|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 68 |
1. Зоран Заев (З.З.) и неговите мудреци од дома и од надвор на сред пандемија од корона вирус лансираа нова итроштина: собраа 35 потписи од пратеници од распуштениот Парламент за негово антиуставно реанимирање наводно за да се верификува одлуката на Стево Пендаровски за по вторпат да се воведе вонредна состојба во земјата!?
Работата испадна, според З.З и мудреците, буквално ако се може (!), бидејки и сеуште актуелниот спикер Талат Џафери, како и владеачката ДУИ, но најгласна е опозиционата ВМРО-ДПМНЕ, се категорички против таа идеја. Добрите познавачи на политичките (не)прилики во Македонија всушност препознаваат обид на З.З. да креира ситуација (за со смена на спикерот Џафери) да се изнуди нов термин за предвремени избори - крај на јуни или почеток на јули) мислејки дека тоа би било поповолно решение за него (за З.З.), одколку избори на есен. Но, според онаа народната: домашниот есап на пазар не излегува, сценариото на З.З. и неговите мудреци нема шанси да помине (спикерот Џафери тоа и официјално го соопшти). Заев и неговата тајфа сепак ќе мораат да се соочат со гласачите во разумен термин, пред се по завршетокот на пандемијата и да дадат отчет за се што правеле во изминативе години од нивното устоличување на власт од страна на странците!
2. ЕУ-интеграцијата на Македонија по кој знае кој пат е условена со негирање на македонскиот јазик, но и со наше откажување македонското малцинство во Бугарија (Пиринска Македонја). Бугарија успеала да наметне во заклучоците од состанокот на Советот на ЕУ одржан на 25 март став дека "јазикот што го зборуваат граѓаните во Македонија може да се спомене само како службен јазик во РМ"..... Документот во врска со проширувањето на ЕУ и заклучоците од 25 март за добивање на датум за преговори за Македонија и Албанија е објавен на интернет страницата и на австрискиот Парламент. За опозиционата ВМРО-ДПМНЕ објавените документи се доказ дека македонската влада е заплеткала во многу сериозен скандал бидејки тој документ го криела од јавноста цели 23 дена.
Според шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, наводно станува збор за стриктно унилатерална толкувачка изјава што ги отсликува позициите на една земја членка на ЕУ, односно на Бугарија, а не на ЕУ!.
На слична позиција е и Петер Стано, портпарол на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, според кој Европскиот Совет едногласно ја одобри одлуката за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија. Ставот на ЕУ е јасно искажан во заклучоците на Советот. Еднострани ставови на земји членки немаат влијание врз овие заклучоци, категоричен е Петер Стано!. Според него, во ЕУ земјите членки во ЕУ имаат право да го искажат своето несогласување со некои делови од одредена одлуката и да приложат свој документ во анекс за да остане запишано нивното мислење, но тоа нема правна тежина, ниту пак во овој случај ја менува на каков било начин одлуката на ЕУ да ги отпочне преговорите со Северна Македонија!
3. Се навршија 19 години од зaгинyвањето на осум вojници и полицajци -припадници на безбедносните сили на РМ во 2001 година на патот Селце - Вејце. По тој повод Одборот за одбележување на годишнината на овој трагичен настан издаде соопштение дека заради корона вирусот нема да се оддава почит на загинатите од заседа бранители, а потоа масакрирани!
На 28 април 2001 кај месноста Брезовица на патот с.Селце – с.Вејце на падините на Шар Планина, загинаа Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25), Илчо Стојановски (24) Роберт Петковски(27) Бобан Трајковск (28)Игор Костески (26) и Миле Јанески (30). Вечна им памјат!
4.Гори трската во близина на Охрид, во околното поле, а се верува дека тоа намерно се прави со цел да добијат обработлива површина, или градежно земјиште за хотели, вили и слични објекти!? Колку за потсетување, овој потег е остаток од некогашните големи мочуришта што го опкружувале Охрид, богати со вегетација и птици.
И сега што? Има ли власт во оваа наша држава и ако ја има - што работи??? Бидејќи:
- На 13ти април годинава беа оскрвнавени 62 православни гроба во Камник, крај Скопje;
- На 12ти април 2012 беа ѕверски егзекутирани пет млади момчиња кај Смилковското езеро;
- Во раните 1990ти години со истрел од автомобил во движење беше убиено младо момче во Тетово кое си играло кошарка со другарите;
- Во срцето на православниот Ерусалим Охрид, некој узурпирал државно земјиште и бесправно поставил пицерија, а тој "некој" не ни трепнува на решенијата за рушење на објектот!?
Треба ли да наведуваме уште слични примери? И повторно ќе прашам: има ли закон во земјава наша библиска и важи ли тој за сите???
5. Ноторна вистина е дека Македонија секогаш страдала од сопствени изроди и предавници! Еден таков. а се вика Денко Малески, токму деновиве ни ги дразни нервиве, ептен истенчени од корона пандемијата. со очигледно измеќарски интонирана анализа обидувајки се да поентира дека со Бугарите некогаш (според него) сме биле еден народ(!?). Кутриот Владо Малески, автор на текстот и мелодијата на сеуште актуелната државна химна на Република Македонија "Денес над Македонија се раѓа... ", верувам се превртува во сопствениот гроб гледајќи каков истресок од син оставил зад себе!!!
Еден од главните "аргументи" на Денкота за глупостите што ги презентира биле архивите на Њујорк тајмс и извештаите на нивниот дописник за илинденското востание во 1903!? Значи извештаите на некој залутан ветропир кој препишувал информации од кого ке стигне и тоа удобно сместен во Софија, Атина или Белград!!! А зошто Денко не ја консултираш архивата на британската агенција Ројтерс која имала своја редакција во Битола и свои известувачи со четите на востаниците на фронтот, сите до последен британски офицери-обавештајци (заинтересирани за распадот на Отоманската империја) кои многу прецизно ги именувале актерите и настаните во Македонија и тоа како: Macedonian Rebellion; Macedonian Uprizing, Macedonian Rebels; Krushevo massakres......
Провери ги фактите пред да истрчуваш во јавност со твои небулози коишто немаат врска со вистината професоре! А можам и да ти помогнам: Порочитај ја мојата книга:"THE ILINDEN 1903 UPRIZING IN THE AUSTRALIAN PRESS" базирана токму на депешите од специјалните известувачи на агенцијата Ројтерс за работите да ти бидат појасни!!! И Денко, ај провери зошто бугарската држава и историографија, на пример, го прогласија за непостоечки Уставот на Кресненското востание (објавен и кај нас) и многу слични документи што не им одат во прилог???
Лично бев присутен на седница на Експертската влада на премиерот Кљусев кога се залагаша п р о т и в осамостојувањето на Македонија. "Независна Македонија - само без мене"! Тоа беа твои зборови Денко во далечната 1991. Тебе Денко не може да ти се верува!
Зошто се плеткаш човече во материја каде си бос и неук, и пак же повторам - не може да ти се верува, па макар бил и со титула "професор".
Твојот излет во минатото и изнесените небулози ги сваќам единствено во функција на измеќар (одработуваш за некого) на твојот претпоставен (Стево Пендаровски), чиј советник си и според кого "Гоце Делчев бил Бугарин којшто работел за македонската кауза", a се со цел да дадете и двајцата личен прилог за разнебитување на македонската нација и за креирање (на барање на Мицотакис и со подршка на длабоката држава во САД), за формирање на некаква си нова "Северномакедонска нација".
Кај ќе ви одат душите злосторници едни???
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор
|