|
|
Страшо Ангеловски : Колонизаторите и „употребливите локални елементи“ |
Страшо Ангеловски Деновиве, многу врева се крена околу заедничката прослава на „зелената“ партија ДУИ и „зелените“ лејки од СДСМ на дваесеттата годишнина од капитулантскиот Рамковен договор. Прослава, која исто како и терористичките акции во 2001-та, исто како и потпишувањето, помина под патронат на „меѓународната заедница“. Онаа „меѓународна заедница“ која токму со Договорот од Охрид ја започна демонтажата на националната држава на македонскиот народ, која со договорот од Преспа ја стави во позиција на гарантна окупација кон Атина и нејзините антицивилизациски барања и, која, не сакам ниту да замислам каков уште договор би ни понудила во Дојран, на пример. Договор за македонска евтаназија најверојатно. Договор за, како што ќе не убедат, „убиство од милосрдие“ или „достоинствена смрт“ (толкувања за евтаназија) на македонскиот народ и македонската држава. И бидејќи текстов нема за цел да ги прикаже „придобивките“ од Рамковниот договор, зашто, претпоставувам дека речиси сите во државава веќе имаат изградено став околу нивната „полезност“, ќе цитирам само една реченица од францускиот историчар Ален Ришо. Тој, во неговото дело „Историја на колонизацијата“, објавено кон крајот на 19 век, кога Франција го доживува врвот на својата моќ како колонијална сила, меѓу другото, напишал: „Цел на секоја политичка акција во колониите треба да биде препознавање и искористување на употребливите локални елементи и, неутрализирање и уништување на оние елементи кои не може да се употребат…“. Појасно од ова, здравје. Неолибералните глобалисти, во натамошниот текст – неоколонијалисти, облечени во скапите костуми на „меѓународна заедница“, во својата акција за колонизирање на овие простори, како „Упатство за употреба“ ја имаа токму оваа реченица на Ришо. Па, започнаа со препознавање на „употребливите локални елементи“, преку, во Ленгли веќе до совршенство доведените методи, преку создавање на психолошки профили, преку нивно вовлекување во криминал и корупција заради натамошно уценување, преку вооружување на потребните „борци за демократија“, преку инсталирање во политика на „зелени“ лејки, преку преземањето готови, веќе школувани соработници на УДБА за свои потреби, преку… После успешното „препознавање“, откако ги ставија на својот платен список (плаќањето не секогаш е во кеш – некогаш во доделување власт, некогаш во доделување привилегии, некогаш во простување на криминалот…), започнаа со „искористување на употребливите локални елементи“. Па, некои од нив искористија за терористички напади, некои за министри во тогашната македонска Влада, некои за медиумско покривање на акцијата за колонизирање, некои за потпишување на Договорот, некои за интелектуално замајување на народот, некои за… А, сите заедно за започнување на процесот за уништување на националната држава на македонскиот народ. Истовремено, според „Упатството…“ на Ален Ришо, започнаа со „неутрализација и уништување на оние елементи кои не може да се употребат“. Најпрво тоа го сторија со бранителите, кои со оружје во рака и на официјален повик на државата, се спротивставија на нивниот пеколен план за колонизација, за сега да останат без елементарни човекови права. Освен, се разбира, некои од нив, како еден тогашен „генерал“, кој еве веќе неколку години е препознаен како „употреблив локален елемент“. Потоа со политичари и политички партии кои тогаш јавно, со збор и со акции се спротивставуваа на нивните злодела и со тоа станаа „елементи што не може да се употребат“, а на што треба да бидат горди.. Па, новинари, интелектуалци, слободномислечки и здраворазумни поединци… Токму затоа, македонскиот народ има огромна придобивка од заедничката прослава на „зелената“ партија и „зелените“ лејки. На куп, на едно место, ги виде сите „употребливи локални елементи“, искористени против сопствената држава. Сите кои треба да знаат дека и хартиените марамчиња се „употребливи“, но откако ќе бидат „искористени“, завршуваат на ѓубриште. На куп, на едно место, ги виде сите оние против кои мора да се бори доколку сака да се обиде да си ја сочува државата, зашто „политичката акција на колонизаторите“ преку „употребливите локални елементи“, се’ уште не е завршена. Доколку не ги совладаме „употребливите локални елементи“, не е далеку денот кога со некој иден Дојрански договор, на пример, преку евтаназија ќе го озакониме сопственото „убиство од милосрдие“ и „достоинствената смрт“ што ни ја намениле. Да го одбраниме Дојран (Дојран како симболика, се разбира), зашто, откако со предавнички и капитулантски договори ги испоганија и Охрид и Преспа, уште само Дојран ни остана. Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес |