|
|
ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 125 |
ЗА ПОЛИТИЗИРАНАТА ПОЛИЦИЈА И "ИДИОТСКИОТ КОНСЕНЗУС" Неделава што измина беше многу тажна за целото мое семејство. А како и не би!? Сопругата на многу близок 33-годишен роднина ја чукна кола на пешачки премин во центарот на Скопје! Кутрата, седум дена беше во кома, на апарати и лекарите констатираа клиничка смрт од тешките повреди на главата! Случајот по многу нешта заслужува внимание и е силна порака/предупредување за сите нас. Жално е и за осуда кога ќе чуете дека не се почитуваат правилата и прописите заради koи страдаат невини луѓе на пешачки премини, иако и во прирачниците за возачки испит, но и според цивилизациските норми должност е возач да застане и да му дозволи, па дури и да му помогне ако треба, на пешак слободно и безбедно да ја помине улицата. Момчето "Икс" - 190 сантиметри висок, спортист и девојката "Ипсилон", маникенка, (намерно не ги споменувам нивните имиња), со еден збор пар - што би рекле за насловна страница, својата љубов уште од гимназиските денови пред некоја година ја крунисаа со брак, а само пред четири месеци им се роди син. Девојката минатата недела оди на роденден кај нејзина другарка, а момчето со четиримесечниот син во количка излегуваат да си ја пречекаат мама! Таа се појавува од спротивната страна на улицата, обајцата си мавнале со рака да се поздрават и таа ги направила кобните неколку чекори на обележаниот пешачкиот премин кај Домот на градежните работници. Истиот миг приот возач што наишол застанал да ја пропушти девојката, но 24 годишниот возач на мерцедес го заобиколува автомобилот пред него без да води сметка дали во тој момент има некој на пешачкиот премин, и удира во девојката која се здобила со тешки повреди во главата. Овој инцидент не само што предизвикува огромни емоции, но отвора и многу прашања за сите нас. За случката само во неколку електронски портали беше објавено кусо соопштение од полицискиот билтен!!! Ова веднаш го наметнува кај мене прашањето: дали 24-год сторител на злосторот бил дрогиран, пијан или е нечиј "татин и мамин син" на новопечените македонски тајкуни и тендераши (возел мерцедес!), или пак на некој од актуелните властодршци кои се осилени до тој степен што, ако им се посака, газат луѓе на пешачки премини!? Ако е ова, второво, сообраќајната полиција во вакви "посебни" и "специфични" случаи не ретко се случува да се потруди да го прикрие или минимизира инцидентот (како што го прави тоа многу често), починителот да помине со што поблага санкција, а дури и само со условна казна!? Според сите норми за очекување е 24-годишниот возач да биде оптужен за многу сериозен прекршок, но не може со сигурност да се каже дека така ќе биде бидејки не знаеме што се ќе измислат во сообраќајната полиција и македонското пристрасно и корумпирано судство најверојатно да се забошоти случајот!? Ова го знам и од сопствено искуство кога на мојата ќерка која слободно се движеше на зелено светло кај Мавровка, налетува возило движејки се со полна брзина, на црвено светло,, врти на левата страна, а возачот пијан се чукна во неа и потполно и го уништи возилото. На среќа, таа немаше никакви повреди. За инцидентот никогаш не беше покренат судски процес, записниците на полицијата беа преправани, се влијаело на сведоците, а разбрав дека сторителот на сообраќајката - тетовски бизнисмен, финансиски интервенирал кај сообраќајците што го воделе лучајот за тој да се забошоти!? Сеуште е неизвесна судбината на страдалничката кај Домот на градежниците. Се молиме за нејзиното здравје и опоравок и едно дете да не расте без мајка! Во контекст на ужасната несреќа за која пишувам погоре: Во саботата седнавме со пријатели со кои долго време се немам видено на терасата во кафеана во скопско "Дебар маало". Се замуабетивме речиси три часа. Бев седнат со поглед на улицата "Орце Николов" и гледав речиси непрекидно дивеење на сирени, шкрипење на кочници, безмилосно турирање на возила и моторцикли... А полиција - никаде!!! Иако тој