Историја

Македонската емиграција во Швајцарија со широка акција за самостојна Македонија

Anastas Kotsarev

Anastas Kotsarev„Чест ми е да го известам Господинот Министер дека на 12 тек. месец во Женева било одржано едно собрание на Македонците, на кое присуствувале 14-15 лица… д-р Коцарев истакнал дека Македонија не може да и припадне ниту на Србија ниту на Бугарија. Таа мора да биде одделна независна држава, а Македонците, според веќе истакнатиот принцип на „самоопределувањето на народите”, имаат да решат каква државна форма сакаат и дали сакаат со нив да бидат во заедница.“ – пишува во доверливиот извештај бр. 1009 на Застапникот на Министерот за внатрешни работи и Министер за финансии на избегличката влада на Србија од 7 септември 1918 година.

При крајот на Првата светска војна македонската емиграција во Швајцарија, составена главно од интелектуалци, покажала жив интерес за судбината на својата земја. Под раководство на д-р Коцарев, лекар, приватен доцент во Женева, таа се бори за афирмација на идејата за самостојна Македонија. Основната девиза со која истапуваат пред својата и светската јавност е дека Македонија не им припаѓа ни на Бугарите, ни на Србите, ни на Грците.

Во услови на Првата светска војна, македонската емиграција во Швајцарија доследна на основната програмска цел на македонското национално движење започнува широка акција со која се пропагира барањето за автономија на Македонија, што ќе го привлече вниманието на српските власти. Нивната борба за самостојна  Македонија, може да се види и од извештај на српскиот делегат во Женева, испратен до Стојан. Протиќ, застапник на претседателот на Министерскиот совет и на министерот на надворешните работи.

Застапникот на Министерот за внатрешни работи и Министер за финансии, чиј потпис не јасен, во доверливиот извештај бр. 1009 на Министерството за внатрешни работи од 7 септември 1918 година, за активностите на македонската емиграција во Швајцарија ќе напише:  

„Господине Министре, од својот делегат во Женева го добив овој извештај:

„Чест ми е да го известам Господинот Министер дека на 12 тек. месец во Женева било одржано едно собрание на Македонците, на кое присуствувале 14-15 лица.

Иницијативата за ова собрание ја зел д-р Коцарев, родум од Охрид, приватен доцент на Женевскиот универзитет, кој од пред 10 месеци има наш паспорт, бидејќи не сакал да се одзве на поканата од бугарските власти, нити да го прими нивниот паспорт. Како свикувач на собранието, д-р Коцарев им објаснил на присутните дека целта на нивниот состанок е да се договорат за да се организираат сите Македонци што живеат во Швајцарија и во странство и да создадат веднаш еден комитет кој би ја раководел нивната заедничка работа. Во почетокот на својот говор д-р Коцарев истакнал дека Македонија не може да и припадне ниту на Србија ниту на Бугарија. Таа мора да биде одделна независна држава, а Македонците, според веќе истакнатиот принцип на „самоопределувањето на народите”, имаат да решат каква државна форма сакаат и дали сакаат со нив да бидат во заедница. Развивајќи ја теоријата за потребата од самостојна Македонија, д-р Коцарев укажувал на лошите резултати кои, според него, ги покажала Србија во време на своето управување, а особено го нападнал денешниов државен режим во Македонија кој, според неговите зборови, е многу полош и понеподнослив од српскиот и кому апсолутно не може и не смее да му се верува.

По кратко објаснување собранието преминало на избор на комитет кој би ја претставувал организацијата и во печатот и пред владите, како на војувачките така и на неутралните држави. Според една на собранието подготвена листа во комитетот би требало да влезат: покрај д-р Коцардв од Струга, д-р Шајканов од Кочани (можеби од Штип или од Крива Паланка), д-р Морголијан од Скопје со брата си (Ерменци), двајца Турци, двајца Албанци, еден Грк, а од Србите единствено присутниот Александар Богоевиќ, трговец од Тетово.

Бидејќи на собранието се забележало дека не се доволно застапени сите народности што живеат во Македонија, раководителот на собранието д-р Коцарев предложил изборот на комитетот да не се заврши, туку да се свика друго собрание за избор на комитетот, а дотогаш сите најживо да работат што повеќе да ги заинтересираат своите земјаци, подвлекувајќи дека за тоа што во комитетот не се доволно претставени сите народности, а особено Србите, би им се приговорило дека не работат искрено, па можеби и за туѓа сметка.

“Известувајќи го Господинот Министер за ова собрание, чест ми е да наспоменам дека иницијаторот д-р Коцарев уште од порано е познат како приврзаник на самостојна Македонија, која би имала да влезе во една балканска федерација. Дали тој и во овој случај работи од убедување или, свесно или несвесно, сака да им служи на бугарските интереси во моментот кога се забележува дека Македонија е изгубена за Бугарија, не може засега со сигурност да се рече, но јас ќе водам сметка за неговата понатамошна работа и за се ќе имам чест да го известувам на време Господинот Министер. Што се однесува пак до Богоевиќ, кој, како што погоре спомнав, бил присутен на собранието, него веднаш го повикав и можам да речам дека нема да биде во идната организација ни во комитетот, ако воопшто дојде до нивното создавање”.

