М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор
1. Сонот на двата колоси по Втората светска војна Шарл Де Гол и Конрад Аденауер за обединета Европа од Атлантикот до Урал, се појасно - барем судејки по некои потези и мерки од Брисел и европските поедини метрополи, останува сон, или барем таков е впечатокот!? Тоа најдобро се виде со бегалската криза 2015-2016, при што бевме сведоци на дијаметрално спротивставени ставови и потези на членките на ЕУ - едни со раширани раце примија се и сешто што им дојде неконтролирано на нивните граници, а други подигнаа високи барикади од бодликава жица по секоја цена да спречат доаѓање во нивните земји на неканетите гости! И можеби донекаде беа во право бидејки меѓу бегалците најбројни беа од земји што немаат допирни точки со војнта во Сирија (Авганистан, Бангладеш, Пакистан, или пак Мароко и Алжир).
Но меѓу таканаречените бегалци и азиланти се инфилтрираа и бројни екстремисти и терористи што особено создава главоболки на властите на членките на ЕУ.
Сега, кога бегалците се повторно на границите на ЕУ, како можни решенија се лансираат пробни балони за нивно стационирање во нашиот регион што го нарекуваат Западен Балкан, а мас-медиумите во конкретниот случај кога е во прашање нашата земја шпекулираат дека сегашнатѕа македонска (не)влада во Скопје преговарала со Брисел за прием помеѓу 100.000 и 150.000 бегалци, па дури и до еден милион, со некаква си финансиска подршка од ЕУ!?
Судејки по непредливите, а пред се антимакедонски потези во изминативе три години на власт на владата на СДС и ДУИ треба сериозно да се гледа на овие информации, а единствено решение да се спротивставиме и да спречиме тоа да се случи се предвремените парламентарни избори - кога и да се одржат, бидејки се одложени заради корона вирусот!
Сериозни резерви кон политиките на ЕУ искажа неодамна поранешниот претседател на РМ Бранко Црвенковски на меѓународната конференција во Копаоник, каде отворено ја оптужи Унијата дека не ги почитува своите ветувања.
На неконзистетноста на надворешната политика на ЕУ многу отворено и добро аргументирано укажа и поранешниот амбасадор и еден од водечките аналитичари во земјата Ристо Никовски во коментарот за таканаречената нова методологија за прием на членки во ЕУ.
Според Р. Никовски, "Унијата се изгоре со прерано примените Бугарија и Романија (никој повеке не го споменува Кипар, моја забелешка!?) и со тоа заврши бриселско-балканската сага"! Аналитичарот смета дека новата методологија што ја наметна францускиот претседател Емануел Макрон во никој случај не е измислена за да го олесни приемот на нови членки, туку напротив: да нема членство без исполнување на високите критериуми што практично се кочници кои максимално ќе го отежнат процесот на преговарање за членство! А тие се: вистинско, а не божемно: (1) владеење на правото, (2) анулирање на масовната корупција, (3) слободни медиуми, (4) независни институции и професионална администрација, (5) суштинска демократија, (6) економски реформи за забрзан развој и приближување до нивото на развојот на членките, (7) добри односи со соседите, (8) координирана надворешна политика…
Сумирајки ги критериумите за прием во членство, на кандидатите ќе им требаат неколку генерации за да се постигнат поставените барања, а добивањето датум за преговори во пракса не значи апсолутно ништо, и дури ако формално и ни го дадат датумот на самитот закажан за 26 март во Загреб, тоа евентуално би било само за дирекно да влијаат на претстојните избори.
Несовршеноста на Унијата како проект, на надворешен план најречито се илустрира со неисполнувањето на ветувањата кон Турција за помош со справувањето со близу четири милиони бегалци од Сирија, оклевањето за помош на Италија и Грција поради неканетите гости-бегалци преку морето, а особено поради тотално отсуство на солидарност и конкретна помош на Италија со справувањето со корона вирусот!
2. Цела Македонија е во карантин! Затворени се за сообракај двата аеродроми во Охрид и Скопје, на граничните премини со соседните земји забранет е влез за странски граѓани, а и нашинците кои се тргнати од централна и западна Европа маки мачат како да си дојдат дома, во Македонија!
Иако бројот на заболени од корона вирусот секојдневно се зголемува по неколкумина, на среќа кај нас засега нема починати. Дебар и општината Центар Жупа каде вирусот го донесоа некои повратници од северна Италија се блокирани со војска и полиција, невозможно е да се влезе или излезе од таму, но сепак жителите се згрижени од државата и редовно има дотур на храна и лекови.
Интересно, но македонските граѓани генерално гледано се покажаа сепак дисциплинирани и најчесто ги почитуваат владините препораки за самоизолација (седење дома) и како да се справуваат со новонастанатата ситуација како последица на корона вирусот. Овде-онде, во некоја продавница или супермаркет понекаде има гужвичка, но сепак мислам дека како граѓани може да добиеме преодна оценка за справување со ситуацијава. Најбаран продукт по дуќаните, замислите: е - тоалетната хартија!?
Колкави ќе бидат загубите заради блокирањето на нормалното функционирање на македонската економија, Господ знае!
3. Во најновиот извештај на меѓународната "Транспаренси интернешнл" се констатира дека во Македонија корупцијата блеска и се констатира пад од дури 13 места на листата најкорумпирани држави во светот! Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и Зоран Заев го промовираат и штитат криминалот и корупција; милионските тендери, зделките и криминалните рекети ја донесоа државата на дното на Европа, а според индексот на корупција на исто место сме со Монголија и со Брегот на Слоновата Коска.
За најголемата опозициона партија “Македонија е земја каде правдата е тоа што ќе рече Заев, а деструктивните политики коишто ги направи Заев на грбот на народот донесоа невидени криминални афери, поткупи, уцени и нарачани обвиненија за неистомислениците на СДСМ"!
Во партиското соопштение се констатира дека СДС во трите години од мандатот успеаја да остават 500.000 луѓе во Македонија да живеат под прагот на сиромаштијата, земјоделците се понижени, а обезличен е македонскиот народ. Заев наместо да спроведува реформи е промотор на најголемата партизација во Македонија.
СДС не се менува и за следните парламентарни избори настапува со стари и компромитирани кадри. Заев и Шекеринска се последните остатоци од криминалната транзиција кои ќе бидат поразени,
Гласот за Заев, подвлекуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е глас за криминалот и затоа Заев кога ќе биде поразен мора да си замине од политиката.
4. Шпанија к о н е ч н о го ратификуваше протоколот за прием на Република Македонија во НАТО. Како последна членка на Алијансата што го стори тоа според вообичаената постапка, сега преостанува само протоколот да се депонира во Стејт департментот во Вашингтон и со тоа нашата земја и официјално станува 30та членка на Алијансата.
Интересно е што членовите на Шпанскиот сенат гласале онлајн, преку интернет, што не се случило до сега, и ниту еден сенатор не бил против!
|