|
|
КОЛУМНА НА АНГЕЛОВСКИ: “Обвинувам…“ за одобрување и учество во воени злосторства… “J’ Accuse…“ |
Страшо АНГЕЛОВСКИТекстов се однесува на веќе потврдени воени злосторства, на срамните двојни стандарди, на стратегиските партнерства, на срамот што моралните се’ уште го чувствуваат, а неморалните се гордеат, на лагите на големите сили, на страдањата на малите луѓе… Текстов ќе ве врати 19 години наназад во потрага по правдата и вистината. Зашто, правдата е спора, ама достижна, а правдината – доблест на моралните. Одиме по ред. “Владата на Република Македонија ја поддржува интервенцијата уште од самиот почеток. Како резултат на таа политика Република Македонија од 1 јуни 2003 година учествува во мултинационалните сили во Ирак со контингент од 30 –тина војници“ – случајно одбран цитат од DW на македонски јазик, а можеше да биде од кој било медиум. Следува цитат од официјалниот Извештај за злосторствата на коалициските сили и приватни изведувачи : “1. Смрт на цивили како резултат на бомбардирање и ракетни напади кои не успеваат да ги преземат сите можни мерки на претпазливост во врска со жртвите на цивилите. 2. Мачење и злоупотреба на затвореници во Абу Граиб од страна на персоналот на американската армија со вклучување притвор на илјадници ирачки мажи и жени. Тортурата кај Абу Граиб опфаќа силување, содомија и широка сексуална злоупотреба, истурање фосфорна киселина врз притворените лица, лишување од сон и физички тепања. 3. Широко распространета употреба на запалива муниција бел фосфор, каков што бил за време на нападот врз Фалуџа, што резултирало со ужасни жртви кај жени и деца. Употребата на бел фосфор во центрите за население е забранета со меѓународното законодавство. 4. Употреба на осиромашен ураниум во ирачките центри на население од страна на американската војска, проценета на најмалку 300.000 истрели во Ирак заклучно со 2003 година. Осиромашениот ураниум резултирал со токсични здравствени ефекти како што се високо покачена појава на леукемија кај децата, вродени деформитети и карциноми во региони во Јужен Ирак, слично на ефектите од употребата на осиромашен ураниум во Србија, Босна и Косово по Југословенските војни. 5. Силување и убиство во Махмудија на ирачко девојче и убиство на нејзиното семејство. 6. Мачењето и убиството на воениот заробеник, командантот на ирачките воздухопловни сили, Абед Хамед Моууш. 7. Масакр на свадбата во Мукарадиеб каде биле убиени 42 цивили од коалициските сили. 8. Наводите за тепање, струен удар, подбивно погубување и сексуален напад од страна на британските трупи биле презентирани на Меѓународниот кривичен суд (МКС) од страна на адвокатите за јавен интерес (ПИЛ) и Европскиот центар за уставни и човекови права(ЕКЧП).“ Портпаролката на Амнести интернешенел во тоа време, Никол Шувеири, јавно ќе изјави: “Сегашната ситуација во Ирак е мизерна. За жал, неа ја предизвикаа КОАЛИЦИСКИТЕ СИЛИ, зашто кога го нападнаа Ирак не носеа со себе и разумна стратегија за потоа. Она што се случува сега е ХУМАНИТАРНА КАТАСТРОФА.“ Поздравувајќи го обраќањето на министерот за внатрешни работи, дека постои законска можност, според Кривичниот законик, секој што негира, грубо минимизира, одобрува или оправдува геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства, да се казни со затвор од една до пет години, а знаејќи дека злосторствата против човештвото и воените злосторства не застаруваат, јас лично и, во името на политичката партија МААК О Б В И Н У В А М и барам, членовите на Владата на Република Македонија кои предложиле и пратениците во Собранието на Република Македонија кои донеле одлука за испраќање на контингент војници на АРМ во состав на коалициските сили предводени од САД, да бидат обвинети и судени не само за одобрување и оправдување на наведените во Извештајот злосторства против човештвото и воени злосторства, туку и за учество во нив. Со нивната одлука за испраќање воен контингент во состав на коалициските сили предводени од САД тие директно учествуваат во официјално докажаните воени злосторства, во страдањата на ирачкиот народ и во хуманитарната катастрофа која со тоа ја предизвикале. Имињата на членовите на тогашната Влада и членовите на тој состав на Собранието верувам дека се достапни и за Министерството за внатрешни работи и за Јавното обвинителство. Истовремено, бидејќи министерот најави и можност за казнување заради јавно искажано одобрување и оправдување на воени злосторства, повторно по случаен избор, ќе го цитирам ББЦ на македонски јазик кој пренесува јасни ставови на двајца учесници на јавна дебата во врска со војната во Ирак : “Јас ја разбирам таа нова светска универзална политика на човекови права, па дури и кога е демагошка таа треба да се третира сериозно. Да речеме дека биле добри намерите на Буш и на тие 20 – тина земји кои го нападнале Ирак во име на некои повисоки универзални вредности“ – вели новинарот Никола Галевски. И Ѓунер Исмаил, директор на Центарот за стратегиски истражувања – Форум смета дека учеството на нашите војници во Ирак е оправдано ако се гледа низ призмата на македонските интереси: “Македонското политичко водство таму некаде на почетокот на 2003 година ја донесе вистинската одлука и го одбра вистинското друштво, толку нужно и толку долго барано низ историјата на Македонија…“ Навистина, ова се два експлицитни примери на одобрување и оправдување на злосторства против човештвото и воени злосторства до кои јас можев да дојдам. И јас и министерот за внатрешни работи и Јавното обвинителство знаеме дека има на стотици, ако не и илјадници јавни изјави кои го поддржувале, оправдувале, одобрувале, па дури и поттикнувале злосторството против ирачкиот народ, злосторство спротивно на меѓународното право и без согласност на Советот за безбедност при ОН, со што предизвикале страдања и хуманитарна катастрофа. Искрено верувам дека ќе соберат храброст и ќе ги процесуираат овие случаи, а правосудните органи ќе си ја завршат работата без двојни стандарди за да се обидат довербата од 8 проценти да ја покачат за некое скалило. Евентуалниот обид и денес да се каже дека воената агресија врз Ирак е “нешто друго“, дека тоа е всушност “соборување на диктаторски режим“ и “демократизација на ирачкото општество“, со што би се избегнала одговорност за оние кои одобрувале, оправдувале, поттикнувале и, дури, учествувале во веќе докажаните воени злосторства, ќе претставува голем срам за ионака “засраменото“ македонско општество. (авторот е претседател на МААК) |