|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 83 |
ЧЕСТИТ ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА 8 СЕПТЕМВРИ Нека ни е честит и вековит Денот на независноста 8ми септември! Денес, 8ми септември, на 29та годишнина од Референдумот за независност, горд сум што бев непосреден учесник и организатор на овој историски настан како прв и единствен министер за информации, бидејки Министерството за информации подоцна беше укинатпо, т.е. трансформирано во обична владина агенција, што ни од далеку не е исто. Министерство за информации имаше тројна улога во врска со Pеферендумот: 1. Да ја информира домашната, но со посебен акцент и странската јавност за значењето на чинот што го подготвуваме; 2. Да ги "храни" со информации над 350 акредитирани новинари на денот на Референдумот и 3. Да подготви на најпрофесионално ниво прес-центар и да информира за резултатите од изјаснувањето на граѓаните за одгласот и излезноста на гласачите дома и во дијаспората. Мора да се нагласи дека токму на Референдумот за независност на 8ми септември 1991 македонската дијаспора за п р в п а т во историјата доби право да гласа за настан во Република Македонија!!! Референдумот за независност предизвика огромно внимание дома, но и во меѓународни рамки. Дома, заради вековното тежнение на Mакедонецот за своја независна држава на својата земја, а на надворешен план заради повеќе причини. Имено, тогај се разгоруваше крвавиот конфликт во делови од поранешната федерација; се раѓаше нов политички субјект на меѓународната сцена, но нагласено беше интересирањето и на соседите што ја распарчија Македонија во Балканските војни будно да следат што се случува за, по можност, ако им се укаже прилика да приграбат ако може уште некој дел од она што ни остана нам, на македонците во Вардарска Македонија, т.е. во Републиката. Мора да се напомене дека нашите сограѓани албанци не покажаа ентузијазам за чинот што го правевме на 8ми септември 1991! Неколку бисери од тој настан - за да не се заборави: Министерството за информации организираше голем прес-центар во ресторанот во зградата од Собранието на РМ, а Македонски пошти ни излегоа во пресрет со инсталирање на телефонски кабини, телепринтери и други технички помагала за бројните новинари, известувачи од настанот. За да ги анимирам присутните новинари на денот на Референдумот организирав бројни прес-конференции во малата сала во Собранието пред да почнат да пристигнуваат информациите од теренот. Многу министри од Владата и скоро сите чинители во македонската политка во моментот настапија на тие пресови, освен претседателот на Собранието Стојан Андов. Никој не знаеше каде е тој, а според сознанијата што ги добивме подоцна, тој се криел некаде на потегот Гевгелија-Богданци, по инструкција на генерали од КОС, во случај да не успее референдумот ВМРО-ДПМНЕ да не прави проблеми, да не има пушкарања и сл. Стојан Андов ќе остане запаметен како дезертер од најзначајниот настан во нашата поанова национална историја! Колку пататично звучи и изгледа споменатиот Андов сега, кога без срам и перде дава изјави за Референдумот, или монтира ТВ снимки како демек излегува на некое гласачко место и гласа (!?), ама не за настанот за којшто пишувам бидејки лично не учествуваше во него. Новинарите, сосема разбирливо, дента постојано ме притискаа за информации за одгласот на гласачите и резултатите од гласањето. Државната изборна комисија за Референдумот заседаваше во некоја од просториите на Собранието. Им појдов да ги прашам кога може да очекуваме некои поконкретни резултати? Ми одговорија "најрано за три дена"! Ми се стемни и со повисок тон им возвратив: "Свесни ли сте дека на врат имам 350 новинари, од тоа 90тина странски, кои секој момент очекуваат конкретни податоци"!? Тоа како да ги забрза работите и веќе после 18 часот почнаа да лиферуваат податоци за гласањето во дијаспората, но и ширум Македонија. Во меѓувреме централниот плоштад во Скопје се исполни со броен народ полн со возбуда и ентузијазам да го прослават историскиот чин. Кога беше сосема јасно дека народот речиси плебисцитарно ја подржа идејата за независност на Република Македонија се собравме група членови на владата на акад. Никола Кљусев во кабинетот на претседателот Глигоров за да појдеме заедно на плоштадот и да го прославиме со своите сограѓани успешниот Референдум. Но, непосреден сведок сум дека Претседателот Глигоров НЕ САКАШЕ ДА ИЗЛЕЗЕ на плоштадот Македонија каде скопските градски татковци веќе имаа поставено бина. Ситуацијата ја пресече пок. акад Кљусев кој оштро му се обрати на Глигоров со зборовите:"Како Киро не сакаш да излезеш? Па народот тебе те чека да те чуе! Ти си татко на нацијата!" Останатото е познато. Телевизиите секоја година по повод овој настан емитуваат исти снимки на раздраганост на бината на градскиот плоштад, наздравување со Фрушкогорски бисер и море среќнни граѓани кои го преплавија плоштадот. Кај мене сеуште е присутна енигмата: кој го обезбеди шампањското!? Имено, свесен дека референдумското изјаснување ќе биде успешно, замолив еден службеник од Министерството за информации да најде како знае и умее дежурна самопослуга и да купи неколку флаши шампањско. Впрочем, такви триумфални успеси и во спортот, но и во политиката се прославуваат со шампањско, зарем не!? Шампањското беше обезбедено, но после излезе дека и од блискиот ресторан Метропол било порачано шампањско и чаши за вино. Но, на крајот на краиштата не е ни важно кој шампањ се пиеше бидејки се точеше на бината и на тој начин симболично го одбележавме триумфалниот исход од Референдумот. Македонија беше единствена од бившите Ју-републики која се осамостои без војна, со референдумско (што е и најдемократско), изјаснување на граѓаните дома, но и во дијаспората!!! Но, нека биде запаметено: на бината немаше ниту еден претставник од СДСМ или како веќе се викаа тогај, а ни македонски претставници во сојузните органи и тела. Впрочем, ТВ камерите многу јасно го покажуваат тоа! Денес, кога после скоро три децении го одбележуваме овој свет датум некои старо-нови властодржци настојуваат да си го приватиризаат настанот небаре тие се организаторите и најзаслужните за успехот на Референдумот. Но не ќе можат да успеат! Референдумот за независност го организираше владата на акад. Никола Кљусев, или подобро речено дел од таа влада бидејки и во неа имаше поедини членови кои не беа баш многу ентузијасти за тој настан судејки по нивните изјави: "Независна Македонија само без мене"! М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер за информации и иселеништво и екс-амбасадор |