|
|
Мане Јаковлески: ЗОШТО “МАКЕДОНСКА НАЦИЈА“ 2009 година |
Педесет години од печатењето на првиот број на „Македонска нација“ Македонска нација“ не е орган на политичка партија, друштво, или организација, туку е широка национална трибуна, во која може да соработува секој оној Македонец и Македонка, која сака да работи за доброто и среќата на својата нација. На македонската национална кауза може да и служи секој чесен Македонец без разлика на неговите филозофски погледи, идеолошки убедувања или партиска припадност“. Ќе напише во својот уводник уредникот на “Македонска нација“ во далечната 1971 година. Годината кога за прв пат светлото на денот го виде весникот “Македонска нација“. Весникот што долго време го очекуваа сите Македонци ширум светот. Весникот, во кој ќе можеа да прочитаат за себе, за својата татковина, за своите најблиски. Но, и весникот, чија главна улога беше да се зборува за она што беше забраното. Да се зборува за вистината на Македонците, за вистината на Македонија, за вистината, која се сокриваше. За вистината на религијата, историјата, за националната припадност ... за нас Македонците, протерани, замолчени, измачени и убивани. За вистината на Македонија, за нејзината независност, за улогата на странските држави, за улогата на соседите. За се што придонесе да се јави гласот на освестените Македонци. Македонците кои си ја сакаат својата држава, своето парче земја, својот јазик и својот идентитет. Ќе речете, премногу сличности за период од педесет и повеќе години!? Дефинитивно е така, и тоа е факт! Но, факт е и дека стремежот на Македонците никогаш не умира, не запира! Тој живее во секој од нас. Живее и во овие турбуленти времиња, кога еве повторно некој се обидува да ни го одземе нашето достоинство. Нашата мисла водилка, што ја негуваме години наназад. Да ни го одземе правото на свое размислување и определување. Велат, годинити се менуваат но, болките остануваат. И тоа е точно. Сега во времето на демократијата во Европа ние повторно се соочуваме со истите, само модифицирани билки. Повторно некој сака да каже дека сме нешто друго. Повторно некој сака да ни го одземе чуството на среќа. Повторно некој сака да ја менува историјата, да ги занемарува фактите, да ги извртува нештата. Но, нема да дозволиме. Ние знаеме дека сме Македонци. Ние знаеме дека не можеме да бидеме ништо друго. Ништо освен Македонци. Големи или мали, како сакате! Ете затоа повторно “Македонска нација“. Ете затоа повторно гласот на Македонецот. Овој пат многу послободен за да може да зборува за себе, за вистината, за Македонија. Да ги истражи и објави сите неправди, сите злодела што со години наназад ни биле направени, а при тоа никој не сакал да ги слушне. Да ги објави вистините за Македонија, па колку и да се тие болни за некого. Да се чуе гласот на секој Македонец, овде во нашава татковина, но и надвор од неа. Тоа им го нуди нашиот портал. Порталот “Македонска нација“ од сега па натаму ќе биде местото, каде ќе се објавуваат вистините за нашата држава. Местото, во кое свое место ќе си најде секој. И оној што размислува лево, но и оној кој и припаѓа на десната опција. И оној кој размислува вака, но и оној кој размислува онака. Затоа што ние разбираме дека живееме во демократија. Впрочем тоа беше и желбата на оние кои го издадоа првиот број на весникот “Македонска нација“. Секој има право на својата вистина. Таа едноставно мора да се чуе, разбере, напише. Ете затоа повторно “Македонска нација“. За да нема тајни мисли. За да нема задкулисни игри, на кои ние Македонците од секогаш сме биле жртви. За да нема прогон. За да нема осуда. Затоа што мислата мора да живее. Сонот мора да се реaлизира. Татковината мора да опстои, а ние Македонците мора да се бориме за да не биде. Тоа е пораката која мора да ја носиме сите во нас. Како водилка низ мачнината која можеби повторно не очекува. Мане Јаковлески |