|
|
Слободан ТОМИЌ - СО ОБРАЗ ИЛИ ЃОН ПО ГЛАСОТ НА НАРОДОТ? |
Еден од најважните германски политичари од 19 век, Ото фон Бизмарк, рекол: Политиката не е егзактна (точна наука), туку уметност! Би додале: Политиката е уметност на возможното! И двете дефиниции важат за престојните локални избори 2021. Затоа, зошто потребата од масовно гласање на престојните локални избори? И апелот: Разбудете се граѓани на Македонија, излезете на избори и покажете дека со Вашиот молк не сте придонеле за уништување на вашата и сегашноста и иднината на генерациите по вас! Многумина од вас во овој период се окупирани со обични егзистенцијални прашања, книги за децата, место во детска градинка, огревно дрво за зимата пред нас, зимница за ефтина храна на семејството. Многумина се и во изборната кампања за гласањето на 17 октомври годинава, секој со интереси од власта, за работно место, тендерите... И покрај се’, овие избори се од големо значение за иднината на државата и нацијата. Поразот на власта на локалните избори, брзо ќе предизвика предвремени парламентарни избори или поместување во актуелното парламентарно мнозинство. Се разбира, има и такви кои мислат на апстиненција од гласање, поради незадоволство и разочараност, убедени дека изборите нема ништо да променат. Сепак, без разлика на мотивацијата за гласање или негласање на престојните локални избори, сите - независно од етничкото потекло и верското уверување - ја сакаат Македонија, сите сакаат подобра и поуспешна Македонија, економски стабилна, заради подобар живот и стандард. Тогаш вреди сите да размислиме, како до подобра и поуспешна Македонија, економски стабилна, заради подобар живот и стандард, ако седиме дома? Има една максима која вели, светот не страда од злото на лошите, туку од молкот на добрите! Затоа, ако мислите дека вашиот глас нема да промени ништо, грешите! Гласот на секој поединец има еднаква вредност! Вашиот глас го менува Вашиот живот, државата и светот! Вечна е максимата: Мисли глобално, делувај локално! Вашиот глас е ваше право и зад параванот. И покрај сите притисоци и закани, Вие одлучувате кому ќе ја дадете довербата и кој број на гласачкото ливче ќе го заокружите! Зад параванот никој не може со вас да манипулира и да Ве злоупотребува! Зад параванот Вие сте суверенот на Вашиот живот и животот на Вашите деца, на Вашата сегашност и иднина! Секако, загрижени сте за извесноста од вашето работно место, за школската година на вашите деца, за огревно дрво, за зимница, за високите цени на горивото и храната по пазарите и маркетите, за редовноста на платите, за здравствената заштита посебно во време на пандемија со корона вирусот и неговите бројни мутации, за мирот и стабилноста во земјата и регионот... Но, останува предизвикот, излезете на гласање и кажете дека сакате светлина и позитивна иднина за вашиот народ, вашите деца, за себеси и нашата земја, нашата Македонија! Место вас тоа никој друг нема да го стори! Излезете на гласање на 17 октомври, бидејќи Македонија е наша, Македонија не и’ припаѓа само на власта! Запомнете, ние сме слободни граѓани, стравот мора да го победиме со решителноста и самодовербата, дека нештата мора да се променат за лично добро и за подобро на сите! Покажете достоинство пред Вашите деца, покажете достоинство кон генерациите по Вас! Alea iacta est (Коцката е фрлена) од “големите коцкари“, кои во изминатите 30 години ја прокоцкаа иднината и животот на генерации и генерации, на илјадници несреќници кои ги загубија или си ги одзедоа животите во криминалната приватизација, пирамидалните штедилници и многу други афери и скандали кои вечно ќе останат во нашата колективна меморија. Европски функционери дури коментираат, дека за секоја македонска “услуга“ кон Европската Унија, “дебело“ е платено: Од промената на знамето во 1995, па косовската криза во 1999, Охридскиот рамковен договор во 2001, територијалната поделба во 2004, Преспанскиот договор во 2018, дури и за “гостопримството“ на Афганистанците годинава. За се’ е дебело платено! Но, од тие провизии офајдени се само поединци во власта, за народот како и секогаш коските, маките, солзите и страдањата. Затоа и епилогот од средбата на Бриони за Балканот: Влез во ЕУ за Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија и Македонија ниту во наредните 30 години! Поискрено од тоа здравје или NO PASARAN за Македонија во ЕУ со криминогена и корумпирана власт! И после се’, ништо друго не ни останува мој народе, без двоумење, Да излеземе на масовно гласање на 17 октомври! Барем за овие 30 години сите научивме и знаеме што се избори! Виситната е сурова: Со образ или ѓон по гласот на народот? |