|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 121 |
ПОВАМПИРЕНА ИДЕЈАТА ЗА ИЛИРИДА 1. Во саботата (29ти мај) во Скопје се одржа вториот сенароден протест за подршка на неправедно осудените уставобранители осудени на драконски казни затвор - како во "пусто турско", за упадот во Собранието на 27 април 2017 година. Бев и на овој настан, со сопругата, но морам да признам дека чувствата по завршетокот на манифестацијата ми се измешани! Од една страна ме радува ентузијазмот со масовното присуство што само по себе е неспорна потврда дека се враќа духот на народот (што речиси тотално беше замрен изминативе неколку години) против самоволијата, беззаконието и корумпирасноста на актуелниве властодршци, и дека не се мириме со судбината што ни ја зацртаа и со помош на домашните измеќари ни ја наметнуваат длабоката држава, нашите соседи и Брисел за наше обезличување како народ без свое минато, идентитет и атрибути сојствени за секоја нормална држава. Но не го кријам ни разочарувањето од настнанот!. Неспорно е дека имаше помалку присутни од претходниот протест! А требаше да биде обратно. Денот беше прекрасен - сабота приквечер, речиси идеален за мирен марш од пред седиштето на Владата, до Собранието на РМ. Но таму се случи и првиот скандал кој ги револтира присутните. Младата пејачка Нина Јанева при изведбата на државната химна "Денес над Македонија се раѓа" случајно, или не, ја прескокна строфата посветена на националните херои Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански, што предизвика силни негативни реакции кај присутните. Народот реагираше со повици "Химната", "Химната", но беше надвикан од извесниот говорник на бината кој не беше ни претставен. Прв впечаток дека се работи за провокација и можно вмешување прсти на УДБА и на присталиците на некаква "заедничка историја" со соседите од истокот, за да се девалвира настанот, беше корегиран на инсистирање на присутните на протестот кои не престанаа гласно да бараат повторна и сега коректна изведба на химната, што Нина Јанева и го стори а'капела и тоа толку енергично што, чиниш ќе испукаа мембраните од микрофонот. Иако и овој пат како организатори на протестот за подршка на уставобранителите се јавија некои организации од дијаспората, сепак остана енигмата кој во Скопје беше организатор на настанот. Од друга страна, од поламилионското Скопје сепак се очекуваше далеку поголемо присуство, а небаре незадоволството од политиките на актуелната Влада е многу големо. Ако некој очекува дека промена на власта некој од страна ќе ни ја донесе на послужавник, мислам дека е во голема заблуда бидејки такво нешто не може и нема да се случи. Ред е да учиме и од силата и реакциите на народот и во други!!! Се сеќавам кога во гимназија учевме за падот на владата на Цветковиќ-Мачек по потпишувањето на пактот со Хитлер. Ако по 24 часа демонстрации народот изнуди пад на таа влада (сојузник на Хитлер), што треба ние да сториме за смена на сегашнава влада во Мкд по сите скандали што секојдневно излегуваат на виделина: пасоши на белосветски мафијаши, криминалци, борци на ИСИС, невидена корупција и рекет, распад на правниот систем и судството... Но што е најстрашно, распродажбата на нашето минато, македонскиот јазик и идентитет.. Народе македонски разбуди се, не спиј ти, вели народниот пејач, а велам и јас во оваа прилика. 2. Аферата со издавањето на македонски пасоши на типови од белосветското подземје не престанува да ја бранува македонската, а верувам и меѓународната јавност. Најнова информација е изјавата на директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу дека македонски пасоши со лажен идентитет добивале дури и екстремисти со искуство од војната во Сирија, како и лица инволвирани во ликвидации во Украина и Грција, како и нарко-босови и индивидуи опасни не само за нашата, туку и за безбедноста на други држави. Следствено, се поставува прашањето како можело вакво нешто да се случува, а да не биде нотирано од надлежните служби во државата? Станува збор за најголемата афера од прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 со издавање на 214 пасоши на мафијаши од црногорските и италијански кланови, па дури и на екстремисти на ИСИС од боиштата во Сирија. Според директорот на Агенцијата за разузнавање Ерол Муслиу, незаконското издавање патни исправи на лица, членови на криминални и екстремистички групи сериозно ги попречува напорите за нивно оперативно следење, идентификување на нивната локација и активности. 3. Стево Пендаровски не престанува да не резили каде ќе стигне. По протоколарниот скандал што ни го приреди патувајки со ист авион со претседателот на Бугарија Румен Радев на чествувањето на Денот на МАКЕДОНСКИТЕ и сесловенски просветители Св. Кирил и Методиј, невиден гаф направи и при аудиенцијата кај Папата Франсис во Ватикан. Нашиот Стево во таа прилика му подари на Папата - замислете: новата и провокативна верзија на фудбалски дрес на Македонската репрезентација со кој некои типови од ФСМ наговараа нашите фудбалери да настапат на Европското фудбалско првенство!? Ај што провокацијата со дресот што ги немаше ни националните бои (црвено-жолта), туку претседателот како да не беше ни свесен кого посетува и кому му подарува спортски дрес! Арно не му текнало на Стевота на Папата да му подари и спортски гакички и чорапи потколенки (какви што носат фудбалерите) и резилот на биде комплетен. Се прашувам по кој знае кој пат: Има ли некој искусен познавач на протокол во кабнинетот на претседателот да го посоветува што и како да прави во одредени прилики за да не не срамоти кај и да појде по светот? Папата и Ватикан во целина се пријателски наклонети кон Македонија и должни сме соодветно да возвраќаме со внимание како народ и држава!!! 4. Додека Европската унија буквално се изживува и душмански не малтретира (и покрај исполнетите критериуми и услови што самата ги бара) за македонските европерспективи, неизвесноста околу почетокот на преговорите за наше членство во ЕУ како вистински лешинари ја користат албанските екстремиски кои повторно ја оживејаа идејата за формирање на некаква Илирида. На 31 мај во Тетово е одржан собир на албански екстремисти (небаре основачко собрание!?) на којшто е промовирана, или подобро речено обновена, идејата за федерализација на Македонија во која Албанците ќе биле конститутивен народ со формирање на политичката партија „Република Илирида“. Наводно, потписите за новиот политички субјект се речиси собрани, и сега требало да следи обид за регистрација на партијата со најава: доколку биде регистрирана, новата партија би учествувала и на парламентарните избори, а ако победеле ќе го започнеле процесот на федерализација на државата!? Дали е ова најава на нова бура од проблеми во Македонија која не може да крене глава од блокади, уцени и секакви пониживања и омаловажувања од некои членки и нивни подржувачи во Унијата - не знаеме, но не мора да значи. Имено, познавачите на Уставот на земјата тврдат дека партија која во својата основна програмска определба најавува федерализација на Македонија, не може да биде регистрирана бидејќи тоа е противуставно!!! Трибината во Тетово била одржана на тема „Република Илирида – фундаментално решение за функционирање на рамноправноста во Македонија“ , претседавачот и претседател на Движењето „Република Илирида“ Неџат Беџети, нагласил дека треба да се промени позицијата и статусот на Албанците во Македонија, бидејќи се население со компактно распространување и голем демографски број!? На трибината учествувале Невзат Халили и Милаим Фејзиу, иницијатори на референдумот на Албанците од 1992 година. Идејата на организаторите е Албанците да биле рамноправни со Македонците, што можело да се постигне само преку федерализација на државата во која Албанците ќе биле конститутивен народ, а намера на организаторите била Движењето Илирида да прерасне во политичка партија. Правните експерти во Македонија, тврдат дека Федерализација на државата е противуставен акт и партија со таква определба нема да биде регистрирана како политички субјект. Според професорката на Правниот факултет во Скопје Тања Каракамишева Уставот е дециден, „Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив“, а „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница е неповредлива.“ Непочитувањето на уставниот поредок е кривично дело, а неколку членови од законикот предвидуваат казни затвор над 5 години. Нам не ни преостанува ништо друго освем будно да ги следиме настаните и соодветно и навремено да реагираме. Од Заев и неговите истомисленици не очекувам ништо добро, М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ. Поранешен министер и амбасадор |