|
|
ЃОРЃИ ИЛИЕВСКИ : КРАТКА ЗАГРИЖУВАЧКА АНАЛИЗА НА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ |
ЃОРЃИ ИЛИЕВСКИ Пред извесен период вo македонскиот парламент се донесе закон со кој граѓаните на Република Македонија се сегрегирани, според тоа дали се припадници на таканаречените дефицитарни струки или се универзитетски наставници од една страна, а од друга страна се ставени сите други граѓани. Немам намера да навлегувам во мотивите за донесување на овој закон, особено на тоа како во држава во која секој завршен средношколец студира може да има дефицитарни струки, но делимично ќе се осврнам на некои показатели за високото образование. Имено, во академската 2019/20 година во нашата држава функционираа повеќе од 137 факултети и високи школи. Ако се земе во предвид дека во Македонија има најмногу 1500000 жители, се констатира дека приближно на секои 11000 жители во државата има по еден факултет. Колку состојбите се алармантни, доволно говори податокот дека во нашата држава има вкупно 134 редовни и специјални средни училишта, број кој енормно е зголемен од учебната 2016/17 година и тоа за неверојатни 10 училишта, иако бројот на учениците во истиот период се намалил за повеќе од 9000 ученици. Но, за состојбите во средно и основното образование во некоја друга прилика. Како што истакнав, со новите законски решенија според струката и работното место имаме класична сегрегација на граѓаните на Македонија и тоа се оправдува со таканаречената дефицитарност на определени кадри и скриената потреба на власта некои уиверзитетски наставници да се активни чинители на системот безмалку доживотно. Секако, во една кратка анализа не е можно да се анализира целиот систем на високо образование, но разгледувајќи ги податоците посебно внимание ми привлекоја медицинските, правните и економските факултети. Но, да одиме по ред.
Во академската 2019/2020 година од вкупниот број 4437 наставници и асистенти во високото образование на трите медицински факултет се ангажирани 1092 наставници и асистенти или 24,61%, што укажува на сериозен дисбаланс во дистрибуцијата на кадарот во високото образование. Не сум стручњак за медицински науки, но се обидов да направам компарација на бројот на вработените на медицински факултети во соседните држави и увидов дека таму бројот на вработените е далеку помал, а со оглед на состојбите во здравството не сум сигурен дека во нашиот случај квантитетот дава квалитет.
Во академската 2019/2020 година од вкупниот број 4437 наставници и асистенти во високото образование на факултетите за правни и политички науки се ангажирани 312 наставници и асистенти или 7,37%. Притоа бројот на асистентите е несразмерно помал од наставниците, па така ов вкупно 3162 наставници во високото образование на овие факултети се ангажирани 258 наставници или 8,16%. Ова посебно се однесува на Правниот факултет во Скопје, каде има само еден асистент, што значи дека професорите држат вежби. Замислете колку богата држава сме, па за да олигархијата биде комотна и се дозволува да држи вежби. Понатаму, не сум стручњак за право, но интересно е дека, на пример, покрај Граѓанско право има предмет и Граѓанско право – применета програма, нешто што на Техничките, Природно - математичките, Технолошките, Медицинските, Економските и другите факултети едноставно се третира како вежби на соодветниот предмет. Интересно е што на овие факултети, особено на државните има насоки за кои со години нема скоро никаков интерес, но државата упорно за нив распишува конкурси и ги финансира. Но, зошто е тоа така. Се чини дека затоа што повеќето вработени на овие факултети примарно се занимаваат со политика и пишување колумни и закони, а потоа со образование и наука, од што како резултат е тоа што истите не се препознатливи на светските научни мрежи како researchgate.net или на најлибералниот научен пребарувач cholar.google.com, на кој со незначителни исклучоци овие луѓе воопшто ги нема или се крајно незабележително. Оттука е нејасно зошто со новите законски решенија се дозволува уставна привилегираност на вработените во Правните факултети, кои иако во минатото биле сериозно привилегирани многу малку сработиле како на научно, така и на образовно поле. На крајот, од освртот на факултетите за правни науки, некој сериозно треба на јавноста да и даде образложение, како тоа во Македонија која реално има помалку од 1500000 присутни граѓани во државата некој акредитирал 12 факултети за Правни науки, или еден факултет на помалку од 140000 жители, што во најмала рака е несериозно. Исто така, МОН треба да објасни зошто работат факултети со помалку од 10 професори.
Во академската 2019/2020 година од вкупниот број 4437 наставници и асистенти во високото образование на факултетите за Правни и Политички науки се ангажирани 482 наставници и асистенти или 10,86%. Притоа бројот на асистентите е несразмерно помал од наставниците, па така ов вкупно 3162 професори во високото образование на овие факултети се ангажирани 377 наставници или 11,92%. Како и во случајот со факултетите за правни науки и овде наставниците држат и вежби, а тоа посебно се однесува на држаните факултети во Скопје, Прилеп, Охрид и Штип, каде според податоците на Државниот завод за статистика има само 4 асистенти. Подетално нема да се осврнувам на состојбите како во случајот со факултетите за правни науки, но само ќе забележам дека во државата има 23 факултет од областа на економските науки, туризмот и менаџментот, што значи еден факултет на само 65217 граѓани кои живеат во нашата држава. На крајот од оваа кратка анализа, да забележам дека во трите разгледувани групи факултети од вкупно 4437 наставници и асистенти се вработени 1831 лица или 42,84%, а бројот на наставниците е 1162 од 3162 или 36,75%. Што ова значи за состојбите во високото образование?! Не треба посебно да се говори. Но повеќе од сигурно е дека во случајов имаме сериозна привилегирана положба по повеќе основи, што сигурно не е заради неопходноста од продолжување на работниот век на кадрите од областа на правните и економските науки, туку тоа е пред сè заради нивното присуство во највисоките ешалони на власта. Така, изминатите 37 години, со мали исклучоци, дури и министрите за образование биле правници. За ова не треба посебно да се говори, но само да забележам дека на Правниот факултет студентите не се образуваат за наставници, а ниту проучуваат образовни системи и споредбено образование, па оттука жалосно е некој и да помисли дека тие може компетентно да го раководат образовниот систем. Постојат и многу други причини за лошите состојби во македонското образование, но моето долгогодишно присуство во истото, како и претходно кажаното укажува дека главна причина е некомпентентноста на првите луѓе во МОН, кои никако не можат да сватат дека образованието не е право, социјална работа и слично, а посебно дека образовните институции не се невладини организации во кои многу од наставниците на Правните факултети поминуваат доста време во нивната таканаречена борба за човекови права и слободи, потоа за транспарентност и што уште не. ЃОРЃИ ИЛИЕВСКИ ВИШ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОР |