Мане Јаковлески
Да ги спомнуваме и да се потсетуваме на Македонците низ генерациите пред нас, на нивните дела и нивниот залог и влог за да се стигне до денес, да се потсетуваме на Македонците испраќани на Голи Оток, во Идризово, во затворот на Солунска глава, само затоа што сакаа самостојна Македонија, да ја имаме Македонија како капка на дланка, татковина, дедовина, Македонија мајка на Македонците, земја на достоинствени Македонци кои со гордост ја исполнуваат Македонската кауза.
Оваа Македонија ја создаваа генерации, ја создававме и градевме и ние, а ја оставаме во завет и гордост да продолжат да ја градат младите Македонци чие време доаѓа.
Една генерација може да направи само една револуција. Младите мора да продолжат да работат за Македонија.
Една од најраспространетите синтагми на овие Македонски простори секако е онаа за таканаречениот „синдром на самоуништување" меѓу Македонците. Македонското неединство и поделеност е она за што во колективната историска свест на нашиот народ обично се вели дека е една од главните причини зошто Македонија досега ја немала целосно остварено својата државност.
Имаме право да се расправаме, да полемизираме, да се натпреваруваме во нудење идеи и решенија кога се работи за економија, култура, тогаш разликите се потребни и корисни, меѓутоа кога е во прашање националниот интерес на Македонија, тука мора да има единство, тука мора сите да мислиме исто, со Македонска глава водени од Македонски интерес.
Стремежот на Македонците никогаш не умира, не запира, тој живее во секој од нас. Живее и во овие турбуленти времиња, кога еве повторно некој се обидува да ни го одземе нашето достоинство да ни го одземе правото на свое определување.
Сега во време на демократија во Европа, ние повторно се соочуваме со истите, само модифицирани болки. Повторно некој сака да каже дека сме нешто друго. Повторно некој сака да ни го одземе чуството на среќа. Повторно некој сака да ја фалсификува историјата, да ги занемарува фактите, да ги извртува нештата.
Но, ние на кои Македонија ни е во срцата знаеме дека сме Македонци, Државава во која живееме и твориме се вика Македонија и никако поинаку.
Се додека Македонија има одважни синови и ќерки, ќе постои и ќе ја има, ќе не има и нас и сите кои се вложивме за Македонија. |