|
|
Храбар човек не е оној што не се плаши, туку оној што ќе го победи стравот |
Весна атанасовска „Научив дека храброста не е отсуство на страв, туку негово совладување. Храбар човек не е оној што не се плаши, туку оној што ќе го победи стравот.“ - една од многуте пораки на Нелсон Мандела. Токму храброста е предизвикот за промени на едно општество. Овие избори, на 12 април се клучни во нашата држава, ова е можеби и последниот воз кој треба да не однесе во процесот на брзи и динамични промени во државата. Оваа генерација на политичари немаат избор, мора да бидат оние кои ќе не однесат во вистински правец, време за проби немаме. Предолгиот процес на транзицијата, проследен со многу грешки, има силни последици во многу области, процес во кој цветаше олигархијата, а граѓаните од средна класа паднаа на прагот на сиромаштијата. Има многу да се зборува од тоа зошто дозволивме, до тоа дали некој понесе одговорност..... Во изминативе неколку години доживеавме да бидеме генерација на која пред сопствените очи ни ја уништуваат иднината. Сведоци сме на еден систем кој не функционира и економија која е на дното, а не убедуваат дека блескаме. Националните интереси доживуваат фијаско. Клекнаа на колена пред туѓинци не вртејќи се назад кон сите кои беа жртва за Македонија, го продадоа идентитетот на сопствениот народ, потрошија народни пари за прослави и забави по повод влез на државава во ЕУ, а притоа добија корпа од европските пријатели и после сето тоа велат дека се на прав пат, што е многу, многу е. Сите човечки творби можат да се менуваат со човечко дејство. Време е Македонија да ја доживее својата обнова. Работите мора да се менуваат, ние мора да се менуваме како граѓани, политичарите и политиката треба да бидаат синоним за решавање на проблемите на граѓаните, не за криминал, лаги и предаства. Пред сите интереси да бидат граѓаните. Мала држава со големи проблеми. Граѓаните заслужуваат достоинствен живот, со гордо крената глава, а не со свиткана кичма, да бидат сите еднакви пред законот. Да ја обновиме нашата Македонија, да го снема сивилото од воздухот, економијата и животот. |