|
|
Марија Емилија Кукубајска : ЗА ПОБЕДАТА |
Марија Емилија Кукубајска : ЗА ПОБЕДАТА Значењето на зборот победа содржи кулминација на успехот над противникот, над поразениот, антагонизираниот, неправедниот. Победата се дефинира со триумфална состојба после бедата без слобода, мир, правда, по бедата на ропствата низ историјата или по бедата на заробената мисла, општество, медиуми, економија, образовни и уметнички слободи на духовната култура, по борбите за вистина и човечност. Победата може да биде и само илузија, како пирова победа која е фиктивна, па и поразот го претставува како успех. Лажната победа може да биде толку пристрасно претставувана од едната страна на борбата за надмоќ, што може, како и правдата, да биде пристрасна одбрана на спротивставената страна. Еден таков пример сретнав во музеите на Источен и Западен Берлин пред падот на Берлинскиот ѕид. На една страна од идеолошкиот ѕид, во музеите на Западот победите за германците беа претставени како порази за русите, и спротивно - во музеите на Источен Берлин. Едностраната селективност низ историјата се повторува, денес и без вооружена борба, со дипломатски перфидни методи на присилно губење на објективната вистина. Еден милениумски автентичен народ на Балканот да е партиско-политички прогласуван за непостоечки, неважечки. Се фалсификува и негира постоењето на народ и култура во неговата домородна земја, Македонија, од страна на друга држава. Пред врзаните очи на светот се мутира и диктира нов пример на културолошка агресија и дискриминација, по бедата на духот и спрема екстремното отсуство на правда кај современата политичка трговија на меѓународниот пазар препотентно и глобалистички наречена геополитика. Верници или атеисти, конзервативни или либерални, луѓето на светот имаат право на сопственост, духовна и материјална сопственост, ако за неа имаат трајно валидни докази за своето постоење низ просторот и времето, што треба да е само по себе победа по бедата на војните и окупациите меѓу народите. Следуваат примери за врвниот смисол на победата – духовните вредности на човекот низ верување во Божјата надмоќ. Наполеон Бонапарта признал дека ниеден човек не може да се спореди со значењето на победата на Исус Христос Бог на овој свет. „Сите водачи кон победи, од Александар Македонски, до Цезар или Карломан, па и јас, создававме империи, но, на која основа се темели нашата генијалност? Се темели на коњ. А Исус Христос ја темели својата империја на љубов. И во овој миг, милиони би умреле за Него, верувајќи во Него.“ Многу светски лидери или митолошки суштества биле обожувани како богови, но ниеден не бил сакан како што бил сакан Исус Христос, Победникот над смртта по воскресението во вечен живот - ветување за бесконечно постоење на праведните. „Јас сум Евреин, но јас сум обземен со восхит од сјајната фигура на човекот од Назарет. Исус е премногу колосален за да биде сведен на пишан збор. Ниедно човечко битие не може да ги чита преданијата во Библијата без да го почувствува реалното присуство на Исус.“ изјавил Алберт Ајнштајн, човекот кој ги има сведено космичките закони на Бог во една формула E=MC2 и со тоа ја победува тајната на нивната непогрешна функција. Уметникот сликар од Холандија, Винсент Ван Гог, за кого светот знае дека душевно се борел да ги победи слабостите на човековата природа, признава: „Библијата, Стариот Завет не’ водат до кулминација на свеста дека самиот Исус Христос е победа на суштинската сигурност, вечната светлина, бескрајот на времето, беззначајноста на смртта, смисолот на животот, причината за победа на постоењето, Raison d'être, смиреноста и посветеноста.“ Махатма Ганди, кој верува во хиндуистички, будистички и џаинистички учења, во филозофијата Сатијаграха гледа победа над неправдата со пасивен отпор против бедата наметната од непријателот експлоататор, империјата на Велика Британија. Ганди го следи и учењето Ахимза во процесот на мобилизирање на народот на Индија да не користи насилство, но да изразува света почит кон сите поинакви од себе, и да има позитивен однос кон живиот свет и природата. Слично како верата на христијанскиот хуманист Мајка Тереза, која во Индија ги лекува и муслиманите и сите други нехристијани хоспитализирани во нејзиното прифатилиште со христијанска црква во Калкута, „Свето Срце“, Нирмал Хридај. „Сократ умрел како филозоф, Исус Христос умрел како Бог“ признава и Жан Жак Русо, контраверзниот поборник за тоталитарно-заштитна моќ на државата врз човекот и неговите региони. Роден е во Швајцарија, каде по три века е основана UNHCR за разселените и мигрантите. Познавачот на човековата душа, англискито писател Чарлс Дикенс, пишува за духовната победа на христијанската вера: „Ја ставам мојата душа во служба на Божјата милост преку нашиот Господ Спасител Исус Христос. Невозможно е да згрешите во победите со учењето кое доаѓа од самиот Христос, учење на скромност и високи вредности.“ Американскиот 30ти претседател Калвин Кулиџ смета дека основите на Американското општество и управување со државата почиваат до толкава степен на Библиското учење што е невозможно да се одржува општеството и државата без универзалното присуство на христијанските вредности во раководење со земјата. Поинаква идејност заговараат денешните анти-американски партии и движења за спроведување на пост-историско, пост-религиозно, интернационално општество. Но бедата што ја создаваат во домашниот општествен и глобален хаос, не дава знаци на победа за поголем прогрес и благосостојба на американското општество со еднакви можности за сите. Исус Христос бил злоупотребуван и од Хипи движењето и неговата борба за победа на слободата без морални ограничувања. Христијанскиот крст го свртеле наопаку како нивни симболот на мир без Бог во нивните дрогирани, хедонистички, хаотичните потраги по хармонија, љубов и братска еднаквост. Тоа било нивна победа на заедништвото кое го преземале од Библијата но го превртеле, первертирале, како нивни мирољубив комунален анархизам и нивно продолжение на некогашните крвави комуни на Париската револуција. Во тие споредби на христијансвото со комунизам, погрешил и рускиот претседател Горбачов, со својот став со кој му се додворува на Западот - дека хипи идејата за еднаквост, мир и разбирање доаѓа од Библијата. Горбачов користи стереотип дека „Исус бил првиот социјалист, прв кој се впуштил во потрага по подобар живот за човештвото.“ „Дојдете со мене, сите вие уморни и намачени, ќе најдете одмор, ќе ги сфатите моите маки, ќе учите од нив, имам милост и скромност во срцето, ќе најдете утеха за душите во него“, запишани се зборовите на Исус во Новиот Завет (Матеја 11:28). И народната мудрост потврдува: „Кој нема Бог во себе, нема ни душа, ни милост кон луѓето.“ Тогаш победува непријателот на доброто, правдата и вистината. Но, и таа победа не е за секогаш. |