Деновиве од владата на Зоран Заев стигна соопштение дека Македонците и Бугарите имале „периоди на заедничка историја“, но без да се објасни кои се тие периоди. Поради тоа, овде ќе потсетам на некои историски факти со надеж дека ќе ги поттикнат досегашните јалови и дефанзивни активности на анемичната македонска Комисија за преговори со бугарските историчари, но и на Зоран Заев лично заради збогатување на неговите големи историски познавања.
Точно е дека Македонците и Бугарите биле поврзани во историјата, т.е. имале „заеднички историски периоди“, но тоа било главно само кога Бугарите доаѓале да ја ограбуваат Македонија, да војуваат против Македонците и да го тероризираат македонското население. За ова постојат податоци почнувајќи уште од раниот Среден век, па се до Втората светска војна. Еве некои од нив.
Првиот напад во Македонија од страна на Бугарите (вистинските етнички Бугари, кои имале монголски антрополошки карактеристики и зборувале на јазик од групата туркски јазици – за што постојат повеќе древни и современи бугарски извори, т.е. тоа е неспорен факт), проследен со пустошење на македонската земја, се случил во 539 година. Доказ за ова е сведоштвото на историчарот Прокопиј Кесариски, објавено во книгата „Христоматиа по историа на Балгариа“ (Софија,1964 год.). Овде, под наслов: „Прабугарите го напаѓаат Балканскиот Полуостров во 539 година“, пишува:
„Веднаш потоа голема хунска војска ја премина реката Истар и се нафрли врз цела Европа. Вакви работи се случуваа и порано, но никогаш како сега тие не му направија на народот толку многу и толкави големи злодела. Тие варвари опустошија се пред себе, почнувајќи од Јонскиот Залив, па сѐ до предградијата на Византион…“
Гледаме дека во овој документ турко-монголските Бугари се наречени Хуни. Тоа е поради фактот што во тогашните хунски напади на Европа активно учествувале и нивните роднини Бугарите.
Подоцна, кога турко-монголските Бугари се населиле од Азија во денешна североисточна Бугарија почнале непријателствата со околните народи, при што неретко страдала Македонија и нејзиното население.
Еден од најзначајните документи што сведочат за војна помеѓу Бугарите и македонските племиња, претставува Пресијановиот натпис пронајден кај Филипи (северно од Кавала). Овој натпис се однесува на привременото навлегување на Бугарите во Македонија во 847 година. Од натписот децидно може да се заклучи дека бугарскиот хан Пресијан водел жестока војна против населението во Македонија (конкретно против племето Смолјани кое тогаш живеело во Југоисточна Македонија). Овој документ е објавен во книгата на Јордан Иванов „Блгарски старини из Македониа“ (Софија, 1931 год.) и гласи:
„Пресијан, поставениот од Бога кнез на многуте Бугари, го испрати кавханот Исбул, откако му даде војска, и боилот Ичугру и канот боил Коловур, и кавханот против Смолјаните“.
Спомнатите термини: кавхан, боил и кан ги претставуваат највисоките воени чинови на бугарската војска од тоа време, што значи дека станувало збор за воен судир од големи размери. Главна причина за овој голем воен судир било тоа што припадниците на македонското племе Смолјани подготвувале востание против Византија заради свое осамостојување. Но, овој обид им пропаднал токму поради ненадејниот напад од турко-монголските Бугари. Според житието на монахот Григориј Декаполит, во оваа голема војна: „потоци крв течеле како река, а целата околина била опожарена и помрачена“.
Академик Иванов пишува дека Смолјаните живееле во југоисточна Македонија, а нивните населби биле распространети југозападно од Родопите по средната и долната област на реката Места. Практично ова македонско племе тогаш живеело отприлика на територијата на денешната Пиринска и дел од Егејска Македонија. Ова значи дека Бугарите во тоа време без војна не успеале да влезат дури ни на територијата на денешна Пиринска Македонија.
Нема сомнение дека денешните пирински Македонци во добар процент се потомци токму на Смолјаните кои живееле на истата територија. Траги-комично е тоа што денес мнозина пирински Македонци себеси национално се определуваат со турко-монголскиот етноним „Бугари“, иако токму Бугарите своевремено војувале против нивните предци Смолјани.
Ханот Пресијан подоцна бил заменет со својот син Борис, кој и објавил војна на Византија, при што повторно пострадале Македонија и нејзиниот народ. Борис, до 864 година и самиот ја носел азијатската титула хан, а потоа бил преименуван во кнез.
