|
|
АНТИЧКО-МАКЕДОНСКИОТ ИСТОРИЧАР ЛЕОН ОД ПЕЛА (IV ВЕК ПРЕД ХРИСТА) |
Александар ДОНСКИ Во нашата јавност е малку познато дека постоеле автохтони античко-македонски историчари кои своевремено биле автори на значајни историски дела. За жал, ниту едно од овие дела денес не е сочувано. Единствено постојат антички сведоштва од други автори (нивни современици или подоцнежни автори) за античко-македонските историчари и нивните дела. Всушност, добар дел од сведоштвата за античките македонски историчари се наоѓаат во приватната колекција на ракописи на германскиот професор Феликс Јакоби (1876 - 1959). Тој бил професор по класична филологија во Киел од 1907 до 1935 година. Во 1939 година се преселил во Оксфорд, каде продолжил со работа. Во текот на својата кариера успеал да собере неколку илјади фрагменти од оригинални текстови од антички автори. Меѓу нив има и такви автори кои сведочеле за постоењето на извесен број античко-македонски историчари. Македонската етничка припадност на овие историчари се препознава според придавката “Македонецот” која некои од нив си ја додавале на своите имиња или според името на македонскиот град од кој потекнувалеИнтересно е тоа што некои делови од оваа колекција се уште не се преведени ниту на англиски, па којзнае што има во нив. Од оние што се преведени, детектиравме извесен број античкомакедонски историчари од кои овде ќе направиме осврт на Леон од Пела, кој живеел во четвртиот век пред Христа. Извадоци од делото на историчарот Леон од Пела се заведени под број 659 во Збирката на проф. Феликс Јакоби. И за неговиот живот не останале многу податоци, но неговото дело останало цитирано од подоцнежните антички и средновековни автори. Познат е насловот само на една негова книга, која била посветена на египетските богови и се викала „За боговите во Египет”. Поради тоа, тој останал регистриран од некои подоцнежни автори и како „Леон Египјанецот“. Инаку тој бил роден во Пела и бил современик на Александар Трети Велики Македонски, но не учествувал во неговите походи. Подоцнежните автори пишуваат дека бил близок со Олимпија (мајката на Александар), која му покажала некое опширно писмо што таа го добила од Александар во кое детално биле опишани египетските богови. Врз основа на податоците од тоа писмо, Леон ја напишал својата книга. Во неа тој застапувал смела теза според која тогашните божества имале човечки карактеристики. Според истражувањата на проф. Феликс Јакоби, македонскиот историчар Леон е спомнат од страна на ранохристијанскиот писател Татјан (II век по Христа). Во своето дело „Обраќање кон Грците“ (27), во кое го напаѓа празноверието на античките Грци, а ги критикува и за други работи, Татјан ги спомнува „коментарите на Леон“. И ранохристијанскиот писател Арнобиј исто така го спомнал македонскиот историчар Леон. Во своето дело “Adversus nationes” (Liber IV, 29) Арнобиј се повикува на пишувањето на „Леон од Пела“. Проф. Феликс Јакоби наведува и други автори кои се повикувале на пишувањето на Леон од пела. Така, на пример, Свети Климент Александриски запишал: Леон, кој пишувал за египетските божества вели дека Изида од страна на Грците била нарекувана Кера, која живеела во времето на Линеј во 11-та генерација по Мојсие. (Clement of Alexandria: “The Stormata” 1,11). Ранохристијанскиот автор Тертулијан (160 - 225) го спомнува писмото од Александар и „Леон Египјанецот“, кој напишал книга врз основа на него (Tertullian: “De Paplio” и “De corona”). Сепак најмногу информации за суштината на книгата на Леон од Пела понудил познатиот ранохристијански филозоф Свети Августин (354 - 430 год.). Во свето дело „Божјиот град (De Civitate Dei) во петтата книга, тој пишува за „...записите што Александар Македонски ги напишал до својата мајка...“ Притоа тој го спомнува и Леон. Во дванаесеттата книга (10 поглавие) Свети Августин пишува во врска со временскиот период на постоењето на човештвото, па вели: ... Да го цитирам само она писмо што Александар Велики го напишал на својата мајка Олимпија во кое ги претставил раскажувањата што ги добил од еден египетски свештеник, кој му ги пренел од нивните свети архиви и во кои биле спомнати кралства кои исто така се спомнати и од грчките историчари. Во ова писмо периодот од 5000 години наназад е поврзан со кралството на Асирците, додека во грчката историја, само 1300 години се бројат од владеењето на самиот Бел, за кого и Грците и Египјаните се согласуваат дека бил прв крал на Асирија. Потоа на империите на Персијанците и Македонците овој Египјанец припишал над 8000 години, броејќи до времето на Александар со кого лично разговарал; додека меѓу Грците, само 485 години им се припишуваат на Македонците сѐ до смртта на Александар и 233 години на Персијанците, броејќи до крајот на неговото завладување. Иако во овој пасус (и во продолжение на текстот) Свети Августин ги споредува записите од старогрчките и староегипетските историчари, недвосмислено се наметнуваат интересни заклучоци. Како прво, од страна на староегипетскиот свештеник на Александар Велики Македонски му било соопштено дека во старите египетски записи империите на Персијанците и на Македонците биле над 8.000 години стари, а не како што било запишано од подоцнежните антички историчари (Херодот и други), кои од настанокот на Македонската империја, па сѐ до времето на Александар Велики Македонски пресметале само 485 години. Како второ, Свети Августин, повикувајќи се на пренесените пишувања на староегипетските и на старогрчките историчари, во горенаведениот пасус, јасно прави разлика меѓу Македонците и Грците во антиката, па затоа овде ги спомнува како одделни народи (заедно со Египјаните, Персијанците и Асирците). Поради фактот што горенаведениот пасус Свети Августин го запишал врз основа на содржината на историската книга напишана од Леон од Пела (за кој рековме дека била заснована врз писмото напишано од Александар Велики Македонски до својата мајка Олимпија), сосема е јасно и дека самиот Александар Велики Македонски, но и македонскиот историчар Леон од Пела, исто така децидно ги сметале Македонците за посебен народ во однос на Грците. Но, пишувањето на Леон од Пела има и една друга димензија. Таа исто така е спомната во „Божјиот Град“ од Свети Августин. Всушност Свети Августин овде полемизира и ги критикува многубошците (паганите) поради тоа што, наместо да му служат на единствениот Бог, тие служеле на измислени „божества“ кои имале човечки карактеристики, а некои од нив, дури и навистина биле обични луѓе. Во полза на своите тврдења Свети Августин се повикува токму на книгата на македонскиот историчар Леон од Пела. Во осмата книга од ова дело (27 поглавие) Свети Августин пишува: Оние што ќе го прочитаат и можат да го прочитаат писмото од Александар до неговата мајка Олимпија, во кое тој раскажува работи што му биле откриени од свештеник... ќе видат дека... божицата Изида, која била жена на Озирис и нејзините двајца родители, според овие пишувања, биле луѓе од кралско потекло. Нам денес овие полемики можеби ни изгледаат чудни, но во тоа време, на почетоците на христијанството, ова биле сериозни расправии и од нивниот исход во многу зависела иднината на човештвото од цивилизациски аспект. Жолчни биле полемиките помеѓу многубошците (оние кои верувале во Зевс, Атина, Озирис, Јупитер и други) и христијаните кои верувале во вистинкиот, еден и единствен Бог. Леон од Пела, иако живеел далеку пред појавата на христијанството, уште во своето време посочил на негативните елементи во паганизмот, пред сѐ укажувајќи на човечката димензија во тогашните божества, со што автоматски ја довел во прашање самата нивна „божественост“. Ваквото негово смело пишување подоцна гледаме дека обилно било користено од страна на ранохристијанските писатели и филозофи. Иако својата книга ја напишал врз основа на обемното писмо од Александар Велики Македонски, јасно е дека тој не направил само обичен препис на податоците од тоа писмо, туку во книгата внел и сопствени толкувања, пред сѐ за човековата природа на тогашните божества. Поради тоа што бил доверлива личност на Олимпија, можеме да заклучиме дека имал благородничко потекло. Впрочем, сигурно дека не случајно таа му го доверила писмото од Александар Велики Македонски. Можеби близината со Олимпија му помогнала и да не биде прогонуван од страна на паганските свештеници, кои индиректно ги критикувал. Што се однесува до самото писмо од нашиот славен цар, гледаме дека негови преписи имало зачувано и во првите векови по Христа. Кога и зошто исчезнале преписите на ова писмо, не е познато, но од деловите што останале прераскажани, очигледно е дека во ова писмо Александар, а подоцна и Леон, правеле јасни разлики помеѓу Македонците и Грците. Леон од Пела е спомнат и од страна на авторот Аполониј од Родос (Apoll. Rhod. 4,257). |