Чест ми е да ви го испратам горното на Ваше знаење и да Ве уверам во мојата особена почит.“ (Архив СР Србије (Београд), Министарство унутрашњих дела. Избегличка влада. Фонд Крф. Полициско оделење пов. бр. 1009.)

Во 1918 година, под раководство на д-р Коцарев во Швајцарија било формирано „Македонско друштво за независна Македонија“, чија цел исто така се состоела да ја спроведува идејата за независна Македонија. Во тој поглед, посебно место му припаѓа на емиграцијата во Швајцарија, чии друштва се обединија во „Генерален совет“ во Женева, кој развил жива активност во Европа и Америка за афирмација на оправданите барања на македонскиот народ пред Мировната конференција. Генералниот совет најостро реагирал против обидите на бугарските дипломати да истапуваат од името на Македонија. Во еден момент тој побарал од Мировната конференција Македонија да се организира како автономна единица и потоа да се приклучи кон новата држава, позната како кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС).

Меѓутоа, по војната, ниту едно од барањата на македонскиот народ не било земено во предвид. Париската мировна конференција едноставно ги санкционирала одредбите од Букурешт од 1913 година. Единствена  корекција што била направена е приклучувањето на Струмица и околината со 60 илјади души кон новоформираното кралство на СХС.

(извор: Историја на македонскиот народ, Скопје, 1988 г., стр. 213 – 215; Долументи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје, 1981 г., стр. 593 – 595) 

Македонска нација

Најново од: Историја

Документи за присилните иселувања од Пиринска Македонија

Два извештаи од 1952 година ја бележат судбината на стотици семејства Два документа, како извештаи од архивите на бугарската Државна безбедност, содржат податоци за присилно иселување семејства од Пиринска Македонија. Во нив репресијата се оправдува со зајакнување на границата, а погодените луѓе се заведуваат како „предавници на татковината“ и „непријателски елементи“. Според пренесената содржина, извештаите […]

Македонија во 1919 година: надежта за автономија и очекувањата од Америка

„Лидерите на големите сили на Париската мировна конференција, 27 мај 1919 година, на која се разгледувало и македонското прашање.“ Извадок  на оперативниот дневник на Врховната команда на Кралството СХС зборува за обединета автономна Македонија со центар во Солун, петиции до Вилсон и надеж во американска помош. Дипломатските документи го потврдуваат постоењето иницијативи за автономија. По […]

МУТАЦИИ НА БУГАРСКИОТ СИНДРОМ

Кога ќе навлезеш во калта, назад – нема. Пропаѓаш. Токму тоа ѝ се случува на Бугарија, во безумностите против Македонија. Се залетаа и бараа да се согласиме дека нашите татковци и дедовци биле „Бугари“, што значи дека и ние сме тоа, и дека сите сме зборувале бугарски дијалект! Ем ние „Бугари“, ем јазикот нивен. Така […]

Цакони Мегленско, памети: сведоштва за загинатите во 1907 и 1948 година

Марија Воденска ги зачувува имињата и семејните сеќавања за жителите на Цакони, Мегленско, чии судбини останале длабоко врежани во паметењето на нивните потомци. Марија Воденска (Делова-Дургутова) Историјата на едно село ја сочинуваат и имињата што неговите жители ги пренесуваат од поколение на поколение. За Цакони, во Мегленската област, Воденско, таквите сеќавања се поврзани со трагични […]

23–24 октомври 1912 година – Кумановската битка

Крајот на османлиската власт не ја исполнил македонската надеж за слобода и сопствена држава На 23 октомври 1912 година, во Кумановско започнала една од решавачките битки во Првата балканска војна. Во дводневниот судир меѓу српската и османлиската војска, завршен на 24 октомври, османлиските сили претрпеле пораз што значително влијаел врз натамошниот тек на воените дејства […]

Зошто треба да си горд Македонец од Беломорска Македонија

Пишува: Новица Арсовски Од борбата кај Д’мбени до зачувувањето на мајчиниот јазик – историја на пожртвуваност, страдање и истрајност Да бидеш Македонец со корени од Беломорска Македонија значи да носиш семејно и историско наследство што поминало низ востанија, војни, преселби и забрани. Во тоа наследство се испреплетуваат имињата на селата, спомените за предците, мајчиниот збор […]

Воздигнување на Александар Трети Македонски во оазата Сива во Египет

Кога Александар Македонски и неговата придружба најпосле пристигнаа до оазата Сива, беа изненадени од големите и необични стебла на урми и маслинки и од богатството со вода од многубројни извори и езера. Храмот на пророштвото беше во тврдината наречена Агхурми. Денес можат да се најдат остатоците на храмот надградени со модерни куќи, па не може […]

21 октомври 1943 година – (Фотограифи) Издеглавје – Дебрца го отвори патот кон македонската црковна самостојност

На патот кон признавање и осамостојување на Македонската православна црква-ОА Во виорот на Втората светска војна, на слободната територија во Дебрца, македонското свештенство ја потврдило својата определба да биде со народот – во борбата за слобода, за сопствен црковен живот и за духовно достоинство. На 21 октомври 1943 година, во селото Издеглавје, во куќата на […]

To top