|
|
Овие Локални избори треба да бидат почеток на крајот на режимот на СДСМ и ДУИ |
Свекрва На 11 октомри 1941 година македонскиот народ се дигна на вооружено востание против германскиот, италијанскиот и бугарскиот фашистички окупатор во земјата. Тоа беше важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ од кој ќе никне современата македонска држава. 80 години потоа, Бугарија сеуште го негира постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик и црква. Софија остана заглавена во минатото и продолжува со сонот за Санстефанска Бугарија. Таа ја продолжува политиката на фашистичката бугарска влада за време на Втората светска војна која го негираше постоењето на македонскиот народ и неговиот јазик, а окупацијата на македонската земја ја сметаше за ослободување на бугарските територии. Денес Софија се обидува да го прикрие фашистичкото минато и да го релативизира геноцидот извршен тогаш врз 7144 Евреи од Македонија, правдајќи се со спасувањето на бугарските Евреи. Една од причините е огромното богаство кое Бугарија го одзеде од еврејската заедница во Македонија, пред 11 март 1943 година, која потоа поголем дел заврши во логорите на смртта. Соочена со притисок од Бугарија и вето за евроинтеграциите доколку Скопје не прифати дека Македонците се Бугари, дека македонскиот јазик е западнобугарски дијалект, а македонската историја е бугарска, македонските власти предводени од Зоран Заев и се умилкуваат на Софија и избегнуваат децидно да посочат, за време на Втората светска војна против кого се бореше македонскиот народ. Ваквиот однос на власта кон вистината и обидот за ревизија на сопствената историја наидува на остри критики од македонската јавност. Но како и во случајот со промена на името извршено под протисок на Грција, кога не се послуша македонскиот народ искажан со бојкотот на референдумот одржан по тој повод на 30. септември 2018 година, само за да се влезе во НАТО, власта се однесува авторитативно. Спротивно на демократските земји, во Македонија огромна моќ е сконцентрирана во неколку челници на СДСМ и ДУИ. Тие имаат неприкосновена моќ во извршната, законодавната и судската власт. Со таква моќ тие мислат дека се недопирливи и станаа неосетливи кон маките на народот. Нечуствуваат никаква одговорност, дури ни морална за пожарот во модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 пациенти. За нив секогаш е некој друг виновник, најчесто обичниот граѓанин. Меѓутоа народот многу добро знае да препознае неспособна власт која нема капацитет да се справи со кризите. Тоа го виде со Ковид кризата, потоа со пожарите ова лето, а сега кога ни престои енергетска криза однапред се гледа дека челниците во власта сакаат само да си ги задоволат личните интереси, но не и интересите на народот. Дека во преден план се интереси на поединци од власта покажуваат огромните задолжувања и неисполнети проекти како на централно, така на локално ниво. Нема општина каде е исполнето поголемиот дел од предизборно ветување на актуелните градоначалници. Најдобро се гледа во Скопје каде сегашниот градоначалник не исполни ни пола од ветеното. Време е оваа неспособна корумпирана власт предводена од коалицијата СДСМ и ДУИ да се смени на централно и локално ниво. Најпрво на Локалните избори 2021, кои се одржуваат во недела на 17 октомври, македонскиот народ треба да им каже дека времето на СДСМ и ДУИ истече, за потоа тоа истото да го направи и на парламентарните избори. Актуелниот премиер Зоран Заев со непристоен гест му покажа на народот дека нема да дозволи да загуби на престојните избори и да дозволи ВМРО ДПМНЕ да ја превземе власта. Тоа значи дека партиите на власт се ќе направат да не се изгуби на локалните избори во недела. Од социјалните мрежи веќе се гледа дека се прават обиди за поткуп на гласови, особено на ромската популација, а потоа дека има закани, заплашувања и т.н Но тоа не смее да го поколеба македонскиот народ, како што не го поколеба ни 1941 година кога речиси со „голи раце“ тргна во борба против далеку понадмоќниот непријател. Така, ако на 11 октомври 1941 година македонскиот народ ја започна својата народноослободителна борба против фашистичкиот окупатор, тогаш нека на 17 октомври 2021 година ја започне нова борба но со пенкало во рака против ненародната квинслишка власт во земјата. Време е градоначалниците на СДСМ и ДУИ, а потоа Зоран Заев и Али Ахмети да заминат во историја. Овие Локални избори треба да бидат почеток на крајот на режимот на СДСМ и ДУИ. |