|
|
Свекрва: Никој не може да ги избрише историските факти! |
Свекрва Пандемијата во Македонија однесе повеќе од 6500 луѓе, а само пожарот во Тетовската модуларна болница во која се лекуваа болни од Ковид 19 однесе 14 животи. За да го сврти вниманието на јавноста од овој вистински геноцид, премиерот Зоран Заев најави дека ќе го брише терминот бугарски пред фашистичкиот окупатор од спомениците и учебниците. Тоа за момент го сврте вниманието на јавноста, но сепак не го избриша од меморијата на народот настанот во Тетово, како што не се избришани ни настаните за време на Втората светска војна. Барањето одговорност за оставки од неспособната власта беше причина премиерот Зоран Заев да излезе предвреме пред македонската јавност со најава дека ќе има бришење на терминот бугарски пред фашистичкиот окупатор од спомениците и учебниците. Овој обид да го сврти вниманието на народот од настанот во Тетово, како и од големата бројка на починати од пандемијата не успеа. Во македонската историја ќе остане запишано дека поради неспособната и корумпирана власт во пожар во модуларна болница во Тетово изгореа 14 болни од корона вирусот, а од пандемијата со корона вирусот за година и пол починаа над 6500 лица, бројка која се доближува до бројката на извршениот геноцид од над 7000 Евреи депортирани од Македонија за време на Втората светска војна, не успеа. Ни едното ни другото не може да се заборави, но може да се прости. За жал нема ниту морални оставки, ниту барање на прошка од преставниците на коалицијата на власт од СДСМ и ДУИ, како што нема ни барање за прошка од Бугарија за злосторствата извршени на територијата на Македонија за време на Втората светска војна. Во Македонија денес нема никаква омраза против бугарскиот народ, кој не е виновен за злосторствата на тогашната бугарска влада. Но не може да прости поради непризнавањето на македонскиот народ и неговиот јазик, како и да ги ревидира така лесно историските факти. Токму холокаустот на Евреите во Македонија не смее да се заборави, но и другите злосторства извршени за време на војната од страна на бугарските окупаторски власти во земјата. Ако некој поради личните интереси добил амнезија и заборавил на правата историја време е да го потсетиме. Имено Втората светска војна го затекнува македонскиот народ поделен меѓу три држави: Југославија, Грција и Бугарија. Во пролета, на 6 април 1941 г. Германија со своите сојузници ја нападна Југославија. Околу 500 германски и италијански авиони бомбардираа повеќе градови на тогашна Југославија, меѓу кој и Скопје. Германската војска преку Бугарија навлезе на територијата на Југославија и Грција, брзо го окупира Скопје, а до 11 април и цела Македонија. Набрзо потоа, на 17 април 1941 г. Југославија потпиша безусловна капитулација. Бугарија како земја сојузник на Третиот Рајх чија територија беше плацдарм за напад на Југославија и Грција, анектира „поголем дел Македонија, дел од Србија (Поморавјето и области по текот на реките Нишава и Тимок), еден дел од Косово, а од Грција ги присвојува териториите од Егејска Македонија и Тракија“. Бугарската влада окупацијата на Македонија ја прикажуваше како „природно проширување и преземање на своите национални територии“. Тогашниот бугарски премиер Богдан Филов на пратениците им соопштува дека: „Целиот бугарски народ денес гледа како се исполнуваат сништата за една моќна и обединета Бугарија, од Дунав до Бело Море и од Охрид до Црно Море. Бугарскиот народ засекогаш ќе искажува длабока благодарност кон силите на Оската и нивните големи водачи, Адолф Хитлер и Бенито Мусолини, кои го овозможија обединувањето на Бугарија...“. Но, тоа што за Бугарија значеше ослободување, за македонскиот народ беше нова окупација. со која тој несакаше да се помири. Отука, во духот на светите илинденски традиции, Македонците се спротивставија со оружје против новиот окупаторски воено-цивилен апарат. Диверзантските акции започнаа уште во јуни 1941 година, со уништување на германски авиони на аеродромот во Скопје. На 2 август 1941 година голем број граѓани од Скопје и Битола излегоа на прославата на Илинденското востание што беше и демонстрација против новите освојувачи. На овие демонстрации македонскиот народ за првпат ја исфрла паролата „Да живее слободна Македонија“. Првите партизански одреди се формираат веќе во 1941 година за да во првата половина на 1943 година дојде до формирање и бројно зголемување на постојните партизански одреди. Во март истата година ќе биде извршен прогром врз Еврејската заедница во Македонија. Бугарските окупаторски власти ќе депортираат повеќе од 7000 Евреи од Македонија во логорите на смртта. Тоа е направено врз основа на барањето на Третиот рајх од своите сојузници да ја следат нивната монструозна антисемитска политика. Меѓутоа, иако Бугарија официјално станува сојузник на Силите на оската пред напздот на Југославија, таа уште во јули 1940 година започнува со донесувањето на фашистичките антисемитски закони. На 21 јануари 1941 година цар Борис III го потпишува „Законот за заштита на нацијата“ кој е сличен на Законот од Нимберг од 1936 година на нацистичка Германија, а со кој се наложува: носење на жолта Давидова ѕвезда; попис на сите еврејски имоти; еднократен данок на имот од 30%; општо ограничување на правата на Евреите; забрана за брак со лица кои не се Евреи; забрана за водење на бизнис, за започнување нови бизниси или за продавање на постојните бизниси; забрана за вршење земјоделски работи; ограничување во образованието и ограничување во снабдување со огрев и храна. Веднаш по окупацијата на Македонија во 1941 година, бугарските власти пристапија кон примена на бугарскиот „Законот за заштита на нацијата“. Со овој закон Македонците стануваат Бугари, српските колонизатори се протеруваат, а Евреите ги губат своите граѓански права. Исто така, со овој закон се укажува на тоа кој се смета за Евреин, што смее да работи, со кого да се дружи, за еврејските имоти и т.