|
|
Слатките звуци на македонскиот јазик |
Во време кога грчкото свештенство доминира во Охрид Македонската граѓанска класа својата борба против црковната и општествено-економска грчка доминација во рамките на Отоманската Империја ја започнува кон средината на XIX век. Тоа е период кога Македонците масовно се бунат против фанариотските владици и грчката Патријаршија и бараат обнова на укинатата Охридска архиепископија во 1767 година, протерување на грчките свештеници, ракополагање на владици со месно македонско потекло, како и создавање на македонски црковно-просветни училишта. Во овој период насекаде низ Македонија се издига духот на посебна народност и желбата за учење на мајчин јазик. Меѓутоа, македонскиот народ соочен со политички игри и притисоци од страна на грчкото свештенство, како и со недостаток на материјални средства, не бил во можност да ја спроведе својата желба ниту брзо, ниту лесно. Тоа посебно го чувствувале Охриѓани кои биле под силно влијание на грчката црква. До средината на XIX век во Охрид имало само грчки училишта. Во 1859 година, самарџијата Георги Мустрев со синот Никола го отвораат првото приватно вечерно училиште на македонски јазик во маалото Месокастро во Охрид. Георги кој учел во Бигорскиот манастир и син му кој учел во Зографскиот манастир биле во постојана коресподенција со Партенија Зографски, кој ги поттикнува да го отворат училиштето. Во време кога грчкото свештенство доминира во Охрид, Георги без никакви средства го отвора училиштето, каде бесплатно предава славјанско писмо на неколку деца. Тоа го прави навечер за да го избегне прогонувањето на митрополитот и на охридските гркомани, како и поради своите занаетчиски активности кои не му оставале слободно време во текот на денот. Георги за кратко време го фрли семето на народното будење меѓу народот. Иако без пари и поддршка од своите сограѓани, тој не само што не зема пари за својот труд, туку им делел и бесплатни учебници на децата од сиромашните семејства. Набргу бројот на учениците се зголемува, а четворицата синови на Георги ги распределуваат децата во одделенија и ги учат буквари, часослови, псалтири. Сето тоа го привлекува вниманието на јавноста не само во Охрид, туку и пошироко. Во статијата објавена во „Цариградски вестник“ од 10 март 1860 година, авторот ќе забележи: „Родителите почнаа од ден на ден повеќе да ја вкусуваат сладоста на својот татков јазик... И така секој почна да го испраќа своето дете во тоа училиште. А сега, докај триста деца во куќата од Горгија се учат“. Ова го потврдуваат и „Српске новине“ од 30 април 1860 година. Авторот, пишувајќи за училиштето на Георгија, кое тајно му го посветува на Кирил и Методиј, ќе забележи дека: „Одамна овде постои училиште и многу младина го посетува, но слаба беше користа за учениците од тоа училиште, зашто во него се се предаваше на грчки јазик, кој овде само децата на неколкумина Грци, трговци, како свој мајчин јазик го разбираа, сите усилби на граѓаните во училиштето да се заведе предавањето на народен јазик останаа без успех, зашто владиката Грк се спротивставуваше на тоа. Но, желбата за мајчин јазик ја совлада и таа пречка. Пред 10 месеци овде се отвори, без да знае владиката, во куќата на Ѓорѓи Мустрев, училиште во кое за прв пат, по толку векови, се слушнаа слатките звуци на народниот славјански говор. Но и сега требаше да се употреби особена претпазливост за да се обезбеди успех. Ноќе таму се предаваше, зашто дење не смееше да се работи доброто дело. Па и тоа не го попречи успехот. Љубовта се` надвладува. Бев на испитот на тие ученици и се восхитував на нивните брзи и јасни одговори на поставените им прашања од географијата на Европа, славјанската граматика, општата историја, веронауката и уште некои предмети. Но, најмногу ме восхити постигнатиот успех во пишувањето. Ми ги покажаа прописите што тие деца, по деветмесечно учење, ги напишале, кои би можеле да им направат чест на учениците на кое и да е училиште во Европа. Најдобри во тоа се Христодуел Димитриев и Серафим Цветков. Кога човек ова ќе го види, не сакајќи му доаѓа на ум во мислите да ја измери штетата што грчкото свештенство, прогонувајќи го низ векови народниот јазик, му ја нанесе на славјанското племе. Прости да се старите борби меѓу древна Византија и нашите предци: тие извираа од политичките погледи...“ Успесите на Георги Мустрев, еден од првите дејци на народното будење, го навлекува гневот на владиката Мелетиј, кој ги клевети кај турските власти дека се панслависти, за што одлежува неколку месеци затвор во Дебар, заедно со Глигор Прличев, Јаким Сапунџиев и Стефан Мустров. Штетите од таквата политика на фанариотски Владици и грчката Патријаршија кон македонскиот народ се огромни, а последиците се чуствуваат повеќе од сто и педесет години. Погледнати од денешен аспект, редовите испишани во далечната 1860 година во „Српске новине“, делуваа како претскажување за масакрите кои Грците подоцна ги извршија врз македонскиот народ, како и притисоците кои Грција ги врши денес врз Македонија. Тогаш авторот за грчката политика кон Македонците ќе забележи: „Но кој ќе ги оправда нашите браќа по вера што со најсветото име - името христијанско, таква неправда му прават на племето славјанско? Не, за тоа никој не може да ги оправда, па ни самата нивна корист, што можеби ја имаат пред очите. Таквото однесување кон нас во она време кога благотворните наредби на хати-хумајумот му допуштаа на секое племе во Царството да се развива и да се просветува, носи во себе никулец за идните расправии и крвави судири, кои уште однапред треба да се оплакуваат“. Оттогаш па се` до денес многу солзи протекоа за да може барем на еден дел од територијата на Македонија слободно да се слушаат слатките звуци на македонски јазик.
|