|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 106 |
КОЈ КЕ СЕ ФАТИ ЗА МЕЧОТ...
1. Е мои драги Македонки и Македонци - каде и да сте по светов!? Што доживеавме од оваа злосторничка власт во Републиката: еден инплант во македонското национално тело, во форма на министер за правда (Бојан Маричич) со акт на споменатото министерство з а б р а н у в а (!?) користење на придавката Македонски, Македонска и именката Македонија!!! Да небеше вистинита оваа забегана до лудило работа (види го актот со забраната приложен подолу), немаше да поверувам дека такво нешто може да не стрефи!? Но, за жал, сепак не стрефи!
Термините „Македонија“, „Република Македонија“, „ПЈР Македонија“, кратенката „ПЈРМ“, во преведена или непреведена форма, не смеат да се употребуваат во целокупната внатрешна и надворешна официјална комуникација од никого, стои во споменатото решение против нова невладина организација што барала регистрација, а не е финансирана од државата! Барањето да го содржи зборот Македонија во називот на здружението е одбиено како неосновано, стои во решението од Министерството за правда од ноември 2020 година врз основа начлен 9 од Законот за здруженија и фондации според кој „зборот Македонија и зборовите изведени од него, како и неговите кратенки можат да се содржани во името и организацијата само со одобрение на Министерството за правда“
Министерството за правда ваквата одлука ја донело, наводно, врз основа на измените во Уставот како резултат на капитулантскиот Преспански договор. Но, во него нема член во кој се забранува употребата на зборот Македонија во институции што не се финансираат од државата, од буџетот!!! Дека е така, истото го потврди и поранешната министерка за правда Рената Дескоска која е децидна дека нема законска пречка во името на невладина организација да стои и името или придавката Македонија/македонска...
Најостра осуда пристигна и од водечката опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ која одлуката на министерот за правда ја нарече "срамна и фашизоидна" и претставува понижување на македонскиот народ и граѓаните во Македонија и земјава со ваква власт (власта на Заев, забелешка МТр) служи за потсмев!!! ВМРО-ДПМНЕ оцени дека "ова што го прави Зоран Заев преку Бојан Маричич е дебакл и понижување на македонскиот народ и граѓаните на Македонија и служи ва потсмев"!
Некои македонски медиуми со право запрашаа: што е следното? Дали Зоран Заев и неговата братија ќе ја забранат и македонската химна каде во неколку наврати се споменуваат термините "Makeдoниja", "Makeдонци "? Далеку било, но од овие типуси на власт се може да се очекува за да се додворат на длабоката држава која ни го смисли и преку домашните извршители-измеќари го спроведува на дело сценариото за елиминација и бришење на македонците како нација!!!
Предвремени избори сега, веднаш за конечно да се отарасиме од сегашниве узурпатори на властта која упорно ништи (доследно спроведувајки ја платформата на длабоката држава) се што е македонско.
2. Извесен бугарски професор Кирил Топалов - метузалем и воспитаник од ТодорЖивковската ера, член на фамозната мешовита Комисија за историски прашања ја нарече неодамна Македонија "Северна Кореја на Балканот"!? Причина за ваквиот излив на бес и нетрпеливост за професорот-метузалем била "жестоката цензура" и "жестокиот тоталитаризам" во Македонија.
Не знам дали на професорот-метузалем во потсвеста му е времето во кое и самиот стекнал такви искуства на жестока цензура и тоталитаризам, или е носталгичен по истото, та нам ни импутира такво нешто!? Колку за потсетување на проф. Топалов, кога тој ги стекнал тие искуства на цензура и тоталитаризам ние сепак живеевме во неспоредливо понапредно општество за кое бугарите беше далечен и неостварлив сон.
Професоре-метузалем, се трудам да ги разберам вашите фрустрации, но не можам да ви помогнам. Свесен сум дека ќе ви треба подолго време (најмалку повеќе децении) за да сватите дека Сан-Стефанските соништа со коишто сте опчинети и вие и многумина други во Бугарија што мислат како вас, се само соништа, но време е да се освестите и да ги погледате реалностите околу вас и вашата земја. Сега како ''европјани'' (демек: граѓани на ЕУ), ред е да се однесувате како европјани и барем малку да научите и да примите од вашите ЕУ-сограѓани - Скандинавците, што значи толеранција и добрососедство.
3. Односите помеѓу Европската Унија, кон која тежнееме и ние, и Руската Федерација толку многу се заладени што никогаш не биле на така ниско ниво!
Заложби за воведување строги санкции на Русија слушнавме не само од Брисел, туку и од Берлин и други метрополи од земјите членки. Поводот да ти бил: апсењето и затворската казна на рускиот опозиционен лидер Алексеј Навални. На заканите од Брисел многу децидно одговори рускиот МНР Сергеј Лавров кој на ЕУ-јастребите им порача дека Русија на санкциите од ЕУ што би ги погодиле нивните многу чуствителни и важни економски гранки, ќе одговорат со прекин на односите помеѓу Русија и ЕУ.
ЕУ е еден конгломерат во кој некои земји од поновите членки (особено оние од поранешниот Источен блок како Полска, Балтичките земји) притискаат за што построги санкции кон Москва, не водејки сметка дека Русија сепак е меѓу позначајните економски партнери на ЕУ - особено кога станува збор за снабдување со енергенси - гас и нафта). Има поединци кои се залагаат дури и за воена разврска (!?) со Русија. На ваквите им се чудам на умот. Имено, една работа се декларациите и резолуциите со осуда, но сосем друга (крајно опасна) е и помислата за воена пресметка. Можеби ваквите изјави се инспирирани од јастребите во новата администрација во Вашингтон? Којзнае!?
Русија денес не е Русија од времето на Јелцин - тоа јастребите, или поточно јастребчињата во Брисел и европските метрополи треба добро да го знаат. Од друга страна, Путин многу јасно даде на знаење дека секој воен напад на Русија ќе значи одговор од нивна страна со нуклеарно оружје! И, што потоа? Свесни ли се јастребите/јастребчињата каде не водат нивните бесмислени заложби, пред се за нивниот сопствен народ, но и за човештвото во целост!?
Некои во Брисел како да ја заборавиле или не ја ни чуле заклетвата на Александар Невски што е многу актуелна кај русите особено денес:"Кој ќе се фати за мечот - од меч ќе погине".
Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор
|