Историја

На 21 мај 1903 година: Oд предавство во Могила загинаа војводите Цветков и Дедо Андреја со 14 комити во бој со 300 души аскер

Предадени и опколени, во нерамна борба со аксер и полиција, на 22 мај 1903 година, во битолското село Могила загинале војводите Дедо Андреја и Парашкев Цветков. Со нив загинале или се самоубиле уште 13-14 комити, кои воделе 36-часовна борба 20 комити против 300 души аскер и османлиски жандарми, а за тоа известиле и странски медиуми (објаснето во видеото).

Андреја Петров Блажески – Расолкоски, познат како Дедо Андреја е роден во 1861 година во селото Мало Црско, кое во османлискиот период било Демирхисарско, а подоцна административно припаѓа во Кичевската општина.

Дедо Андреја првин бил ајдутски војвода, а потоа заминал на печалба во Романија. По враќањето во Македонија (1900 г.) бил во неколку чети меѓу кои и во четата на Јордан Пиперката, а во 1901 г. станал прилепски војвода.

Цветков е роден во 1875 година во Плевен, во Бугарија, завршил гимназија во Софија и потоа учителствувал три години. Во 1897 година заминал во Прага (Чешка), а потоа во Дрезден (Германија), каде студирал музика. По враќањето станал професор во Битолската егзархиска гимназија (1902). Тој како учесник на Смилевскиот конгрес бил избран за еден од секретарите.

Три верзии за предавството

По Смилевскиот конгрес, кој се одржал на почетокот на мај, покрај одлуката за кревање на востанието, исто така била направена реорганизација на четите. Така во четата на Парашкев Цветков, револуционер, музичар и педагог, биле префрлени двајца четници од четата на Тома Давидов. Тоа биле Васил Дурмиш од Мало Црско и Иван (Ванчо Ѓорѓиев) од Големо Црско, соселани на Дедо Андреја, кој исто така бил во четата на војводата Цветков која броела 20-тина комити.

Во тој период ситуацијата во Битолско била многу заострена, по судирот на османската потера и селаните од село Цапари и колежот во Битола на 6 мај (Ѓурѓовден) 1903 година. Деноноќно османските потери крстосувале низ Битола и околината. И покрај таквата опасност четата продолжила да ги исполнува планираните задачи за подготвување на населението од овој реон за востание.

При обиколка на пелагониските битолски села, на 20 спроти 21 мај 1903 година, четата на Цветков пристигнала во Могила. Тука требало да остане и наредниот ден, со задача да собира храна, која требало да се складира за востанието. Набргу се покажало дека ризикот чета да остане во полските села бил многу голем. Тие уште истата ноќ биле предадени на османската власт во Битола.

За предавството во Могила има неколку верзии. Според една четата била предадена од шпионот Димитрија – Диме Макало од село Црнобуки, а втората дека предавникот бил Ристе од селото Секирани, кој подоцна бил осуден поради ова предавство и ликвидиран од војводата Ѓорѓи Сугарев. Третата верзија е дека четата била накодошена и од двајцата.

Утрото на 21 мај 1903 година од рани зори Могила било опколено од повеќе стотини аскер и жандарми, а на чело на жандармеријата се наоѓал битолскиот башполиц (главен полицаец), Саид Ефенди.

Могилчани го предупредиле војводата Цветков дека османлиите го опколуваат селото, но тој бил понесен од револуционерната атмосфера и борбениот дух кој владеел во четата и отпочнал бој.

Во нерамната борба, биле убиени или се самоубиле 13-14 четници, меѓу нив и најстариот војвода Дедо Андреја од Мало Црско, потоа помладиот војвода Параскев Цветков и најмладиот четник – секретарот на четата, гимназијалецот Димитар Филдишев.

Песна за херојската борба во Могила

Во борбата настрадало и селото Могила, дел од куќите биле опожарени и опустошени, а биле убиени и неколку жители, меѓу кои и три жени.

Дописникот Франсис Јансен од Данска, кој другиот ден дошол на местото на настанот и разговарал со селаните, запишал дека комитите пееле додека се бореле и гинеле во исконската желба за слобода на Македонија.

По 36-часовна борба, тешко ранет, војводата Цветков извршил самоубиство.

За овој чин критички се огласил и Никола Петров Русински. Тој сметал дека виновник е војводата Цветков, зашто навреме не презел мерки. Русински го упатил ова гледиште до Штабот на Битолскиот револуционерен округ за да ги заштити комитите кои успеале да се извлечат живи, а кои требало да бидат осудени на смрт, според правилата на организацијата.

Во чест на битката кај селото Могила е испеана песната „Во могила Цветков мртов падна“ во која е опеана херојската борба, а во последната строфа на песната се вели:

Заради братство и за слобода,
лежи спокоен славен јунак,
лежи спокоен Цветков војвода!

Селото Мало Црско во кое е роден Дедо Андреја, во Османлиското царство било во Демирхисарската нахија, во Битолската каза. Денес административно припаѓа во Општина Кичево, а според последниот попис од 2002 година имало само еден жител, кој постојано живеел во селото.

Песна за јуначката битка во Могила

В Могила влезе четата
на чело Цветков војвода,
дедо Андреја со него,
Ѓорѓи Смилевче со него
и деветнаесетмина комити.
Ми ги догледа Димитри,
чорбаџи од клето Црнобуки.
Диме ми нешто намисли:
Диме замина Битола,
на паша абер му даде:

– Де гиди паша, валија,
в Могила е Цветков војвода,
дедо Андреја со него,
Ѓорѓи Смилевче со него
и деветнаесетмина комити.
Забери аскер, полици,
забери Турци полјаци,
забери башибозуци,
селото да го сардисаш,
Цветков војвода да фатиш,
со него дедо Андреја,
Горѓи Смилевче со него,
и деветнаесетмина комити.
И мене, паша, да земиш,
да не ме мене убијат!

Пашата вели, говори:
– Ашколсун Диме чорбаџи,
ашколсун Диме кодошу!
Аваџи табор ce земам
и живи ќе ги донесам:
– Цветков војвода на чело,
дедо Андреја со него,
Ѓорѓи Смилевче со него
и деветнаесетмина комити.

My рече Диме чорбаџи:
– Слушај бре паша, валија,
аваџи табор малку е,
повеќе војска да земиш!
– Јунак е Цветков војвода,
јунак е дедо Андреја,
јунак е Горѓи Смилевче,
јунаци се сите комити!
Тогаш му рече пашата,
пашата ем валијата,
валијата на град Битола:

„Де гиди Диме чорбаџи,
земи си пари од кесе
колку ти фаќа раката,
се чисти жолти, жолтици.
Јас паша ќе те одредам,
мулјазим ќе те направам,
дека ја чета предаде
на Цветков млад војвода.”
Диме чорбаџи се излага,
си зеде пари од ќесе,
четата ми ја предаде.

Пашата викна, подвикна:
Саид ефенди да дојдит!
Саид ефенди ми дојде,
селам му даде на паша,
на паша ем на валија.
– Саид ефенди, башполиц,

тебе те имам првенец,
првенец меѓу Турците.
Земи си табур – биринџи
со седум-осум илјади
и десет чифта топови
со многу тешки ѓулиња.

Дури да ми се обзори,
дури да изгреј сонцето,
сардисај село Могила!
Таму бил Цветков војвода,
таму е дедо Андреја,
таму е Горѓи Смилевче,
таму се други комити.
Сношти таму отишле,
денес абер зедовме
од нивни Диме чорбаџи,
од клетоно Црнобуки.

Запомни Саид ефенди:
Никој рушвет не ќе земате!
Пашата ќе те одредам,
Битола да ја повелаш,
ако ги најдеш комити
и живи ми ги донесеш!
Селам му даде башполиц,
башполиц Саид ефенди.
Отиде право в касарни,
во бели и во црвени,
одреди табур бириџи
со седум-осум илјади
и десет чифта топови
со многу тешки ѓулиња.

