јунаштвото на Кузман, се сврте кон него и со голема дрскост му рече: „До кога предатори голи и разбојници ниедни ќе правите планови за кражби и убиства? Или се радувате дека Кузман загина? Но Река ќе воскрсне и други јунаци, а тогаш јас ќе станам војвода. Зошто сум жена, ако не ја наплатам крвта на своето чедо. Мојот дом е свет и во него има многу оружје и барут“. Освен за храброста, авторот се осврнува и за положбата на мијачката жена за која го вели следното:
Верна на традициите жената на Мијакот преставува столб на семејството. Тоа се манифестира особено во семејниот живот кој го сметаат за свет залог. За љубовта и преданоста на жената кон мажот и семејството авторот ќе забележи: „Таа без мажот не оди на веселби; како пчела во кошница, од се` по нешто за во куќи прави. Додека мажот нажален тргнал за странство, таа со роднини и пријатели надалеку го придружува и со умилниот сожалив поглед разлева како светла ѕвезда пријатна светлина во помрачената душа. Од секое слатко за јадење и убаво за носење му праќа, a од расол и јувките чува додека тој се врати. Пред заемодавецот или омразениот непријател го застапува и со умолителен тон го смирува. Доколку жената остане вдовица, во ретки случаи се премажува. Таа мажествено и безпоговорно ја одгледува својата рожба, додека порасне. Нејзиниот внатрешен оган, живот и душа, постепено влегуваат во малото суштество. Со својствената мајчина љубов, тукашната мајка умее да се справи по 9 годишна возраст, со заведено и заскитано дете во странство, да не се оттргнува од умот на милата мајка и своето родно место“. Вака воспитани од мајчината љубов, татковото огниште постојано предизвикува воздишки кои често ги тераат машките деца да се вратат во своето родно место, а тукашната мома, како што вели авторот, „повеќе да сака на татковото огниште да расплетува бела коса, од колку да води маж од друго племе“. За меѓусебното помагање авторот бележи: „Доколку се гради куќа, му помагаат со дарови, доколку се ожени некој, му позјмуваат пари, а неговите роднини му подаруваат и по некоја покуќнина. Жените постојано си помагаат во некое давање-земање во домашните потреби“. Жителите на село Лазарополе биле прикажани како мајтапчии, шегаџии, весели луѓе и сл. Авторот Трајчев за нивната духовитост ни презентира неколку примери: „Дедо Угрин бил еден од најголемите хумористи. Тој никогаш не се смеел. Еднаш тој минувал заедно со еден караван крај еден манастир. На другите им рекол дека ќе оди во манастирот да се исповеда. Во манастирот го сретнал игуменот пред кого се претставил како прост човек. На прашањето на игуменот – Што бараш чедо? – дедо Угрин му одговорил дека дошол да се исповеда: - Кажи го гревот – му рекол игуменот. - Прашај ме, не знам. - Одиш ли по лоши патишта? - Кај нас патиштата се сите лоши. - Не, не, одиш ли по жени? - Кај нас ако напред одам, жената е по мене, ако таа напред оди, јас одам по неа. Заедно не можеме да одиме, бидејќи патиштата се тесни. - Ништо не знаеш, греот тие простен, немаш гревови. И така дедо Угрин се вратил кај своите другари исповедан. Кога кажал на другарите што се случило сите почнале да се смеат“. Има многу слични шеговити настани, кои на времето и отпосле, биле тема на денот во разговорите, се` до нови случки кои не биле ретки. Во тој контекст авторот ќе презентира уште еден настан за кој смета дека е важен за одбележување, а во кој се вели: „Кај браќата Доне и Секо од Лазарополе Дамчуловски постоеше нетрпеливост, но не взаемна. Првиот бил намуртен, секогаш незадоволен и крајно затворен во себе човек, а вториот обратно. Често пати поради тоа имало закачки. Еднаш оделе заедно на пазар во Елбасан (Албанија) по нарачка на локалните бакали за да им донесат чист елбасански зејтин и тутун за продажба. Со нив патувале и други луѓе. Од Лазарополе до Елбасан и назад до Лазарополе, Доне никако не одговарал на помалиот брат, колку овој и да го предизвикувал и потикнувал на разговор. Помалиот, Секо, во Елбасан си купил кече (капа), па по пат кого видел, кого сретнал, го прашувал: Еј, пријателе, кажи ми дали е убава капата која си ја купив? Прашаните присилно одговарале, но учтиво ја одобрувале. И така истото го правел се` до Лазарополе. Во меѓувреме, Доне се лутел во себе, без да каже ниту еден збор. Кога дошле во Лазарополе, на првиот што го сретнале, му било поставено истото прашање. Тогаш Доне нервозно проговорил: „ Доста веќе, од Елбасан до овде, се` исто па исто дрдориш, капата па капата“, притоа изговарајќи тешки зборови на сметка на капата. А Секо на тоа одговорил: „Така те сакам бе брат. Да ми прозбориш. Зошто од овде до Елбасан и од Елбасан до овде ти ништо не ми одговори. А јас вака ќе направам со оваа капа“. Откако ја зел и ја буфнал капата од земја, рекол: „Сега сум раат, братот Доне ми одговори“. Постојат уште многу други такви стории. Една од нив била за дедо Фидан од Лазарополе, кој бил мајстор во некое грчко село, таму накај Кајлари. Авторот пренесувајќи го Иван Рафаилов од Лазарополе за сторијата на дедо Фидан пишува: „Тој често одел во црква, особено недела. Бидејќи немало славјанска црква одел во грчка црква. Иако ништо не разбирал од грчкото пеење, тој ги следел Грците, и се крстел кога и тие. Грците го приметиле и го натерале предвреме да пее на црковнославјански „Оче наш“, кога за тоа имало потреба за црковното пеење. Но, тој и таа молитва не ја знаел, но не дозволил да го приметат. Кога имало потреба, на дадениот знак од Грците, тој пеел: Тумба, тумба дивина, Јавна коња Пауна, Пауново перце, Ја перце - нурце, Ја нурце - пченичка, Ја пченичка – воденичка, Ја воденичка – брашенце, Ја брашенце – лебец, Ја лебец – ручок. А Грците крстат ли се – крстат!
|