И неговиот наследник и син, покрстениот цар Симеон им нанесол многу страдања на Македонците. Според современите бугарски историчари, членовите на семејството на бугарскиот цар Симеон дома си зборувале на мајчиниот турко-бугарски јазик и тие допрва почнале да го учат словенскиот јазик. Постојат страотни сведоштва за разурнувачките војни што Симеон ги водел на територијата на Македонија, каде неговите војски уништувале сѐ пред себе. Цариградскиот патријарх Николај Мистик за навлегувањата на бугарските војски во Македонија возбудено констатирал:
„Но, кога си припомнувам за толкавиот број разрушени храмови, манастири и домови, за убиените епископи, за силуваните девици, за измачуваните монаси - како можам да се надевам дека Бог ќе го заборави сето ова?“
За пустошењата од страна на војските на бугарскиот цар Симеон во Македонија постои и сведоштво од еден македонски книжевен паметник од 11 век, во кој се вели:
„Симеон бил нечесен и зол кон луѓето и тој ја уништил македонската земја... Тогаш сите луѓе пропиштеа од овој цар и повикаа: Тешко нам, браќа, од овој цар!“
За ваквите бугарски пустошењата, византискиот историчар Лав Ѓакон во својата „Историја“ запишал:
„Во месец септември, втор индикт, Симеон Бугаринот повторно настапил со својата војска против Цариград. Притоа ги опљачкал Тракија и Македонија, каде сѐ опустошил и разурнал“.
Византискиот историчар Симеон Логотет, за разурнувањата на Македонија од страна на бугарскиот цар Симеон, напишал:
„Во месец септември бугарскиот кнез Симеон со целата своја војска дојде до Цариград и притоа ги оплени Тракија и Македонија. Таму тие разурнаа и запалија сѐ и ги исекоа овошките“.
Овде сами по себе се поставуваат прашањата: чија земја уништувал турко-монголскиот Бугарин (со крстено име) Симеон и чии жени силувале припадниците на неговите војски? Зарем тие си ги силувале сопствените „сонароднички“ доколку наводно Македонците биле „етнички Бугари“?
Инаку да го спомнеме фактот дека во 1952 година за време на археолошките ископувања близу Велики Преслав во Бугарија, т.е. во областа каде претежно биле населени турко-монголските Бугари, откриен е гробот на бугарскиот војсководител по име Мостич кој бил војсководител токму за време на бугарските цареви Симеон и неговиот син Петар. Врз oснова на неговиот череп, од страна на познатиот бугарски антополог и член на Бугарската академија на науките Јордан Јорданов, реконструиран е ликот на овој бугарски војсководител, чија илустрација ја приложуваме како дел од овој текст.
Овде нападно се поставува прашањето: Ова ли е предокот на денешните Македонци? Ова ли е „прадедото“ на Гоце Делчев? Вака ли изгледале крвните предци на денешните Македонци? Потенцираме дека Мостич најверојатно бил најголемиот бугарски војсководител на сите времиња ако се земе предвид фактот дека тој служел во времето на цар Симеон (кој исто така бил турко-монголски Бугарин) во чие време Првото бугарско царство го доживеало своето најголемо територијално проширување. Денес, во чест на големиот бугарски војсководител Мостич, во општина Велики Преслав во Бугарија, постои село со неговото име.
Во седумдесеттите години на дваесеттиот век, од страна на бугарскиот академик Јорданов, извршена е реконструкција на лицата и од други черепи на турко-монголски Бугари пронајдени во гробница во Девна, кои таму биле погребани во деветтиот век. Од овие черепи исто така јасно се гледа дека вистинскте етнички Бугари припаѓале на жолтата раса. И повторно се поставува прашањето: ова ли се предците на денешните Македонци? И не само тоа: нека објаснат денешните бугарски историчари и политичари, како е можно денешните Бугари да бидат припадници на белата раса, а како свои крвни преци да слават луѓе (исто така Бугари) кои припаѓале на жолтата раса? Па дури се обидуваат овие азијати да ни ги накалемат и нам Македонците како „наши предци“ (иако првиот бугарски хан Кубрат цел живот си живеел во својата татковина Азија, никогаш во животот немал ни стапнато во Европа, а најверојатно немал ни слушнато за Македонија – камо ли да биде наш „предок“). Зарем тоа не е смешно? (Притоа искажувам почит кон сите раси во светот). Одиме понатаму.
