Среда, 24 Февруари 2021   
Свекрва : Македонија мора да ја промени стратегијата ако сака да опстане!

1ab Свекрва

Денес светот е во војна со невидлив непријател, а тој што ја има вакцината го има и најсилното оружје. И, токму пандемијата го покажа вистинското лице на светот, дека никој не води грижа за друг, за човековте права, за хуманоста, за еднаквоста. Едноставно сето тоа било само флоскула за да се оправдаат интервенциите на големите сили онаму каде што биле и се засегнати нивните интереси.

Во овој период светот се сочи со промени на економски и политички план, што предизвика прегрупирања и затегнување на односите меѓу истокот и западот. Историјата како да се повторува, а Македонија како и за време на Балканските, Првата и Втората светска војна повторно се најде на „линија на огнот“.

Имено, уште во 2015 г., поранешниот американски државен секретар Џон Кери предупреди дека кога станува збор за односите меѓу Вашингтон и Москва, низа европски држави меѓу кои Србија, Косово, Црна Гора, Македонија и др. се наоѓаат на линија на огнот. Пет години потоа Македонија е на пат целосно да изгори во оваа битка. Се соочи, со бегалска криза, со поплави и изгубени човечки животи, како и со барање на соседите за промена името и откажување од македонските корени доколку сака да стане членка на ЕУ и НАТО.

На барање на Грција го смени името и стана членка на НАТО, но потоа се соочи со вето од Бугарија за почнување преговори со ЕУ.  Бугарија бара од Македонците да ги признаат бугарските корени, да се откажат од историјата, јазикот, од сопствениот  идентитетот ако сакаат Македонија да стане членка на ЕУ или пак како што вели Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, да се припои кон Бугарија или Албанија ако сака да стане членка на ЕУ.

Македонските власти наместо да прекинат секакви разговори поради уцена и да се свртат кон обезбедување на вакцина, тие сеуште се обидуваат да разговараат - да го молат источниот сосед за вакцини и да се откаже од уцената за вето доколку не го прифатиме барањето на Софија. Едноставно македонските власти не можат да сфатат дека Бугарија не е сама во ова и дека позади ова стојат речиси истите сојузници од двете светски војни.

Во моментот кога Македонија се наоѓа на чело на листата по смртност од корона вирусот, во моментот кога изостанува хуманоста на ЕУ и распределбата на вакцини, како и во ситуација кога во ЕУ се доведува во прашање проширувањето со Балканот, Македонија мора да бара алтернативи за да преживее и народот и државата. Вака Македонија која е на линијата на огнот може лесно да изгори во настаните за решавање на Косовското прашање што ќе следува на Балканот, по доаѓањето на новиот претседател на САД Џо Бајден.

Историјата која сакаме да ја избришеме од учебниците е школо на животот. Затоа добро е да се навратиме во минатото, на една анализа по Првата светска војна за односот на Сојузниците кон Бугарија и Македонија како монета за подкусурување на почетокот на војната. 

Под наслов „Бугарска и Англија за време на европската војна“, објавен во белграска „Политика“ во тробројот 6,7 и 8 јануар 1923 година, новинарот Слободан Јовановиќ штитејќи ги српските интереси во анектираниот дел на Вардарска Македонија, говорејќи за тогашната дипломатија на големите сили ќе напише:

„Во една книга за Старата и новата дипломатија англискиот публицист А.Л. Кенеди даде нови податоци за англиско-бугарските односи за време на Светската војна. Овие податоци, објаснуваат донекаде за нашата пропаст од 1915 година, и затоа вреди да се задржиме на нив.

Како што вели Кенеди, Винстон Черчил, министер на морнарицата, прв во англиската морнарица ја сфатил важноста која Бугарија може да ја има за Сојузниците поради својата географска положба.

По мислењето на Черчил, за Сојузниците би било неопходно потребно да обезбеди сообраќај помеѓу Западните сили и Русија. Поради тоа, Сојузниците мораат да ги освојат Дарданелите  и Босфорот, а во еден поход на Дарданелите на Сојузниците, бугарската помош би можела да биде многу корисна.