дел на градот е преполн со кафеани каде, по укинувањето на ограничувањата заради пандемијата со ковид 19 алкохол се точи до доцна во ноќта, но сообраќајни патроли ни за лек! Дали сообраќајците се на летен одмор (па белким не се сите заминати истовремено!?), или пак се раштркани по патиштата низ Македонија за да ловат и казнуваат парично возачи што ја прекорачиле брзината (и да го полнат буџетот со наплата на казни) - не знам, но и тажниот пример што го посочив погоре и грдото лично искуство од саботата без сомнеж предупредуваат за опасностите што ги демнат граѓаните на скопските улици. Очекувам за овој инцидент (!) да пројават интересирање и представниците на ОБСЕ, канцеларијата на ЕУ, Американстата амбасада и други меѓународни и домашни организации бидејки ова не е само безбедносно прашање, туку и политичко прашање за односот на македонската полиција која е претворена во партиски сервис на владеачката партија и печати пасоши на белосветски мафијаши, наместо да се грижи за безбедноста на своите граѓани. Во меѓувреме портпаролот на МВР, Тони Ангеловски. се пофали дека во понеделникот казниле 348 возачи зарада прекорачување на брзината на патиштата низ Македонија, но што станува зо контрола на скопските улици од кои некои постанаа писти за брзо возење и трки со брзи автомобили од кои страдаат невини луѓе!? 2. Претседателот Стево Пендаровски неодамна коментираше на тема која јас подолго време ја третрам во моите текстови, а тоа е к о н с е н з у с о т како метод на донесување одлуки во ЕУ и неговата неодрживост! Дека и на самите членки на Унијата им е дојдено преку глава едноумието во ЕУ во донесувањето одлуки наречено консензус потврда е и самата реакција на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на состанокот со германските амбасадори во Берлин кога лично се заложи за напуштање на овој инструмент за одлучување во самата ЕУ и предложи донесување на одлуки со квалификувано мнозинство, т.е. со гласовите од мнозинството членки, а не од сите (со консензус), како што е до сега.
Не знам дали настапот на министерот Мас е автентичен, или е сепак некој тактички потез во стилот, демек еве, не сме задоволни од односот на некои земји-членки кои го злоупотребуваат правото на вето (со консензусот) заради нивни себични причини, наспроти интересите и расположението на мнозинството членки, но факт е дека неколкуте последователни блокади (вета) од Бугарија за почеток на преговорите на Македонија за членство во Унијата очигледно ги иритираа повеќето нејзини членки. Впрочем, и самиот поранешен претседател на Бугарија, пок. Жељу Желев беше голем противник и го нарече "идиотски консензус" начинот на којшто се донесуваат одлуки во ЕУ. ЕУ глуми принципиелност (!) кога е во прашање донесување на одлуки, но самата треба да се свесна за п р о в и д н о с т а во нејзините политики и практики кои не ретко се споротивни на утврдените правила и не рертко пресудува реал политиката. На пример, како можеше Кипар да биде примен во членство кога земјата нема контрола на половина од нејзината територија. Но тоа помина бидејки Грција го услови приемот на нови членки со вето (немање на консензус), доколку не биде примен и Кипар. Или друг приmер: Хрватска и Словенија сеуште се расправаат околу спорот за пловидба во Пиранскиот залив, но тој билатерален (!) проблем не беше пречка за Хрватска да постане членка на ЕУ! А Унијата демек не сака билатерални проблеми да се внесуваат во тоа ексклузивно друштво. Ах тоа лицемерие и непринципиелност од "принципиелната" ЕУ! Реакциите против консензусот во земјава се пропратени деновиве и со апели од повеќе званичници, актуелни и поранешни (С. Пендаровски, С. Андов...) Зоран Заев и таканаречениот специјален пратеник на Владата Владо Бучковски да не одат во посети во Бугарија додека не поминат изборите во таа земја и додека не се расчисти политичката ситуација во земјата со избор на нова влада. Се друго би било залудно трошење време и пари! М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор |