|
|
Проф д – р Ѓорѓи Малковски: 78 години од славната борба кај Фојничка Пештера, Велешко |
Проф д – р Ѓорѓи Малковски Хероите ја поминаа портата на историјата и заминаа во вечноста – 78 години од славната борба кај Фојничка Пештера, Велешко Во многубројните акции на бугарската војска и полиција против борците на Втората чета на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“, во декември 1942 година се одиграла една од најкрвавите борби во која животот го загубиле и дел од борците на четата. Имено, во тоа време бугарскиот окупатор ја водел познатата декемвриска офанзива за ликвидирање на Велешкиот партизански одред. Затоа, во првата поливина на декември 1942 година, Втората чета, составена од 14 борци, се засолнила во месноста Пешти, близу р. Бабуна. Меѓутоа, поради несигурноста на теренот, четата заминала на војнички терен, односно се засолнила во Војничка Пештера. Пештерата, всушност, претставувала база за борците и сигурно засолниште од потерите. Но, борците во пештерата биле забележани од Тоде Мирчевски од с. Крајници, кој веднаш ги известил Бугарите. Во едно магливо студеникаво утро, на 16 декември 1942 година, пештерата била опколена од бугарски војници и полицајци. Претходно, деветмина борци биле одвоени од Четата и испратени по разни места. Борците преморени спиеле. Единствениот стражар, Димче Јовевски – Здравко, се повлекол поблиску до пештерата. Кога ги забележал војниците, го известил командирот Јордан Лазовски - Цвајот. Потоа, биле алармирани и другите борци. Бугарите, ништо не претчувствувајќи, се приближиле кон пештерата. Во таква ситуација, Ј. Лазовски, во договор со другите борци, донел решение да се пука на Бугарите кога тие ќе се приближеле до одредена далечина од пештерата. Меѓутоа, пушкомитралезот на Тодор Трчков, со кој што требало да се одпочне со пукање, се расипал. Во тие моменти, кога и секундите одлучувале, Ј. Лазовски им се обратил на борците со зборовите дека, за да создаде забуна, меѓу војниците ќе фрли бомба, по што борците требало да извршат јуриш и да го пробијат обрачот. По договорот, командирот ја фрлил бомбата и се слушнал силна експлозија. За миг потоа, се слушнале и други експлозии од бомбите, кои што останатите борци ги фрлиле кон Бугарите. Истовремено, се отпочнало и со пукање. Бугарите одговориле со силно концентрично пукање од пушки и пушкомитралези. Нада Бутникошарева, Родна Ивева и Тодор Трчков, биле на излезот на пештерата постојано пукајќи кон непријателот. Во тие моменти, од страна на Бугарите се слушнало викање дека нивниот командир бил убиен. Настанало колебање кај Бугарите. Тоа го искористиле борците и еден по еден се извлекувале од пештерата. Првите шест борци што ја напуштиле пештерата и со пукање и трчање успеале да се спасат биле: командирот Јордан Лазовски и борците: Тодор Трчков, Димче Јовевски, Борис Дурчев и Кочо Мешков, како и Дончо Димовски, кој при пробивот на излезот од пештерата бил ранет во раката. Тие го убиле командирот на полицијата и успеале да се пробијат. Кон оваа група подоцна се приклучил и Јован Јовевски, кој штотуку пристигнал од Велес. Во борбата до последен здив се борел и херојот Анде Кошулчев. Тој, држејќи отстапница, постојано пукал и ги повикувал останатите борци да излегуваат што побргу. Во обидот да се пробијат, блиску до него покосени од непријателски куршуми, загинале Миле Милевски (1921 – 1942) и Благој Јанушев (1920 – 1942). Андета тоа не го поколебало, туку, уште повеќе почнал да пука кон непријателот. Од пештерата се слушале сé помалку истрели. Бугарите го стегале обрачот се повеќе и поцврсто, такашто било неможно повеќе да се излезе. Тогаш, храбро загинале борците Родна Ивева (1922 – 1942), Стојан Јанев – Чашкарецот и Трајче Панов (1921 – 1942). Со мртвите другари единствено во пештерата останал Анде Кошулчев. Ранет во раката и стомакот, со последните сили давал отпор. Малку подоцна не се слушал одговор на пукотниците што доаѓале од бугарската полиција. За момент завладеала тишина. Анде со револвер во раката седел во крајниот дел од пештерата. Не можел да се движи. Од надворешната страна на пештерата, Бугарите извикувале:„Шумкари, предајте се!“. Мислејќи дека во пештерата немало никој, бугарските војници тргнале. За нив изненадување претставувало гласниот извик од пештерата „Да живее Македонија, смрт на фашистите, да живее Комунистичката Партија“. Бугарите се стаписале. Само неколку секунди потоа, од внатрешноста на пештерата се слушнал револверски истрел. Војниците и полицајците како да претчувствувале дека внатре во пештерата некој извршил самоубиство. Во тоа не се излагале. Кога влегле внатре, имале што да видат. Труповите на неколку борци лежеле неподвижно. Во аголот се забележувала тенката силуета на Анде, кој со стегнати прсти, држејќи го сé уште револверот во десната рака, во близина на својата глава, едвај давал некакви знаци на живот. Бугарите не можеле да веруваат. Анде Кошулчев, со последните сили, не давајќи се жив во рацете на војниците, извршил самоубиство. „Какво херојство“, несакајќи им излетало од устите на неколкумина војници. И овие крвожедници останале вчудоневидени и несвесно се восхитувале од храбриот партизан и другите борци на партизанскиот одред „Димитар Влахов“. Така животот го завршил Анде Кошулчев, првиот загинат брат од тројцата браќа на Кошулчеви. Имал само 19 години и бил на почетокот на својот живот. Васа Кошулчева (десно) ги оплакуваше своите три загинати сина Слична судбина имала и хероината Нада Бутникошарева. Таа, во текот на излегувањето од пештерата била ранета. Со последните сили се пробила низ обрачот и се упатила кон с. Војница. Под селото, поради премореност, се сокрила во еден жбун. Меѓутоа, во потрагата што Бугарите ја организирале по преживеаните борци, неа ја нашол еден селанец од с. Војница. Забележувајќи ја Нада, која западнала во бесознание, се приближол до неа. Нада го гледала со своите крупни и благородни очи. Очекувала спас од него, мислеј ќи дека сепак, поради познанството со татко и Петре, нема да ја предаде. Но, П. Мирчев, не покажал сожалување кон младата девојка. И покрај тоа што ја познавал Нада, ладнокрвно нанишанил кон неа. Од еден метар далечина, испукал три куршуми. Местата каде што било погодено телото се претвориле во три огромни дупки. Потоа ги известил Бугарите. Нада била површно закопана во блискиот дол. Имала само 23 години и верба во вооружената борба, за која сметала дека е единствениот спас и пат за конечно и Македонците да формираат своја држава, копнеж и идеал на многу генерации пред неа. Од оваа група само Благој Лазаров – Страчков, политички комесар на Четата, успеал да се пробие и со повредена нога заминал во Велес. Преостанатиот дел од борците, за да се спасат, заминале во Тиквешко. Другиот дел преживеани биле уапсени и предадени. Така завршил борбениот пат на Втората чета на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. |