Македонците страдале од Бугарите и во времето на таканареченото Второ бугарско царство. Посебно познат по несреќите што му ги донел на македонското население бил владетелот на оваа држава Калојан. За неговите злодела врз македонскиот народ авторот Владислав Граматик напишал:
„Тој Калојан при секое враќање од борбите што ги водеше против Ромеите, ја пустосеше македонската земја и извршуваше многу жестокости врз населението. Засолништата им ги рушеше до темел, а многу народ одведе во пленство и го пресели преку Дунав. (Петар Ников: „Материали за средновековната историа на Блгариа“ - ПСп, кн. 55-56, с. 250)
За несреќите што цар Калојан им ги нанесол на Македонците сведочи и византискиот писател Никита Хонијат:
„Најправилно би било да се каже дека никогаш досега човечко око не видело, ниту човечко уво не слушнало, ниту пак такво нешто дошло до човековото срце, како што беше тоа што Куманите и Бугарите го направија за време на нивните налети. Големите, познати и дотогаш многунаселени градови, прекрасните села околу нив, уредно обработените полиња и ливади, цветните градини, кои изобилуваа со плодови поради нивното напојување од околните рекички, високите дворци, преубавите уметнички соѕидани и насликани со разни бои палати, удобните бањи, натежнатите од плодови лозја, обилните со жетва ниви и илјадници други предмети... - сето тоа, откако населението беше истребено, стана живеалиште на ежови и на диви животни. Ако некој можеше да фрли само еден поглед на сето тоа - исполнет со болка - ќе се удреше во градите и со солзи во очите ќе кажеше дека го видел рушењето на вселената... Во мојот јазик не постојат такви изрази што ќе бидат достатни за детално и целосно набројување на сите нивни многубројни злодела...Така, овие варвари немаа ниту мерка, ниту граница за својата нечовечност.“
И ова потресно сведоштво доволно зборува за тоа колку Македонците и Бугарите биле „еден народ“.
Во врска со походот на Калојан во Македонија и во Тракија, византискиот писател Никифор Григора запишал:
„Македонските и тракиските градови беа целосно уништени, откако претходно доживеаја многу несреќи ту од Латинците, ту од Бугарите и Скитите. Уште што ли се не им направија на христијаните овие крвожедни народи...“ (В. Златарски: Историа на блгарската држава през Средните векове, 3, 266).
Во „Чудата на Свети Димитар“ исто така постои сведоштво во врска со пустошењата на бугарскиот цар Калојан во Македонија:
„Тогаш владетел на Бугарите бил Калојан... Тој, откако ја пребродил цела Македонија, ги опустошил сите области, до темел ги срушил основните крепости, пљачкосувал и го испустил и го преселил целото население покрај брегот на реката Дунав - со еден збор, го престорил во пустина секое место што го нападнал. Потоа тој незадржливо се упатил против Солун, заедно со својата војска, која била побројна и од морскиот песок и која се состоела од Бугари, Кумани, Татари, Хазари...(Христоматиа... с. 273).
Значи, бугарскиот цар Калојан ја пустошел Македонија и ги убивал Македонците со својата војска, од која големото мнозинство (покрај Бугарите) биле неговите роднини турко-татарските племиња: Кумани, Татари и Хазари.
За пустошење на дел од македонската земја постојат византиски сведоштва и од времето на бугарскиот цар Михаил Шишман од околу средината на 13 век. Така, на пример, хроничарот Георги Акрополит во својата хроника запишал: (Христоматиа по историа на Блгариа, стр. 293)
„Кога владетелот на Бугарите научил дека императорот се наоѓа далеку, ја повикал сојузничката скитска војска и ја испратиил против македонските области за да пљачкосуваат, а и за да ги исплашат Ромеите“.
Доколку некој се обиде да забележи дека под терминот Македонија, овде не се подразбира денешна Македонија, туку византиската административна област Македонија (која во тоа време главно се наоѓала во Тракија, но опфаќала и делови од Македонија) ќе одговориме дека во документите за бугарските средновековни пустошења во Македонија се спомнати делови од денешна Македонија и тоа: Халкидик, Серез, околината на Солун, Струма и други македонски места, а некои документи, посебно се спомнати Македонија и Тракија. Ова значи дека тогашните Бугари ја уништувале територијата на денешна етничка Македонија.
