|
|
Едно државјанство за секој оној кој претендира да биде носител на висока функција! |
Свекрва Во последните денови се крена голема прашина со двојните државјанства. По листите на имиња на македонски пратеници кои наводно имаат двојни државјанства кои ги објави вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов, се појави спотот на евровизиската песна на Васил Гарванлиев во кое се тврди дека е претставено бугарското знаме, како и изјавата на Васил дека има бугарски пасош. Се поставува прашањето кои интереси ги застапуваат политичарите, како и други лица со двојно државјанство кои треба да ги бранат македонските национални интереси, македонската култура, традиција, име и идентитет. По објавувањето на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимор Каракачанов на листа со имиња на македонски пратеници и високи функционери на ВМРО ДПМНЕ, кои наводно имаат бугарско државјанство и истите ги повика да гласаат на парламентарните избори во Бугарија, дојде не само до демант од страна на посочените, туку и барање од опозицијата за законски измени со кој не ќе може да стане пратеник оној кој има двојно државјанство. Тие најавија дека ќе поднесат амадмани на Законот за пратеници, Законот за избори во кој ќе стои дека кандидат за пратеник во Собранието може да биде лице коешто има само македонско државјанство и нема ниедно друго државјанство. Ваков услов, како што вели опозицијата има во Законот за надворешни работи и таа ќе бара одредба од членот на овој закон да се усогласи со Изборниот законик. Ова барање во јавноста беше поддржано од СДС, со услов тоа да важи веднаш и за актуелниот пратенички состав, но против него се изјасни ДУИ, а другите две албански партии Алијансата на Албанците и Алтернативата предупредуваат дека ќе го блокираат донесувањето на предлог законот, што само покажува каде има најмногу лица со двојно државјанство. Јасна е целта на СДС и Каракачанов за појавувањето на оваа листа со двојни државјанства, за која се покажа дека се тоа лица со исто име и презиме од бугарскиот гласачки список. И СДС и Каракачанов имаат интерес да го свртат јавното мнение во двете земји. СДС има за цел да го сврти вниманието на јавноста во земјата од многубројните скандали и проблеми со кои не може да се справи. Од друга страна исто така и Каракачанов има интерес и сака да си ги подобри позициите пред престојните парламентарни избори на крајот на овој месец. Прашањето за двојните државјанста отвора многу дилеми. Имено, дали овие лица со двојно државјанство можат да бранат интереси на земјата во која живеат и се избрани на високи функции. Особено, ако се знае дека имаат државјанства од земји кои не го признаваат македонскиот народ, неговиот јазик, историја и идентитет. Во светот постои мислење дека двојното државјанство ја стимулираат интеграцијата и дека законите треба да се прилагодат на новиот глобализиран свет во кој луѓето имаат честопати повеќе културни корени и не само една татковина. Но и покрај тоа, голем број земји меѓу кои и Германија се држат до тоа дека луѓето треба да имаат едно државјанство. Според нивните закони оние лица со повеќе државјанства треба да се одлучат и да задржат само едно. Поучени од Балканската историја, во која поради аспирации на соседите кон македонската територија, се негира постоење на македонски народ, јазик, култура и црква, треба да се прашаме дали нам ни е потребно да имаме лица со двојно државјанство, особено во политиката. Очигледно е дека треба да се запрашаме дали Законот македонско државјанства треба да се ограничи само на амбасадор и пратеник или пак треба да ги опфати и други позиции како на пример министер, премиер, претседател, вработени во виталните институции и безбедносни служби. Едноставно, не е добро Македонија да ја преставуваат лица со двојни државјанства. На пример ако некој високо позициониран бугарофил во власта има бугарско и македонско државјанство, чии интереси тој ќе ги застапува во спорот на Македонија со Бугарија? Исто така, ако некој преставник од албанските партии во македонските власти има македонски, албански или пак косовско државјанство, чии интереси ќе брани? Одговорот е сосема јасен! Затоа, за да се избегнат непријатните ситуации, високите функционери во политиката не смее да им се дозвли да бидат лојални на две држави. Не можат да се бранат националните интереси на Македонија, ако во фиока имате резервно државјанство. Поради тоа што имавме луѓе во власта со двојни државјанства, ние го изгубивме името, а на пат сме да го изгубиме, јазикот, историјата, идентитетот и државата. Исклучувањето на имање на двојно државјанство може да биде хендикеп за вклучување на дијаспората во раководењето на македонската држава, која често е многуповеќе попатриотски настроена и полојални на македонската држава, сепак мора да се исклучи можноста од инволвирање на политичкото лицемерство кај врвните политичари. Што се однесува за најмакедонската партија ВМРО-ДПМНЕ која сега е во опозиција и во неа може да се најде лицемерие кај врвните политичари. Жив пример е екс премиерот Љубчо Гергиевски кој подоцна фирмира своја партија и призна дека има бугарски пасош, а денеска агитира во корист на интересите на Бугарија. Сепак, патриотизмот, љубовта кон својата татаковина е најзастапен во ВМРО ДПМНЕ, не само кај обичното членство туку и кај сегашните челници и затоа со право тие бараат законски измени со кој не ќе може да стане пратеник секој оној кој има двојно државјанство. Но исто така мораа тие да бараат, вакви измени да се направат за сите високи позиции преку кој се претставува или бранат националните интереси. Едноставно, мора да се бара да има едно државјанство од секој оној кој претендира да биде носител на висока функција во Македонија. |