|
|
Ветото на Бугарија остава простор за влез на трети страни во мекиот стомак на Европа! |
Свекрва Ветото на Бугарија кон крајот на 2020 година, со кое не се дозволи почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ, ги изневери очекувањата на народот и ја изненади актуелната власт. Тие беа разочарани што за време на германското претседавање со ЕУ, не се најде начин за да се донесе позитивна одлука за усвојување на Преговарачката рамка, што ќе овозможеше да се одржи и првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија до крајот на 2020 година. Меѓутоа, не беа сите изненадени, особено не оние кои ги следат односите меѓеу двете земји од формирањето на македонската држава. Бугарија поради својот вековен сон направи катастрофална грешка оставајќи ја Македонија сеуште да чека во предворјето на Европа. Со тоа се остави простор за уште посериозно продирање на интересите на трети страни во стомакот на Европа. Сепак вината не може да се бара само во соседот туку и во оваа наша неспособна власт. Таа ја отвори Пандорината кутија во моментот кога го прифати поклонот на Данајците (Атина), односно кога го потпиша Преспанскиот договор со Грција за промена на името во замена за членство во НАТО. Потпирајќи се на грчкото искуство, денес Бугарија сака да ја искористи оваа неука, ненаситна и расипничка власт во Македонијам за да го исполни вековниот Санстафански сон, кој трае уште од 1878 година, и за кој водеше неколку војни во минатиот век. А тоа е според Софија – „обединување на бугарскиот народ кој живее од Црно Море до Охрид и од Дунав до Егеј“. Поради негирањето на Софија за постоење на македонски народ, јазик и култура, за што историчарите од двете страни имаат различно толкување, македонско-бугарските односи долго време беа и сеуште се обременети. Од Втората Светска Војна па до денес овие односи минуваа низ различни периоди, од негирање до признавање, па пак негирање. Потоа од пријателски, до крајно заладени. Тие секогаш зависеа не само од меѓусебните релации, туку и од односите со другите балкански земји, како и од геостратешките интереси на големите сили на Балканот. И покрај одредени затоплувања на односите по Втората светска војна, како и заладувања на односите по Резолуцијата на Инфорбирото во 1948 г., курсот во однос на македонското прашање дефинитивно го одредува Бугарската академија на науките (БАН), во брошурата објавена во 1968 г. Од тогаш до денес, односот на БАН кон македонското прашање многу не се изменил. Тие ја поддржуваат денешната официјална политика на негација на македонскиот народ, што пак резултира со вето за Македонија. Меѓутоа бугарските политичари кои ставија вето за влез на Македонија во ЕУ, барајќи Македонците да ги признаат бугарските корени, потоа заедничката историја до 1944, како и тоа дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект, забораваат на историските факти кои Европа добро ги знае. По Втората светска војна Македонија која била во рамките на Југославија им помогнала на Отечествениот фронт (ОФ) да го исперат срамот на бугарската фашистичка власт. Имено, по превратот на 9 септември 1944 година, кога Отечествениот фронт (ОФ) ја симна фашистичката влада, која беше сојузник со Хитлер, Бугарија беше ставена под контрола на специјална Сојузничка контролна комисија составена од Советскиот Сојуз, Велика Британија и САД. Единствен спас да излезе од оваа состојба и да го испере срамот беше да се вклучи антифашистичката борба. Во тоа и помогна Авнојска Југославија, во чиј состав беше и Македонија. Не само што и беше дозволено на бугарската армија да учествува во завршните операции против германскиот окупатор на југословенска територија, туку ја подржаа Бугарија на Мировната конференција во Париз, а исто така и ја ослободи од плаќање на репарации. Бугарската благодарност траеше се до 1968 година. Од тогаш, македонското прашање кое континуирано егзистира уште од Санстефанскиот договор и Договорот од Берлин во 1878 година, потоа по поделбата на Македонија во 1913 година, кое топло ладно се појавува по Втората светска војна ги заладува македонско-бугарските односи. Во периодот од 1944 до 1948 година, тогашните бугарски власти, на чело со Ѓорѓи Димитров, во врска со македонското прашање го имаа следниот став: „Создавањето на НР Македонија, во рамките на Нова Демократска Федеративна Југославија претставува остварување на вековниот идеал на македонскиот народ. Иако остварена само врз еден дел од националната територија на Македонија, првата држава