Понеделник, 30 Декември 2019   
СТРАШО АНГЕЛОВСКИ: Среќна Нова 1945–та

КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: Среќна Нова 1945–та

Страшо АНЕГЛОВСКИ Претседател на МААК

Во пресрет на Коледе, неминовно ми се наметнува споредбата со 1945-та, со времето кога започна обидот да се уништи македонското чувство, да се уништи идејата за самостојна, суверена и независна држава. Ми се наметнува споредбата со “крвавото Коледе“ од 1945-та.

Но,да одиме по ред.

Во декември 1943-та, македонските делегати не присуствуваат на заседанието на АВНОЈ, на кое се конституира федералната југословенска држава, која горе долу ги потврдува границите на кралството СХС, а во која треба, како федерална единка, да влезе само вардарскиот, до пред војната, од Србија окупираниот дел на Македонија. Со тоа, Јајце треба да стане вториот Букурешт за македонскиот народ и да ги запечати одлуките за поделба на Македонија 30 години порано во Букурешт.

Југословенската историографија со децении потоа ја сервираше лагата дека македонските делегати не пристигнале на заседанието во Јајце заради преголемиот снег кој не можеле да го совладаат. Какво понижувачко објаснување за македонските борци кои во секакви услови дури и животите ги давале за слободата на Македонија, а сега, одеднаш,снегот станал препрека невозможна за совладување.

Вистината е друга, вистината е дека тие не сакале да присуствуваат на заседание на кое ќе се одлучува за конечна поделба на Македонија. Не сакале да учествуваат на заседание на кое, нели, Тито (Тито како персонификација на КПЈ и Коминтерната) ќе ни “даде“ држава, но само во еден дел од Македонија, со што ќе го спречи веќе извесното формирање на македонската држава на целата нејзина територија. Затоа, денес, лагата дека Тито ни “дал“ држава мора да биде поразена од вистината дека тоа е, всушност, подмолен потег со кој е спречено создавањето на македонската држава на целата нејзина територија, а со тоа се оневозможени вековните идеали на македонскиот народ.

Па така, девет месеци подоцна, на 2 август 1944-та, македонските борци го одржале Првото заседание на АСНОМ со делегати од сите краеви на Македонија, како Петрич, Костур и Кукуш и, донеле историски одлуки за создавање независна самостојна, суверена и обединета Македонија. Одлуки кои, со динамиката со која почнале да се спроведуваат, многу брзо би довеле до формирањето на независна и обединета Македонија.

И тогаш, започнува голготата на македонскиот народ и голготата на АСНОМ-ците. Една група продадени комунисти, желни за власт, а за кои југословенската федерација била пред македонската држава, на чело со Лазо Колишевски, помогнати од надворешни инструктори на чело со Светозар Вукмановиќ Темпо, ја започнуваат крвавата битка против сите што размислувале македонски. Ја започнуваат битката за уништување на македонската држава и македонскиот народ. Битка која, за жал, ја водат и денес.

Ја започнуваат со “крвавото Коледе“ на скопското Кале, кога стрелале стотина офицери и војници, кои единствено побарале да се реализираат одлуките на АСНОМ, кои, меѓу другото, ги чувствувале за обврзувачки и, да се тргне кон Солун, заради конечно ослободување на македонската земја. Ликвидирале уште и повеќе од илјада Mакедонци, градоначалници, учители, попови и обични граѓани, кои, исто така, единствено се залагале за реализација на одлуките од АСНОМ. Дури, крволокот Темпо, пред стрелањето им се обраќал со зборовите “го сакаш Солун? Еве ти го на…“ И потег со раката кој сите го знаеме. Продолжиле со монтираните судски процеси против Ченто и останатите АСНОМ-ци, а со специјални судови и обвинителства и со лажни, измислени и монтирани докази. Продолжиле со затвoрање по најсуровите казамати на илјадници македонски патриоти со лажни обвиненија, а со објаснувањето дека “ја кочат комунистичката, југословенска иднина на македонскиот народ“…

Потоа, од припадниците на УДБА и нивните соработници, од политичките комунистички раководители и нивните полтрони, од директорите назначени од нив и од високите офицери на тогашната ЈНА, ја формираат таканаречената “црвена буржоазија“. Почнуваат да го создаваат лажниот мит за еднаквоста на работникот и раководителот, за својата блискост со работничката класа, а, во суштина, се издвојуваат во посебни енклави во населбите на падините и под падините на Водно, во кои беше речиси забранет пристап на сите “простосмртници“, па дури создаваат еден вид “инцестни“ бракови меѓу себе, за да останат “чисти“ и неизвалкани од некој од класата во која се колнеа.

