Понеделник, 08 Март 2021   
Страшо Ангелковски: Наместо пцости и вулгарности – знаење, наместо лаги – чест и достоинство
1Straso 1
 
Страшо Ангелковски
 
 
Веќе четири години со државава владее една гарнитура која самата признава дека е крајно корумпирана, непотистички распослана, реваншистички брутална, криминално инфицирана, предавнички препознаена, а насилно и незаконски инсталирана преку куп лаги и измами кои секојдневно излегуваат на виделина.
 
Гарнитура за која лагата е доблест, измамата достигнување, криминалот цел, предавството достигнување, а реваншизмот и заканите методологија на владеење. Гарнитура која својата неспособност и незнаење од најсрамни размери, немањето чест и достоинство на ниво на простотилук, ги воведе како “conditio sine qua non“ (латински: услов без кој не може) во својата ситнопазарџиска идеологија.
 
И најверојатно затоа, оние образованите, оние писмените, оние со чест и достоинство, иако дел од партијата на власт, не се дел и од гарнитурата на власт. Засрамени од вулгарното незнаење, манипулирање, лаги и измами од страна на своите сопартијци. Вулгарности кренати на ниво на владеачка идеологија, која краткорочно е благодетна за нејзините изведувачи (тендери за блиските, стипендии за децата, збогатување преку ноќ), но долгорочно, што веќе се покажува, уништувачка за државата и за нејзините се’ посиромашни граѓани, без разлика на нивната етничка, верска и партиска припадност.
 
Од друга страна, како борци против ваквата криминална, измамничка и предавничка гарнитура, се’ повеќе се појавуваат ликови кои со пцости и вулгарности во својот однос кон се’ и сешто, вешто го привлекуваат вниманието на јавноста, а својот изразено простачки и вулгарен речник го претставуваат како бескомпромисност и радикализам во својата политичка борба. Така, манипулаторски затскривајќи ја сопствената интелектуална немоќ, стануваат “политичари“ до ниво на претседатели на партии, па дури и пратеници.
 
За жал, еден дел од гласачите се лепат токму на ваквата крајно вулгарна реторика (непримерена за интелектуалци, професори, писатели…), па потоа, разочарано увидуваат дека вулгарностите биле само вешта мамка токму за нив, а не значеле ништо во вистинската политичка битка со злото кое владе со Македонија. А, во меѓувреме, одземајќи дел од силата за обединет организиран отпор, на Македонија и’ одземаат и драгоцено време за вистинска битка со измамничката гарнитура на власта.
 
МЕРИТОКРАЦИЈА И МЕДИОКРИТЕТСТВО
 
И, за да нештата станат појасни, најпрво ќе го објасниме терминот МЕРИТОКРАЦИЈА (од meritum – заслуга, способност, вредност и kratein – владеење), што значи Владеење на вредните, на оние што вредат, на способните.
 
Уште многу одамна, Платон, во своето дело Држава, се заложил за владеење на вредните и способните тврдејќи дека “нема лек за државите додека филозофите не станат кралеви во нив“. Меѓутоа, поимот “меритокрација“ прв го воведува Мајкл Јанг во средината на минатиот век, кој, прифаќајќи ги начинот на размислување и анализите во утопиите на Велс, Орвел и Хаксли, се обидува да докаже дека една од тенденциите содржана во дотогашниот развој на општеството, влече во правец на владеење на способните и вредните – меритокрација. Што е посебно важно за нас, за периодот на владеење на Зоран Заев, Јанг своето сваќање на меритокрацијата го прикажува преку формулата I. Q. ( количникот на интелигенција + вложениот напор = вредност).
Што е уште поинтересно, според Јанг, отпорот на старите односи и сваќања не се совладува лесно, па се’ уште, како и на примерот кај нас, голем дел од способните деца и млади или пред време го напушта школувањето или, што е уште позагрижувачки, пред време ја напушта државата. Во меѓувреме, голем дел од медиокритетите ( од латинскиот збор mediocritas – просечно, осредно, средно способно) стекнува највисоки квалификации и се добира до највисоки функции, па наместо во ширење на меритокрацијата, придонесува во ширење на некомпетентноста и неспособноста на сите страни.
 
АМАНЕТОТ НА АНТЕ, ГАНЕ, ПЕТРЕ…
 
Многупати, посебно некои од помладите членови на МААК, гледајќи како оние со пцостите, вулгарностите, лагите и измамите стануваат “херои“ во очите посебно на помладите, па заведуваат зад себе следбеници, забележуваат зошто, едноставно, не ги употребиме пцостите и вулгарностите како оружје и во нашата политичка битка, а лагите во заведување следбеници.
Одговорот е толку прост и строг, како и македонската песна. Смееме ли да ги изневериме идеалите и идеите на основачите, на татковците? Смееме ли да згазиме на зборовите на Анте Поповски, на Гане Тодоровски, на Петре М. Андреевски… Смееме ли ли да згазиме на ганевото “Да ни е да сме мерата, колку да се прелееме, од колено во колено до кај истрајвекот“… на антевото за Македонците “Тие, чија адреса е запишана во Библијата, кријат некоја тајна за иднината на светот: зашто тие се сеќавање на свеста, на вековите кои одминале. Оган – кој не згаснува“… на слоештанецот Петре “Те барам во жестоката можност за обединување на мојот раштркан народ, во стракот киселица, во неупотребениот воздух“…
 
Зашто, од нив учевме како се сака Македонија, тивко во себе, ама со жар до пеплосување, наместо со празно врескање без суштина и содржина; како се бори за Македонија со истрајност и конзистентност, наместо со менување на ставови како валкан веш; како се твори и создава за Македонија, со збор и со вистина, наместо со пцости и вулгарности; како се стои простум за Македонија со чест и донстоинство, наместо со свиткана кичма со лаги и измами…
Пцостите и вулгарностите, лагите и измамите, колку и да изгледаат денес примамливо, се минливи и невредни, та затоа ние, според големиот Анте, говориме на “јазикот на големата судбина на Македонците“, говориме за македонското минато, денешнина, иднина, според ганевото “до кај истрајвекот“.
 
И за крај, како порака за оние со пцостите и вулгарностите, лагите и измамите, повторно песната “Татковина“ на Анте Поповски:
 
“Кога пристигна бродот во таа далечна земја
Тој виде непознат народ поседнат по брегот и јадри ѕвезди на небото.
Што носи кога го прашаа, тој покажа врзана шамија со земја,
а кога му ја истурија заплака.
Татковината е тоа рече тој и саноќ грутка по грутка, прашинка по прашинка ја собираше.“
 
Ова е, за жал, тажната иднина на Македонецот, содржана во пцостите, вулгарностите, лагите, измамите и предавствата. Ова е тажната иднина за “пирејот ископачен од татковата нива и разнесен од силните ветришта“.
(авторот е претседател на #МААК)
 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.