|
|
Уредбите со законска сила – примарен правен инструмент |
Фото: Игор Бансколиев Пандемијата на светско ниво од вирусот ковид-19 создаде состојба со големи предизвици во веќе вообичаеното правнополитичко функционирање на државите, а и Македонија не е исклучок од глобалниот процес на справување со новата реалност. Во таа насока, во средата, на 18 март, претседателот на државата Стево Пендаровски донесе одлука за прогласување вонредна состојба, правнополитичка мерка по која првпат се посегнува во триесетгодишната независност на Македонија. Тоа, секако, претпоставува недостиг од искуство со практична примена на надлежностите што произлегуваат од вонредната состојба, пред сѐ од активирањето на членот 126 од Уставот, за носење уредби со законска сила. Според Ставре Џиков, поранешен државен јавен обвинител со долгогодишно искуство во правната практика, со активирањето на тој член од Уставот значи дека позитивните прописи, т.е. донесувањето на законите се ставаат во состојба на мирување, а на нивно место Владата во согласност со Уставот донесува подзаконски акти – Уредби со законска сила. Во вонредна состојба се применуваат исклучиво уредбите со законска сила, кои сега претставуваат примарен правен инструмент во државата. Понатаму, Џиков низ конкретен пример од областа на правосудството објаснува како треба да се постапува при носењето и спроведувањето на уредбите со законска сила. – Во однос на актуелната ситуација на борба за спречување на ширење на коронавирусот, што е и главната причина за прогласување на вонредната состојба, во Кривичниот законик имама предвидено две дела што се однесуваат на пренесување заразна болест и непостапување за време на епидемија. Во примерниов случај, министерот за правда треба да донесе уредба врз основа на членот 126 од Уставот и врз основа на одлуката за вонредна состојба од претседателот на државата. Во самата уредба треба да се наведат кривичните дела и да се утврдат новите казни, кои исто така треба да се предвидат во уредбата со законска сила. Неизбежно, на уредбата треба да биде означен датумот кога е донесена и да се наведе дека трае до завршувањето на вонредната состојба. Ваквата уредба задолжително треба да ја применуваат МВР, обвинителството и судот, кој одлучува според уредбата – појаснува Џиков. Истовремено, поранешниот обвинител апелира колку што е можно Владата и министрите да ги донесат уредбите со законска важност, за да не се создаде правен вакуум. Џиков укажува дека во вонредна состојба законското дејствување се спроведува токму преку уредбите, кои треба да бидат објавени во „Службен весник“, а не само на прес-конференција. Со укинувањето на вонредната состојба, повторно стапуваат во сила законите, кои биле ставени во мирување со прогласувањето на вонредната состојба. ДИК работи и се подготвува за избори! И покрај постигнатиот партиски договор за одложување на изборите и одлуката на претседателот Пендаровски за прогласување вонредна состојба, Државата изборна комисија сепак продолжи со изборните активности, предвидени со Изборниот законик. Така, на 19 март, ДИК на својата 65-та седница на јавна ждрепка го утврди редоследот на кандидатските листи на гласачкото ливче за избор на пратеници во Собранието. Од ДИК нагласуваат дека тоа е нивна законска обврска и дека ќе работат сѐ додека не биде одлучено поинаку. За обезбедување на правната сигурност во политиката, ценам дека изборните дејства, по укинувањето на вонредната состојба, треба да продолжат од точката кога се прекинати – вели Ставре Џиков. |