Веднаш на почетокот на војната, во август 1914 година, Черчил го испратил познатиот бугарофил Ноел Бакстон во Софија за да види какво е бугарското расположение. Бакстон поднел извештај дека Бугарија може да се привлече на страната на Сојузниците само ако им се отстапи „српска Македонија“. Тој бил уверен дека таа територија Србија никогаш нема да ја даде доброволно и поради тоа предложил Сојузниците да извршат притисок на Србија.

Посетата на Бакстон немала официјален карактер, Тој во Софија бил само да се информира. Меѓутоа во февруари 1915 годима. Вознемирена поради посетата на германскиот маршал фон дер Голц на Софија, англиската влада испратила во бугарската престолнина еден официјален преставник. Тоа бил генерал сер Артур Пеџет. Генералот Пеџет бил примен многу срдечно од кралот Фердинанд, кој го уверувал дека Бугарија никогаш нема да војува против Англија и дека многу брзо ќе застане на страната на Сојузниците. Врз основа на разговорот со кралот Фердинанд, генерал Пеџет испратил извештај до англискиот воен министер лорд Кичинер, дека наскоро Англија ќе ја добие Бугарија за сојузник.

Меѓутоа англискиот амбасадор во Софија сер Хенри Бакс-Ајронсајд испрати до министерот за надворешни работи, сер Едвард Греј, сосема друг извештај. По негово мислење, Бугарија со никакви остапки нема да може да се привлече на страната на Сојузниците и затоа би било сосема непотребно да се притиска Србија да се откаже од Македонија во корист на Бугарија.

Кралот Фердинанд е од дното на душата германофил, тој силно верува во непобедивоста на германската војска, а покрај тоа е врзан за Германија со приватен заем од 7.000.000 марки. Во една ситуација тој му рекол на  сер Хенри Бакс-Ајронсајд: „Како можете да мислите дека ќе бидам на ваша страна? Вие добро знаете дека ако ја изгубите војната Турците  ќе ја опустошат мојата земја. Меѓутоа, ако вие и Франција победите, нема никогаш да им доволите на Србите и Грците да ја ограбат Бугарија.

Во Сојузничката дипломатија се вкорени идејата дека за добра цена можат да ја придобијат Бугарија.

Во мај 1915 година амбасадорите на Англија, Франција, Русија и Италија направија писмена понуда до Бугарија. По таа понуда Бугарите би добиле од турската земја се до линијата Енос – Медија, а од српската земја јужниот дел на Македонија. Турската територија Бугарите можеле да ја завземат веднаш.

Што се однесува до „српска Македонија“, таа територија можеле да ја завземат дури по завршување на војната, но и тогаш под услов Србија да добие надокнада во Босна и Херцеговина, Оваа понуда не им се причинила особено прималива на Бугарите, и тоа од овие причини:

1) Германците нудеа многу повеќе. Тие не само што ја тргнаа Портата, за  да и остапи на Бугарија се до линијата Енос – Мидија, туку ги пуштаа Бугарите веднаш да ја завземат српска Македонија и без никакви услови.

2) Бугарите беа убедени дека Србите ќе ја напуштат Македонија само по голем притисок на Сојузниците. Сер Едвард Греј бил решително против против Србија да се употребат насилни мерки. Требало се да се ограничи на дипломатски преставки, а од тие дипломатскли преставки Бугарите не се надеваа на никаков резултат.

Додека Сојузничката дипломатија се обидувала да ја придобие Бугарија со територијални остапки на рачун на Србија, лорд Кичинер се држел дека од бугарските политичари може да се добие се за пари. Тој држел дека дури и кралот Фердинанд може да се купи. Во Софија е испратен еден човек со два милиони фунти стерлинга. Овој не бил среќен во изборот на својот главен агент за поткупување. Тој се обратил до еден поранешен бугарски министер, кој поголем дел од парите задржал за себе, и во последен момент се преобратил од поддржувач на Сојузниците во германофил.

Покрај планот на Кичинер, постел исто така и еден план на сер Хенри Бакс-Ајронсајд. Сер Хенри бил во тесна врска со водачот на земљоделците Стамболиски, кој тврдел дека неговото влијание врз земјоделците е толку силно да може да ја спречи мобилизацијата, ако кралот Фердинанд сака да им се придружи на Германија и Австрија. Меѓутоа овие преговори беа прекинати поради преместување на Бакс-Ајронсајд. Рускиот амбасадор во Софија никако не се сложувал со Бакс-Ајронсајд, и на барање на Петерсбуршкиот кабинет, Греј одлучил да го отстрани од Софија. Греј тоа го предпочита пред се што многу порано, наспроти Бакс-Ајронсајд, го прифатил гледиштето на Бакстон дека Бугарите можат да се придобијат со посредство на терторијани отстапки.

