|
|
АРХЕОЛОГИЈАТА АКАДЕМСКА ПРОФЕСИЈА И ЛИЧНА ОПСЕСИЈА |
Марија Емилија Кукубајска Ставови на Виктор Лилчиќ Адамс За своите археолошки истражувања во Македонија Територијата на Република Македонија започнав да ја запознавам и истражувам на лето 1975 година. Од тогаш до сега годишно истражувам и документирам од 30 до 100 археолошки локалитети. Во 2025 година ќе славам, се надевам, 50 години активна теренска дејност. Истражував повеќе области: нумизматика, погребувања во доцната антика, античка градежна керамика, камена архитектонска пластика и полеогенетските проучувања кои најмногу ме преокупираа. Посетив повеќе од 2000 локалитети. Учествував во голем број археолошки ископувања, во Македонија, Швајцарија; раководев (Давина Кула, Чучер, Градиште, Црнобуки, Висока, Крушевица, и многу други), но го претпочитам методот на археолошко рекогносцирање, што успеав да го издигнам на повисоко квалитативно и методолошко рамниште. Во фокусот на истражувањата ги поставив древните цивилизации на македонската почва, меѓу кои посебно внимание посветив на античката македонска цивилизација. Древната македонска цивилизација ги подразбирала и опфаќала античките кралства Македонија, Пајонија, Пелагонија, Агрианија, Линкестида, кнежевствата Девриоп и Дасаретија. На македонскава почва се зародиле блескави предисториски култури. Подоцна по појавата на металите, во Раниот Македонски Период се родиле раните македонски цивилизации. Најпрво биле оформени малите кнежевства и кралства, за подоцна да се издигне единственото кралство Македонија со големиот број градови и тврдини. Организацијата на територијалната одбрана, македонските кралеви особено умешно ја спроведувале. За жал, Македонија била освоена и уништувана од Рим и други северни племиња. Под римска управа македонската цивилизација продолжила со релативен развојот се' до 6. век кога била комплетно уништена под налети на повеќе северни племиња. Тешко и напорно било цивилизациското издигање низ средниот век, до доаѓањето на Турците. Во текот на сите милениуми на оваа почва чукале милиони и милиони човечки срца. Цивилизациите создале милиони човечки умови и вредни раце. Тоа значи дека денес не сме ниту први ниту последни и дека за ефектен скок кон иднината мораме да се запознаеме со цивилизациските искуства на подемите и падовите на нашиоте предци. Тие ни' оставиле околу 1000 древни градови и утврдувања. Тоа се илјада скапоцени археолошки трезори, илјада културни факели кои што за жал не горат, со многу ретки исклучоци. Успеав да ги надградам сознанијата за околу 250 од овие цивилизациски локалитети што ги истражувавме со професорот д-р Иван Микулчиќ и чија бројка достигна до близу 800 локалитети. Македонија има околу 84 локални општински заедници. Станува повеќе од очигледно дека нивниот археолошко-туристички развој треба да се базира врз древните цивилизациски брендови што тие ги поседуваат во своите општински територијални рамки. Токму тоа е и основната задача што низ годините си ја поставив. Да изнесам од одамна изгаснатите огништа и урнатите градски и тврдински ѕидини - што е можно повеќе информации, за да, по нивното научно публикување, им пружам можност на општинските управни органи да валоризираат, селектираат и активираат најмалку еден археолошки локалитет - фаворит во сопствениот културен развој. Да, имав цврстина, војничка дисциплина, железна упорност, отворен ум и способност за следење на археолошката картографија и топографија, вооружен со познавањата за документирање, фотографирање, техничко исцртување и создавање на геореференцирани планиметрии какви никој во Македонија не создал досега, издржав и се надевам, како што го држам активно теренското истражувачко темпо во последниве години, дека ефектно ке ги заокружам истражувањата во неколкуте наредни години. За што се работи? Процентот на посетените, документираните и прелиминарно идентификуваните древни градови и тврдини во Македонија во овој момент варира од 95-97/98 %. Значи ми преостануваат околу 2-5 % по разни региони, за прва посета или доистражувања. Определен проблем притоа претставува фактот што секоја година при истражувањата откриваме потполно непознати градови и тврдини, што навистина изненадува. На пример, во долината на Вардар, за која мислевме дека одлично ја познаваме, по долгогодишните истражувања на Апостол Керамитчиев, Борка Јосифовска Драгојевиќ, Викторија Соколовска, Иван Микулчиќ и други колеги археолози, последните неколку години откриваме фантастични локалитети од кои умот „зајдува“. Градчиња и тврдини од Македонскиот доцно-бронзен век од Раниот Македонски Период. Магистрални патни делници за кои не бевме свесни. Најголемиот дел од овие полеогенетски податоци ги систематизирам и ги вградувам во засега две обемни студии под насловот Цивилизацијата на Античка Македонија, том 1-2. Тоа се студии од по две, а веројатно и повеке илјади страници исполнети со текст и илустрации кои се на енциклопедиско ниво, реални корпуси на античката македонска цивилизација во нашата земја. 2. Академска професија Јас сум во суштина археолог. Магистрирав на античката градежна керамика, докторирав на античките камени архитектонски елементи. Го поминав патот од асистент до редовен професор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, на Филозофскиот факултет Скопје во рамките на Институтот за историја на уметност и археологија. Се наоѓам на околу 3 години пред пензионирање. Бев директор на Управата за заштита на културното наследство од 2013-2017 година. 3. Лична опсесија - Античкото кралство Македонија во Република Македонија Нема да кријам дека од 1993/4 година опсесија ми е античкото кралство Македонија, поточно неговите остатоци на територијата на Република Македонија. Бев поттикнат од желбата за научно разјаснување на наметнатиот проблем со името на нашата земја. Од тогаш континуирано реализирам теренски истражувачки експедиции, и паралелно ги публикувам студиите за монетите на античките кралеви на Македонија со колегата Никола Шелдаров, потоа серија статии во списанието Македонско Наследство, ја издадов книгата Ancient Kingdom of Macedonia & Republic of Macedonia, ја реконструирав патната траса по која поминал Александар III Македонски при неговото враќање од Дунав во 335 година пред Исус Христос, за што снимав серијал од пет документарни епизоди за АЛФА ТВ. Ја организирав изложбата „Монетите на Македонските кралеви во Република Македонија“ во просториите на Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, во рамки на годишната изложба на владините капитални проекти. Да, името ни’ е моќен бренд од светски и од вечен калибар. Ние немаме море, но, го имаме името во пакет со големиот број природни богатства и големиот број древни старомакедонски градови и тврдини. Тоа претставува вонредно значаен природен и културен капитал со кој ќе го крепиме археолошко туристичкиот развој. Мислам дека можеме од Македонија, со помош на старомакедонските локалитети и артефакти, да создадеме респектабилна археолошко-туристичка дестинација од светски ранг. Археолошки катастар на Република Македонија Работејки на старите градови и тврдини во Македонија се роди идејата истите да се картираат на дигитален начин во рамки на еден Археолошки катастар на Република Македонија. Можноста започна да се наѕира во периодот кога работев во УЗКН (стави цел назив). За жал активностите се издолжија, а со промената на владата во 2016 година овој Проект го намали темпото на реализацијата. Согласно потребите го преименувавме во Катастар на културното наследство на Република Македонија. Беше изработена физибилити студија за неговата реализација. Крајната цел е создавање дигитален корпус на сите археолошки локалитети врз ГИС база, со кој ќе оперира пред се’ Министерството за култура, давајќи услуги на министерствата и дирекциите што ќе имаат потреба од овој вид просторни податоци. |