И, додека тајно ја ограбуваа федералната македонска република и трупаа лични богатства, го создадоа митот за “среќните“ работници кои со “фиќо“ натоварено со куфери и торби, подврзани со “најлони“ на багажникот на кровот, кои се размавтуваат при малку поголема брзина, среќни и насмеани, патуваат два дена и две ноќи до “наше“ море, за да во работнички одмаралишта со тоалет на секои десет соби, го поминат својот заслужен годишен одмор.

Денес, нивните деца и внуци, припадници на “црвената буржоазија“, како и во 1945-та, киднапираа една цела политичка партија за да продолжат со остварување на своите подмолни цели – уништување на македонскиот народ и македонската држава. Го киднапираа СДСМ, ги отстранија сите прогресивни членови внатре во партијата, исто како и напредното, либерално крило во седумдесеттите години од минатиот век, ги суспендираа сите напредни социјалдемократски ставови и дебати, со што ја уништија вистинската социјалдемократија во државава, а партијата ја вратија во најтемното комунистичко минато од четириесеттите и педесеттите години од минатиот век.

И го започнаа крвавиот пир налик на оној од 45-та. Создадоа специјални судови и обвинителства, започнаа монтирани судски процеси против сите неистомисленици, а со лажни и измислени докази. “Крвавото Коледе“ го заменија со 27 април, па македонските патриоти, кои како и нивните предци кои само ги почитуваа одлуките на АСНОМ, сега го почитуваа Уставот на РМ, се најдоа по затворите, омаловажувани и малтретирани, а со многу препознатливото образложение дека “ја кочат европската иднина на македонскиот народ“. Па дури и потегот со раката на крволокот Темпо, изведен на митинг во Прилеп, им стана потег за воодушевување меѓу заблуденото членство. До детал применето удбашко сценарио. А, знаеме дека ѓаволот е во деталите.

Зошто го пишувам сето ова?

Затоа што овој стоглав аждер на “црвената буржоазија“ настрвен против македонската држава и македонскиот народ, опстојува само благодарение на членовите на партијата која ја киднапира, на кои им се обраќа со “другари и другарки“ (а потоа дури ги дезинфицира рацете после поздравувањето со нив), на кои им го сервира лажниот мит за Тито, Југославија, комунизмот, “фиќото“ и годишните одмори на “наше“ море. Митологија зад која пред сопственото членство, ги затскрива подмолните политики против сопствениот народ и држава.

Токму затоа, а за да се извлечат чесните и патриотски членови на киднапираната партија и целокупното општество од канџите на “црвената буржоазија“, потребни се заеднички активности на сите во државава, а посебно на вистинските социјалдемократи на кои им е суспендирана дури и идеологијата, за демитологизација на општеството, за декомунизација и дејугославизација. Со еден збор, “дефиќоизација“ на свеста на сите оние кои се уште се прпелкаат во лажниот мит за среќните годишни одмори на “наше“ море.

Зашто, државите на кои денес им припаѓа “наше“ море, Хрватска и Словенија, токму заради извршената демитологизација, декомунизација и дејугословенизација на општеството, денес се илјадници светлосни години понапред од нас. А вистинското наше море е, всушност, мочуриштето во кое не втурнаа киднаперите на партијата и државата. Оние кои заради свои лични интереси ни ги продаваат еднаш југословенската, другпат европската, а никако македонската иднина на македонскиот народ.

Од нив и од евтините митови кои ни ги продаваат мораме да се ослободиме час поскоро.

А дотогаш – среќна нова 1945-та.

https://denesen.mk/kolumna-na-angelovski-srekjna-nova-1945-ta/

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.