|
|
Ламбе Арнаудов: “НЕМОЈ ДА МУ ГО ЗЕМАТЕ СОНОТ НА НАРОДОТ“ |
Ламбе Арнаудов: “НЕМОЈ ДА МУ ГО ЗЕМАТЕ СОНОТ НА НАРОДОТ“ – Христијан Мицкоски Глупавите луѓе постојат на светот за да ги засрамат мудрите, само што при тоа мудрите и понатаму остануваат мудри, а глупавите стануваат уште поглупави. Толку за емисија “Трилинг“ на ТВ 24 во која брилираше лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и го заврши својот настап со антологиската порака од насловот: “Немој да им го земате сонот на народот“. Оваа реченица кажува сé и далеку ја надминува, според својата содржина, комплексност, опфатеност и интерактивност во жанрот на егзистенцијализам, досега од многумина авторитети анализирана како најдобра кратка порака реченицата на прославениот нобеловец и еден од најголемите интелектуалци на сите времиња, Алберт Ками која гласи: “Мојот камен, моја работа.“ Овде се работи за длабока содржинска порака од индивидуална, егзистенцијална форма на поединец и затоа симнувам капа. За разлика од Алберт Ками, пораката на лидерот Хрискијан Мицкоски е вистински сон за егзистенцијалниот опстанок на еден народ и држава, еднаква за сите граѓани на Р.Македонија. Оваа реченица истовремено во себе содржи љубов, вера, истрајност, лојалност, посветеност, непомирливост, и безвременост во негување и доизградба на идеалите, наследени, прифатени, потврдени и пренесени од генерации на генерации, што трајно и засекогаш нé поврзува во она што нé обврзува, а тоа е силна, горда и исправена Република Македонија со поеднакво распоредена дарежливост на своите вредности кон сите македонски граѓани кои што денес место да живеат се измачуваат. Најважниот дел од пораката е дека сонот е реален и ќе донесе поубав и порадосен живот во многу скоро време. Сонот на народот е реален затоа што тој не доаѓа при спиење. Тој сон го сонуваме кога работиме, кога одмараме, се радуваме или тагуваме, најчесто кога ни е тешко, но и кога ни е лесно. Го сонуваме будни и не се заборава како сонот во спиење што трае неколку секунди, овој сон трае, не престанува, се зајакнува, се проширува и не се заборава НИКОГАШ. Не им го земајте сонот на најголемиот дел од овој питом народ кој денес се во првиот одбранбен ред во зачувување и спасување на нашиот живот, на кои сега лицемерно им се додворувате и им благодарите, а бесрамно ги лажевте, деградиравте и ги понижувавте. Тоа се храбриот медицински состав на Македонија, кој досега беше најдискриминираната професија во Р.Македонија. Тука до нив се војниците, полицијата, пожарникарите, комуналците и сите вклучени во одбрана на животите на другите, не ретко по цена на својот живот. БЛАГОДАРИМЕ !!! Исто така не им го земајте сонот на сите оние честити граѓани на Р.Македонија кои исправени стојат гордо пред најголемиот предизвик со кој досега се сретнале и свесни за големината на влогот, без плачење, негодување или кукање прифаќаат изолација, самоизолација, вонредна состојба, полициски час, ограничувања, намалувања, задолжувања и 50 милиони долари дневен губиток, свесни дека на крајот и тој товар дека ќе падне врз нивниот грб. Не им го земајте сонот на Македонците затоа што тој не е ваш и по никоја цена нема да ви го дадат, љубоморно ќе го чуваат за себе, за своите семејства, за својот народ, за својата Татковина. Таков сон сонуваат само луѓе кои будно бдеат врз судбината на својот народ и татковина и секогаш се спремни да ги одбранат нивните интереси. Вие останатите ваков сон не можете да сонувате затоа што спиете и дење и ноќе и вас ви припаѓа привилегијата да се свртите кон традиционалниот сон кој ништо и не значи. На крај. Сите заедно, народот – сонувачот ќе победи. Ќе го победиме КОВИД-19. Ќе го победиме и ЗОВИД-17 кој во изминативе 3 години безмилосно развиваше духовна вирусна пандемија врз својот народ и успеа од Македонија да направи касарна без војници, оружје, опрема, муниција со што до темел го разурна одбранбениот систем на државата и имунитетот на народот, со што на долго време ги направи неспособни да се одбранат од вашето дивеење. За среќа, вашето време кое зад себе остави урнатини на секој чекор поминува и доаѓа времето на народот на кој по не можете да им го земете сонот. Тој сон му припаѓа на народот и единствено народот е тој кој ќе го претвори во реалност. |