на македонскиот народ претставува база околу која треба да се обезбеди обединувањето и на другите нејзини делови. БРП(к), бугарската влада и народот на ОФ Бугарија и ја даваат својата полна поддршка на НР Македонија и се залагаат за крајно остварување на националниот идеал на македонскиот народ. Притоа БРП(к) и владата на ОФ Бугарија тргаат од историскиот факт дека и народот во Пиринска Македонија го бара своето обединување како признание за неговата четиригодишна херојска борба против фашизмот, за национална слобода и самоопределување, како признание за неговиот востанички и вооружен придонес во редовите и на БРП(к) и на бугарското антифашистичко движење“. Во овој период во Пиринска Македонија се изврши попис на населението, при што Македонците слободно го изразија своето национално чувство. Истовремено во училиштата, низ цела Пиринска Македонија, се почна со настава на мајчин македонски литературеи јазик, изучување на македонска историја. Во Горна Џумаја (Благоевград) почна со работа Македонски народен театар на македонски јазик, а се даде и директива за изработка на законски проект за територијална автономија на Пиринска Македонија. Овој пријателски однос и процесот за припојување на Пиринска Македонија со НР Македонија беше прекинат по осудата на Југославија со Резолуцијата на Инфорбирото во јуни 1948 година, а Димитров кој беше против оваа осуда набргу го снема од историската сцена. Иако, односите беа заладени, во овој период не се оспори постоењето на македонскиот народ, јазик и култура. Напроти, бугарските власти во интерес на пропагандната војна која ја водат против Југославија, ги бранат Македонците во НР Македонија. Тие го обвинуваат Белград за фашизам, дека врши србизација на македонскиот народ и бараат НР Македонија да се припои кон Пиринска Македонија. Се прават подготовки дури и за воена инвазија врз Македонија. По смртта на Сталин во март 1953 година и расформирањето на Информбирото, дошло до затоплување на односите меѓу Бугарија и Југославија, со што и македонско-бугарските односи. Во 1956 година бил извршен попис на населението и во Пиринска Македонија од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862, или 63% од целокупното пиринско население (овој попис денес Бугарија не го признава). Две години потоа, во 1958 година започна полека негирање на постоење на Македонци во Пиринска Македонија и македонски јазик. Повторно оживеа санстефанскиот дух од минатото, а со тоа и територијалните аспирации на Бугарија кон Македонија. Посебно место во ескалирање на македонско-бугарските односи зазеде Бугарската академија на науките (БАН), која во ноември 1968 година ја издаде брошурата „Историско-политичка информација по македонското прашање“ во која се негира постоењето на македонскиот народ, јазик и култура. Ова беше прифатено како официјален став на Бугарската комунистичка партија, а потоа и на самата бугарската држава. Брошурата го трасира патот на бугарската политика и до денес ниту еден бугарски политичар се нема оградено. Во деведесетите години, со демократизацијата на бугарското општетсво, оваа реторика времено исчезна и Бугарија е првата земја која ја`призна Македонија. Македонско-бугарските односи повторно се затоплија. Сепак изненадува фактот што денес, повторно бугарските политичари и историчари почнуваат да го користат речникот од седумдесетите години на минатиот век, користејќи закани за блокада на Македонија на патот кон ЕУ (што и го направија кон крајот на 2020 година) ако Македонија не го прифати нивното толкување на историјата. Бугарските корени на македонскиот народ и дека македонскиот јазик е дијалект на западнобугарскиот јазик. Ваквото однесување на Бугарија ги изненади Германците кои преседаваа со ЕУ до крајот на минатата година, како и останатите нејзини членки. Многу подобро би било кога Бугарија би се потсетила на времето на Георги Димитров и би го признала македонскиот народ, јазик и култура, потоа македонското малцинство во Бугарија и кога би ја поддржала Македонија за влез во ЕУ за време на председавањето на Португалиа со ЕУ.. Само така Бугарија може да ја покаже својата големина како држава и да докаже дека е братски народ. Обединети во Европа, и двете земји нема да имаат потреба да се плашат за било кави територијални претензии, а историските спорови, со текот на времето ќе се заборават. Тогаш и двата народа ќе можат да напредуваат и да ги слават новите заедничките датуми кои ги спојуваат, како што ги спојуваат бројните роднински врски. |