|
|
Свекрва: Идентитетот и јазикот на Македонците не смее да биде предмет на трговија |
Свекрва Зоран Заев вели дека следува блокада од Софија, односно дека официјална Бугарија вели „не за преговорите, но не и за членство на земјата во ЕУ“. Сепак тој е оптимист и верува дека до декември ќе се изнајде решение. Тоа во превод би значело дека пак нема да опстои на зборот и уште еднаш ќе потклекне под притисок, прифаќајќи нешто што ниту еден разумен македонски политичар не би прифатил–членство во ЕУ под уцена и губење на националниот идентитет. Всушнист, доколку оваа власт ги прифати уцените на Софија, македонскиот народ е на пат да исчезене, а македонската територија да се распарчи. Исчезнувањето на македонскиот народ може да се случи на два начина. Прво доколку Скопје го прифати барањето на Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, потоа ако се откаже од историјата и ги прифати бугарските корени. Второ, доколку оваа неспособна власт, донесена да ја растури Македонија, продолжи со оваа стратегија за справување со корона вирусот. Тогаш нема да останат никој од постарите за да раскажува за бугарската фашистичка окупација и нивните злосторства извршени во земјата за време на Втората светска војна, меѓу кои се Холокаустот на Евреите и стрелањето на децата во Ваташа. И наместо Софија да се извини и да му подаде рака, на како што вели братскиот („ист“) народ, со ваквите закани за вето, наместо земјата да се интегрира во ЕУ, таа ја турка Македонија кон Србија и внатрешни поделби. Односно федерализација и поделба на земјата по линија од Втората светска војна, кога со Источна Македонија администрираше Бугарија, а со Западна Македонија Италија, односно кралството Албанија. Во денешно време, со својата стратегија Бугарија, која како држава беше формирана од Русија по Руско–Турската војна (1877 - 1878) во местото Сан Стефано, а потоа санкционирано истата година во Берлин, тежнее кон делумно остварување на својот Санстефански сон. Но, со својата постапка, иако е членка на ЕУ и НАТО, таа во овој момент првенствено и помага на Москва во создавањето на нестабилност во јужното крило на НАТО на Балканот. Меѓутоа, дезинтеграцијата на земјата изгледа нема да ја попречи ни НАТО, ни ЕУ. Едноставно тие ќе се задоволат дека на тој начин уште повеќе ќе ја притиснат Србија која е се’ поблиску до Москва. Меѓутоа, за вистински да се стабилизира овој дел на Балканот, евентуално новата администрација на САД и НАТО ќе мора да ја поддржат Македонија. Тоа мора да го направат ако сакаат мир на овој дел, бидејќи што би се случило доколку развојот на настаните оди во овој правец никој не знае каква ќе биде реакцијата на Србија и Грција. А ваквиот развој секако ќе го зоврие Балканското буре барут. Се што во изминатите две децении социјалдемократите направија, особено по конфликтот во 2001 година и Рамковниот договор оди во прилог на овој можен развој на настаните. Терторијалната поделба во 2004 година и најновото прифаќање на двојазичноста на цела територија. Тоа се надоврзува и со присуството на политичарите на ДУИ во преговорите за името, идентитетот и јазикот со Грција и Бугарија. Софија вели дека во Македонија се потикнува и шири омраза кон Бугарија. Напротив, ако некој ја потикнува тоа го прави источниот сосед со негирањето на македонскиот народ и неговите небулозни тврдења за бугарските корени на Македонците и македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот. Ако некој те негира, зар ќе го гледаш истиот со симпатии!!? Сепак и покрај сите напори што ги прави Софија и домашните петоколонаши, за да ја растурат Македонија, таа опстојува и тоа благодарение на почитувањето меѓу македонскиот народ и заедниците. Како што заедно се спротивставија на фашизмот во Втората светска војна, така и денес усшешно се спротивставуваат на барањата на модерните фашисти. Едноставно, мнозинството Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Власи, Бошњаци и др. се против промена на името, идентитетот, историјата, јазикот за кои преговара оваа власт. Доколку власта предводена од Заев уште еднаш излаже и се сложи со барањата на Софија. тогаш како што вели лидерот на најголемата опозициска партија Кристијан Мицковски ќе се случи народ. Едноставно, македонскиот народ, сплотен како никогаш досега ќе излезе и ќе ја побара правдата на улица. Во тоа нема да ги спречи ни полициски час, ни корона вирусот. Што чувствуваат Македонците во нивните срца, без разлика на етничка припадност и вера, најдобро говори победата на фудбалската репрезентација на Македонија над Грузија. Македонската репрезентација, во која покрај Македонци играат играчи и од сите други заедници, изгореа за својот македонски дрес. Тие лавовски се бореа до победата која ја однесе земјата на ЕП идната година. Оваа победа ја прославија со песната излези момче право на тераса...., што многу кажува. Тоа истото го направи и македонскиот народ кој масовно излезе на улица во сите градови на Македонија за да ја прослави победата. Тоа нека биде поука, дека истиот тој народ, сплотен може масовно да излезе на улица ако некој се обиде да тргува со идентитетот и јазикот на македонскиот народ. Во народот нема дилема–Идентитетот, историјата, историските личности (Гоце и др.) и јазикот на Македонците не смее да биде предмет на трговија. |