Дури да ми се обзори,
дури да сонце изгрее,
сардиса село Могила.
Пособра сите селани,
та што им вели, говори:
„Селани, вие могилци,
овде имате комити!
Тука е Цветков војвода,
дедо Андреја со него,
тука е Горѓи Смилевче
и деветнаесетмина комити.

Сношти овде дојдоа,

денес абер зедовме
од вашјот Димо чорбаџи,
од клетоно Црнобуки.
Каде се крие четата?
Каде е Цветков војвода,
каде е дедо Андреја,
каде е Горѓи Смилевче,
каде се друѓи комити?
Кажете, да не бараме,
куќите да не гориме!

Селани велат, говорат:
„Саид ефенди, башполиц,
сите ние изим даваме,
таква работа немаме;
Цветков војвода не знајме,
дедо Андреја не знајме,
Ѓорѓи Смилевче не знајме,
други комити не знајме!“

Разлутен Саид ефенди
разлутен Саид башполиц,
пособра двајсет селани,
Ристе коџобаши со него
и десет души аскери,
аскери од најлошите,
аскери од најлутите.
Прегледа сето Могила,
комити нигде не најде:
He најде Цветков војвода,
не најде дедо Андреја,
не најде Горѓи Смилевче.
Уште една куќа остана.
Саид ефенди застана,
застана та му говори:

„Селани, вие Могилци,
овдека напред врвете,
куќава да се прегледа!“
Селани тогаш рекоа:
„Саид ефенди, башполиц,
овдека шубе имаме,
зашто е куќа без стопан,
белки е некој кондисан.
Затоа напред не ојме!“

Разлутен Саид ефенди,
разлутен Саид башполиц,
со десет души аскери,
аскери од најлошите,
аскери од најлутите,
в левата рака калачка,
в десната рака леворвер,
почна во дворје да влегва.
Подвикна Цветков војвода,
којшчо седеше на баџа:
„Застани, Саид ефенди,
застани, Саид башполиц!
Тука те тебе чекаме
на нишан да те земеме.
Пашана ќе те одредам
Битола да ја повелаш!“

Колку го зборот изрече,
сичките пушки згрмија,
Саид ефенди убија,
Саид ефенди башполиц
и десет души аскери,
аскери од најлошите,
аскери од најлутите.
Турската труба засвири,
згрмија пушки, топови,
со многу тешки ѓулиња,
од четири страни Могила.

Земја и небо трептеја,
жени и деца спиштеја.
Силен се оган отвори,
изгоре сето Могила.
Подвикна Цветков војвода:
„Крепи се, дедо Андреја,
крепи се Горѓи Смилевче,
и моја верна дружино!
Удрете, не се боете,
додека патрони имате!
На оние ѓупци аскери
да не се живи давате,
да не ве мачат в Битола,
во пусти црни зандани!“

Времето ми се помрачи,
куќата ми ја сурнаа,
Цветков војвода убија
и единајсет души четници.
Осумте души излегоа
од турски обрач в Могила,
отидоа Црнобуки,
викнаа Диме чорбаџи:
„Излези, Диме чорбаџи,
сега ние ќе ти платиме,
зашто ти не куртули
од она пусто Могила.“
Излезе Диме чорбаџи
пеплосан в лице, ожолтен.

Ми го врзаа комити,
лева му рака пресекоа,
со која ги зеде парите;
Десна му рака пресекоа,
со која даде потписо;
Главата му ја одрежаа,
мулјазим го одредија.
Бела му книга пратија
на битолскиот валија:
– Слушај бре паша, валија,
испрати дваесет текови,
крени си твои лешови,
лешови ѓупски, аскерски,
поцрне од нив Могила.

Испрати до два ландони,
земи го твојот пашалар,
пашалар, турски првенец,
пашалар Саид ефенди,
Саид ефенди баш полиц.
Голем му нишан дадовме
Битола да ја повела.