н. Нивните куќи биле одбележени, морале да носат жолта лента со Давидова звезда, им било ограничено движењето и воведен бил полициски час. Мешовитите бракови меѓу Бугари и Евреи биле забранети, не смееле да се дружат на јавни места со не-Евреите, да учествуваат на јавни манифестации, а на децата им било забрането школувањето. Евреите можеле да се снабдуваат со прехранбени продукти само во одредени продавници и кон средината на денот кога најголем дел од продуктите биле распродадени. Спроведувањето на Хитлеровото „конечно решавање на еврејското прашање“ на териториите на Вардарска и Беломорска Македонија започна кон крајот на ноември 1941 г. Тогаш започнаа првите преговори на бугарската влада со германските преставници во Софија за депортирање на Евреите. Овие преговори особено беа интензивни во 1942 г. и завршија со донесување на закон на Бугарското народно собрание од 28 јули 1942 г. со кој се ополномоштува Министерскиот совет на Бугарија да преземе мерки за конечно решавање на еврејското прашање“. На почетокот на 1942 г., бугарските окупациски власти наредиле сите глави на семејствата во Еврејската зедница да се регистрираат со име, адреса и фотографија. Тоа е единствен случај во аналите на историјата на Холокаустот. Пред крајот на 1942 г. биле завршени подготовките за физичкото ликвидирање на македонските Евреи. Сиот имот на еврејските општини во Скопје, Битола и Штип бил конфискуван во полза на бугарската држава, а во текот на јануари 1943 г. било ограничено движењето на Евреите. Во преговорите во месец февруари 1943 г., бугарските фашистички власти ја покажаа сета своја сервилност кон своите германски господари. На 2 февруари 1943 година германското аташе Хофман и специјалниот пратеник по еврејското прашање при германската амбасада во Софија, СС офицерот Теодор Данекер, одржуваат таен состанок со Александар Белев, тогашниот началник на Комесаријатот за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје (МВРНЗ) на Царството Бугарија. На состанокот било договорено собирање на сите Евреи од територијата на царството и нивно предавање во рацете на нацистичките егзекутори. По завршување на преговорите бил потпишан договор меѓу Александар Белев и Теодор Данекер, за депортирање на 20.000 Евреи од Македонија и Беломорието. Договорот започна да се спроведува во март 1943 г. во Ќустендил. Делегација од Ќустендил на 8 март ќе го извести заменик-претседателот на бугарското собрание Димитар Пешев за намерите бугарските Евреи да бидат депортирани во Полска. Тој заедно со уште 42 пратеници јавно ќе се спротивстави на намерата на владата на премиерот Богдан Филов за депортација на бугарските Евреи. Поддржани од бугарскиот владика Кирил и целокупното јавно мнение, тие ќе успеат да ги спасат бугарските Евреи, но не и Евреите од Македонија и Беломорието. Поради протестот на тогашните бугарски интелетуалци и свештеници, депортирањето е одложено, а жртвувани се Евреите во тогашна Македонија. Бугарските окупаторски власти го спроведоа договорот за конечно решение на Евреите од „новоослободените земји“, а од Македонија и Беломорието (Егејска Македонија и Тракија) беа испратени во логорите на смрта 11 392 лица од кои само од Вардарскиот дел на Македонија 7.148 лица. Со благослов на бугарскиот премиер Богдан Филов, на 11 март беа собрани, а на 22, 25 и 29-ти март 1943 г., 2.150 семејства, со вкупно 7.148 члена, во три транспорта, од Скопскиот монопол биле упатени во логорот на смртта Треблинка 2 во Полска. Македонија е единствена земја од чија територија се истребени 98 проценти од вкупната еврејска популација. Спасувањето на бугарските Евреи не ја амнестира Бугарија, чија фашистичка влада дозволи и ја спроведе депортацијата, а со тоа и геноцидот на македонските Евреи. Ако би го избришале терминот бугарска пред окупаторскара власт, тогаш се поставува прашањето кој го извршил овој злостор. Зарем тоа го направил македонскиот народ!!!? Не така едноставно не може. Не може Заев да му ја преврла вината на македонскиот народ, како што се обидува во своите изјави, кога вели дека Софија за време на Втората светска војна имало соработници меѓу македонскиот народ. Всушност никој не негира дека имало такви соработници, но во споредба со нацоналното ослободително движење движење на Македонија тој број е минорен. Македонскиот народ јасно се изјасна против фашизмот, застанувјќи на страната на сојузничките сили и низ борба го стекна правото на соспствена држава. Постојат многу документи за антифашистичката борбата на македонскиот народ против окупаторските власти во Македонија за време на Втората светска војна, но и злосторствата на тогашните бугарски фашистички власти извршени врз цивилното населениен во Македонија. Отука ниту Заев, ниту било кој друг, не може да ги избрише историските факти за злосторствата на тогашните фашистички власти, како што не може денес да се избришат спомените за починатите од Ковид 19 и од пожарот во модуларната болница во Тетово. |