|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 63 |
1. Едно невидливо суштество што медицинарите го нарекуваат корона вирус, или стручно Ковид 19, дефинитивно ни го поремети вообичаеното секојдневие на сите и тоа на планетарно ниво. Речиси нема катче на земјава каде тој - вирусот, не се појави и не создаде вистински пекол на луѓето, а науката мака мачи како да се справи со истиот, да го спречи неговото неконтролирано распространување на планетава и да се намалат катастрофалните последици во прв план по здравјето на луѓето, но и за економијата над се.
Секојдневно преку мас-медиумите сме бомбардирани со бројки на заболени и починати, а и понекој оздравен од заразата, но ќе си земам слобода, напоменувам како лаик за оваа проблематика кој се труди педантно да го следи развојот на настаните поврзани со корона вирусот, да искажам едно простосмртно/лаичко и пред се л и ч н о сценарио (не станува збор за тееорија на завери) што - (според замисленото сценарио), навистина се случува (немам ни помисла да му го земам лебот на Стивен Спилберг).
Појдовна точка во моето замислено сценарио е градот Вухан во големата земја и нација Кина! Не случајно дејствието започнува таму бидејки, токму во Вухан (град со девет милиони жители) избувна пандемијата со корона вирусот и тоа (н а в о д н о!!!), на градскиот пазар за риби, а се споменуваат и лилјаци, па дури и змии!? Но луѓе Божји, оваа верзија е приказна за мали деца бидејки Вухан е модерен град, а што е најважно, токму во тој град е една од најсовремените лаболатории за биолошко оружје во светски рамки каде вируси, зарази, бактерии и слични нешта се истражуваат, а можеби и се продуцираат "на научна база"! Во сценариото што ми се врти во главата приказната со пазарот за риби како извор на пандемијата категорички ја отфрлам, а како можност претпоставувам дека: 1. или на научниците во лабораторијата за биолошко оружје во Вухан корона вирусот "им избегал од контрола", 2. или намерно е пуштен во оптицај и 3. или пак некој трет - од страна, им го подметнал токму таму и токму заради споменатата лабораторија за биолошко оружје за да изгледа поавтентично и да им напакости на Кинезите!?
За првата опција (вирусот да избегал од контрола) сметам дека сосема се мали шансите, поточно речиси никакви, бидејки станува збор за супер модерна и до перфекција опремена лабораторија за биолошко оружје! Намерно да е пуштен вирусот!? Зошто да не - во занесот на "специјална војна", или како што би рекле во шахот: жртва на фигура за квалитет(!) како порака на Кина до некои фактори во светот!? Но. блиска ми е и помислата дека некој намерно им подметнал на Кинезите смртоносен вирус со однапред зацртана цел!? А за која цел се работи ќе се обидам да презентирам во замисленото сценарио подоцна.
Сета оваа збрка со корона вирусот се случува во амбиент кога Народна Република Кина со гуливеровски чекори напредува како светска економска, технолошка и воена сила што на некои глобални и до неодамна "неприкосновени" (барем така се замислуваа) светски фактори тешко им паѓа да го прифатат како очигледен факт! А се почна пред одприлика четири децении кога еден од титаните на Кинеската револуција кој три пати беше затворан во работни логори - Денг Хсиао Пинг ја воведе во земјата контролираната пазарна економија и овозможи масовна "преселба" на цели индустрии од развиониот запад во Кина која овозможувајки многу поволните услови за стопанисување што таа ги нудеше, но пред се евтина работна сила. Западот превиде една работа што се покажа како клучна за кинескиот економски бум. Имено, селејќи комплетни фабрики од САД, Германија, Шведска..... во Кина, западот не водеше сметка дека всушност сели и скапа технологија за која во истражувања и експерименти инвестирал тешки милиони, а на Кинезите им ја понудија буквално на послужавник. Кинезите знаеја да ја искористат таа прилика многу рационално и со западни технологии да го освојуваат светот со високо квалитетни и ефтини производи, но со ознака made in China! Згора на тоа, нивните производи беа далеку поевтини и конкурентни заради ефтината работна сила и Кинезите поситигнаа невиден економски бум! Кина денес е економска, воена, вселенска сила со која големите светски фактори мора да сметаат.
Е токму тоа, (моја претпоставка во сценариото) некому многу, ептен многу му засмета и се одлучи да и нанесе удар на Кина со вирусот. Но и тука се пресметаа, бидејки Кина се покажа спремна да се соочи со предизвикот и веќе званично објави крај на пандемијата во нивната земја!
Втората верзија на замисленото сценарио пак гласи: а зошто да не помислиме дека и самата Кина намерно ја предизвика оваа глобална пандемија со јасна порака: Не се чепкајте со Кина, или...! ("Don't mess with China, оr..."). Република Кина е под силен притисок за случувањата во Јужното Kинеско море; некому не му се допаѓа што Кина гради цели острови на подводни карпи што се во пракса непотопливи носачи на авиони во морињата во нејзиното соседство, некои на западот им воведуваат на Кинезите тарифи на нивните ефтини производи, а особено е силно незадоволството за кинеското економско присуство и огромните инвестиции, но и експлоатација на природните богатства во Африка и Латинска Америка.
Некој очигледно многу е загрижен за ваквиот развој на настаните и затоа притисоците (но и сопките) се се почести, на што Кинезите реагираат стрпливо, но со иста мерка и со многуилјадна Конфучиеска мудрост, а по потреба знаат и да покажат заби, како на пример (според замисленото сценарио) со евентуалното лансирање на корона вирусот!?
Кој знае? Времето можеби ќе покаже што е вистина, а што сценариска фикција!?
2. Конечно го доживеавме и тој историски миг: на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел на 30. април 2020, на свечена церемонија беше кренато и македонското знаме и сега сме 30та полноправна членка на Алијансата.
Но Македонците не би биле тоа што сме ако и во оваа свечена прилика не потфрливме. Церемонијата се случи кога Република Македонија н е м а свој амбасадор во НАТО, а нема ни во Вашингтон, ни во Москва и уште десетина и повеке светски метрополи, пред се како заслуга на некадарниот ни министер за надворешни работи Никола Димитров кој милува да позира пред камери, но не и да си ги средува кадровските проблеми во македонската дипломатија!?
Згора на тоа, Македонија во моментов нема ниту воен претставник во НАТО, што мислам дека ќе остане забележено во историјата на Алијанса како своевиден невиден лош преседан!!!
Неофицијално дознаваме од извори во Брисел дека актуелниве свадбари (актуелната власт во РМ) имале намера да побараат од Белгија "на услуга" воен авион за да однесе педесетима сватови (небаре како за на свадба) од власта да се прошетаат до Брисел за да присуствувале на церемонијата (замислите колку ќе беа трошоците за дневници, хотели, изнајмување аута и сл.), но заради рестрикциите поради корона вирусот идејата сепак била откажана! Но, од изјавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска за една македонска телевизија јасен е впечатокот дека власта сепак не се откажува од таа идеја (да прави голема фешта) и само ја поместува за некои подобри времиња кога ќе спласнела пендемијата со корона вирусот!?
3. Освем здравјето на луѓето, со пандемијата на корона вирусот страотно е загрозена и кревката македонска економија. Сите ние како граѓани можеме и мораме да ја помагаме домашната економија ако купуваме производи од домашно прозводство!
Затоа Македонци: КУПУВАЈТЕ МАКЕДОНСКИ ПРОИЗВОДИ!!!
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор
|