(Oд книгата: БИТОЛА БАБАМ БИТОЛА
Народни песни во кои се спомнува Битола,
Издадена: Битола, Октомври 1969 год)

(Подготвил: Д.Г.)

Најново од: Историја

Годишнина од Гавгамела: Решавачката битка што го отвори патот кон Александаровото Царство

На 1 октомври 331 година пред нашата ера, Александар Велики ја победил војската на персискиот цар Дариј III кај Гавгамела. Победата претставувала решавачки пресврт во освојувањето на Персиското Царство и во создавањето на неговата огромна империја. Битката кај Гавгамела останала запаметена како една од најзначајните воени победи во античката историја. Соочен со побројна противничка војска, […]

Александар Трети Македонски освојува голем дел од Мала Азија

Од победата кај Граник до походот кон Киликија: освојувањата, легендата за Гордиевиот јазол и опасната болест што го запрела неговото напредување. Во првата година од војната Александар Македонски постигнал големи успеси. По победата кај Граник, голем дел од Мала Азија, сè до реката Сангар, паднал под негова власт. Персиската флота ги изгубила пристаништата на тој […]

Зошто Македонија низ историјата била делена – и зошто борбата за нејзината историја трае и денес?

Македонија со векови се наоѓала на крстопатот меѓу Истокот и Западот, на простор низ кој минувале војски, трговски патишта, империи и интереси. Но зошто токму Македонија толку долго била предмет на војни, поделби, пропаганди и спротивставени историски претензии? И уште поважно: колку Европа знаела за сето тоа и зошто интересите на големите сили толку често […]

Под каков идентитет се земаа и се иселуваа македонските деца?

Едно од најзначајните прашања со кои се запознав при истражувањето на чедособирството, а на кое не му е дадено соодветно внимание, е разликата во ставовите меѓу славофонските и грчкофоните села во северна Грција. Извештајот на УНСЦОБ известуваше за расположението на селаните во славофонските области и реони: тие, воопшто земено, биле многу подготвени да им дозволат […]

Крушоради, 1902: последната борба на војводата Дине Кљусов

На 28 септември 1902 година, по целодневна борба во Крушоради, Леринско, загинале војводата Дине Кљусов и тројца негови соборци. Нивната чета била предадена и опколена од османлиската војска. Дине Кљусов бил еден од револуционерите што дејствувале во четата на Марко Лерински. Во 1902 година Леринско било погодено од потери, предавства и вооружени судири. Кљусов учествувал […]

Востанието се проширува во Серскиот округ

Илинденското востание не завршило со падот на Крушевската Република. На 27 септември 1903 година, на Крстовден, започнале планираните востанички дејства во Серскиот револуционерен округ. Во летото 1903 година, додека во Битолско веќе се воделе жестоки борби, револуционерите во Серскиот округ се подготвувале за дејствување. На конгресот одржан во Пирин било решено востанието таму да започне […]

Драмското востание во 1941 година: отпор и трагедија во Егејска Македонија

Во ноќта меѓу 28 и 29 септември 1941 година, востаници во Драмско се кренале против бугарската окупациска власт. Востанието траело кратко, но репресалиите што следувале оставиле длабока рана во источниот дел на Егејска Македонија. По окупацијата во 1941 година, населението во Драмско живеело под воена и полициска контрола. Во такви околности бил организиран вооружен отпор, […]

Тајниот македонски комитет – основан 1885 година во Софија

Во втората половина на XIX век, во време кога Македонија била изложена на силни и меѓусебно спротивставени пропаганди, меѓу македонската интелигенција се појавуваат организирани обиди за афирмирање на посебноста на македонскиот народ, неговиот јазик и црковната самостојност. Еден од најзначајните такви рани обиди бил Тајниот македонски комитет во Софија. Формирањето на Тајниот македонски комитет Тајниот […]

Најнови вести

To top