Подоцна кога Турците навлегле на Балканот во 14 век голема помош им пружиле Бугарите (иако подоцна и самите настрадале од нив). Бугарскиот цар Иван Александар бил единствениот европски владетел што бил воен сојузник на Турците во времето на нивните балкански освојувања! Во книгата „Историја на Бугарија“ (Софија, 1954 год.) читаме:
„Напредувањето на Турците во Тракија ја направил уште поголема потребата за формирање на еден заеднички балкански фронт за борба против Турците. За жал, ваков фронт дури ни сега не бил создаден. Дури и обратно - во 1364 помеѓу Бугарите и Византијците избувнал конфликт околу црноморските градови Поморие и Несебар. За да им се спротистави на Византијците, Иван Александар се послужил со турски наемници и склучил сојуз со султанот Мурат. Тоа било голема грешка, која ги раздробила силите на балканските држави и им дозволила на завојувачите полесно да ги остварат своите планови.“
Подоцна Турците ја окупирале Македонија, откако претходно ги поразиле македонските феудалци кај Черномен близу реката Марица во 1371 година. И додека Бугарите во времето на битката на Марица биле воени сојузници на Турците, еве како се однесувале Македонците во обидот да си ја зачуваат слободата на својата земја. Во книгата „Историја на Бугарија“ се вели:
„...По битката кај Черномен Турците започнале да настапуваат кон запад и навлегле во Македонија. На повеќе места тие наишле на јуначки отпор од страна на населението, кое докрај се борело за заштита на своите родни огништа. Драстичен пример за својата храброст дале жителите на Битола, кои долго ги одбивале непријателските одреди.“
Бугарите го раскинале воениот сојуз со Отоманската империја дури по смртта на Иван Александар, по што и тие потпаднале под власта на Турците.
Сите досега изнесени податоци јасно зборуваат дека Македонците никогаш немале и немаат бугарски етнички корени затоа што никогаш во историјата не дошло до масовно населување на вистинските етнички Бугари во Македонија и до нивно мешање со Македонците. Во 19 и 20 век Бугарите, со помош на Русија, успеале повторно да создадат своја држава, па оттогаш нивната пропаганда среде Македонците станува уште позасилена при што неретко се користат и фалсификати за што ќе зборуваме во некоја друга прилика. Имало периоди и кога Бугарите и бугарската држава многу им помагале на Македонците, ги прибирале македонските бегалци на своја територија и им дозволувале општествено да се организираат, иако тоа го користеле за своја полза. За време на Втората светска војна Бугарија окупира дел од Вардарска и Егејска Македонија, но за тоа исто така во некоја следдна прилика. По Втората светска војна Бугарија и официјално го призна постоењето на македонската нација на своја територија, но за време на режимот на комунистичкиот диктатор Тодор Живков повторно е воведен терор и други форми на насилство против Македонците. Денешните бугарски режими се уште измеќаруваат на политиката на Тодор Живков, иако врз ваквата политика најголемо влијание имаат токму одродените Македонци во Бугарија кои многу добро знаат дека доколку Бугарија го признае постоењето на македонската нација тие ќе останат како риби на суво. Тоа е и главната причина зошто тие и денес ја подгрејуваат хистеричната анти-македонска пропаганда во Бугарија.
Повеќе детали за сето ова во документарната емисија „ЕТНОГЕНЕТСКИТЕ РАЗЛИКИ ПОМЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ И БУГАРИТЕ“, која треба секаде да ја споделувате:
https://www.youtube.com/watch?v=lSDOV0yfJTQ&t=23s&ab_channel=AleksandarDonskiHistoryChannel
Истата емисија со англиски превод треба да се испраќа на странски субјекти:
https://www.youtube.com/watch?v=mpQqRXAmdNI&ab_channel=AleksandarDonskiHistoryChannel
Ликот на еден од најголемите бугарски војсководители на сите времиња по име Мостич (10 век). Ликот е реконструиран од страна на бугарскиот антрополог и академик Јорданов врз основа на черепот на Мостич пронајден во 1952 година кај Велики Преслав. Ова ли е предокот на Македонците? Илустрацијата е преземена од книгата „Што сме ние: Бугари или Татари?“ од книгата на познатиот татарски историчар Халиков (Казан, 1992).
Ликови на етнички Бугари реконструирани врз основа на нивните черепи од страна на бугарскиот антрополог и академик Јорданов. Ова ли се предци на Македонците?