Бакс-Ајронсајд беше единствениот меѓу дипломатските преставници на Сојузниците во Софија кој ги согледа вистинските намери на кралот Фердинанд и неговиот министер Радославов. Кога тој замина од Софија на Радославов му било лесно да ги изманипулира останатите сојузнички дипломати. До последниот час тој водел со Сојузниците преговори кои тие ги земаа сосема сериозно, а кои нему му служеа само за добивање на време.

Изгледа дека во еден момент рускиот министер за надворешни работи Сазонов (Сергеј Дмитриевич Сазонов – н.з.) имал чувство  дека сите тие разговори не водат кон ништо. Тој предложил руските трупи, без дозвола на бугарската влада да ги завземат двете бугарски пристаништа во Црното Море, Варна и Бургаз. Сазонов бил сигурен дека појавата на руските трупи би предизвикала кај бугарскиот народ силно воодушевување за еден заеднички руско-бугарски поход на Цариград, - и дека при тоа воодушевување лесно би било да се симне германофилот Фердинанд од бугарскиот престол. Меѓутоа Греј се спротивставил на ваквиот предлог. Тој сметал дека влегувањето на руската војска во Бугарија преставува исто така повреда на бугарската неутралност, како што влегувањето на германската војска во Белгија го сметал за повреда на белгиската неутралност. Заради одбрана на белгиската неутралност, Англија влезе во војна. Според тоа од неа не може да се бара да ја поддржи повредата на бугарската неутралност.

Како што ја спречил руската воена акција против Бугарија, така Греј ја спречил и српската воена акција. Откако Бугарија наредила мобилизација,  Србите сметаа дека за нив, од воена гледна точка, е најдобро да ја нападнат Бугарија пред да изврши мобилизација.  Србите веруваа дека можат да ја завземат Софија и со тоа да ги пореметат сите бугарски воени подготовки. Изгледа дека  Сазонов и францускиот амбасадор во Петроград го одобриле овој српски план, меѓутоа Греј го спречил со својот отпор. Тој сеуште бил уверен дека српско-бугарскиот спор треба да се реши по дипломатски пат.

Кенеди заклучува дека за големиот неуспех на сојузничката дипломатија на Балканот во 1915 година голем дел од одговорноста лежи на сер Едвард Греј. Греј бил добар дипломат но     мирнодопски.Тој мислел дека со многу трпение и ладнокрвност може да се најде една формула која како така ќе ги помири  спротивставените српски и бугарски интереси. Тој не виде дека на Бугарите не им е до таа формула и дека тие сметаат дека дошла единствена прилика за нив да го остварат целиот свој национален програм, и пред се конечно Србија да ја уништат.

Еден од најчестите и најисправните луѓе во англискиот јавен живот, потполн џентлемен со скоро пуританско гнасење према насилие и интриги, Греј не можел да се снајде во балканските работи и не го разбираше бугарскиот народен карактер. Тој им веруваше на официјалните ветувања на еден Радославов, како да тој балкански политичар од Станболиевата школа бил еден енглески џентлемен за кој дадената реч е светиња. На Греј му сметало што никогаш не го читал Бај Гањо, и што не знаел дека бугарскиот идеал за човештво не се поклопува со англискиот.

Кога Србите предлагаа војни мерки против Бугарија како единствено успешни, тој во својата одвратност према секое непотребно насилство, сакал да тие воени мерки се одложат се додека потполно не се исцрпат мирните дипломатски средства. и во тоа одлагање бил пропуштен моментот кога војните мерки можеа со успех да се превземат. Англиското џентламенство, без сомнеж, е убава работа, меѓутоа во 1915 година тоа не чинеше многу скапо.“

Денес на Балканот се вкрстуваат интересите на САД, ЕУ, Русија и Кина, Македонија која е на нивниот пат доколку не се освести на време и не започне со нов курс и стратегија, може да ја кошта многу скапо. За да не биде распарчена, Македонија мора да ја смени „вакцината“ ако сака да опстане и да не биде уништена од новата „Шпанска грозница“. 

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.