|
|
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА - НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА! |
(ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 167) 1. Го дочекавме и одбележавме најголемиот христијански празник Воскресението Христово - Велигден. Скопје никогаш не бил толку празен од луѓе и автомобили како сега, а воздухот во градот во тие денови на долгиот викенд велат дека беше почист дури и од воздухот во Лазарополе! Да видиш - да неверуваш! Неколку работи ме импресионираа од годинешнава прослава на православниот Велигден. Црквите ширум Републиката беа преполни со верници, а пред Соборната катедрала во Скопје вечерта во саботата спроти неделата на 24 април, на "Христос воскресе", присуствуваа илјадници граѓани, и што е најважно - претежно млади, со запалени свеќи во едната и вапцани јајца во другата рака. Знак што многу ми значи во моите очи и знак што е најнепосредна потврда за патриотизмот на новите генерации млади македонци и нивната љубов и посветеност на вековните традиции на сопствениот македонски народ. Имаше и честитки по повод најголемиот христијански празник и од припадниците од мусиманската вера што говори дека соживотот во Македонија не само што е можен, туку веке е и реалност, барем за мнозинството од граѓаните. Интересен момент за Велигденскиот викенд е и тродневната посета на Претседателот на Латвија на Македонија. Само по себе, сметам судејки според вообичаените протоколи, дека оваа посета би требало да се свати како многу силна п о р а к а! Имено, не е честа пракса шеф на држава да престојува цели три работни дена во државна посета на друга земја. Но врв на пораката секако е што гостинот од Латвија, заедно со нашиот Претседател Стево Пендаровски заедно положија венец на гробот на Гоце Делчев, што секако значи гест за почит но и порака не само кон нас и се разбира кон Гоце, туку и за некои во соседството. Дали оваа посета е своевиден сигнал на земјите-членки на ЕУ од Скандинавијата и Балтикот (на кои им е туѓ балканскиот примитивизам што го практикува членката на ЕУ, Бугарија) дека не прифаќаат една Бугарија со силеџиството што го наметнува кон Македонија да ги погани вредностите и смисолот на постоење на самата Унија, ќе видиме на самитот на ЕУ што треба да се одржи во јуни годинава, на крајот на француското претседателство со ЕУ!? Велигденското расположение донекаде ни го поматија - кој друг ако не токму бугарите со изјавите на канадскиот воспитаник и дипломец од Харвад, нивниот Премиер Кирил Петков. Според него, Бугарија малку ќе го олабавела ставот кон Македонија и нејзините амбиции за членство во ЕУ со најавата дека "ќе ја поместела, но нема да се откажела од блокадата за членство на Македонија во ЕУ додека не се вметнеле бугарите во македонскиот Устав" и слични барања, но ќе дозволела почеток на преговорите. Петков дури сега глуми дека е "погалантен" и наместо претходните негови изјави дека Македонија ќе постане членка на ЕУ за 15 години, сега пушти срце(!?) и ни предвидува дека тоа ќе се случи за 10 години! Што би рекол народецот наш: е..ти среќата кога нашата иднина зависи од една Бугарија (секако подржувана од некои лицемерни и непринципиелни членки на ЕУ). 2. Сржта на проблемот на нашето битисување и тапкање во место- сега веќе триесетина години како независна земја, мислам дека ја погоди свештеникот, отец Бобан Митевски од скопската епархија на МПЦ-ОА со изјавата: " Нашето неединство не прави ранливи како општество". Според Митевски, македонското општество е поделено бидејки меѓу нас македонците многу завладеале суетата, себичноста, завидливоста… "Ако сакаме добробит и хармонија, требада почнеме од сопственото поправање, секој поединечно и така сите заедно", нагласува отец Митевски. Токму така, нашето неединство многу скапо не чини и е многу сериозна кочница за нашиот севкупен напредок, а последиците се видливи и застрашувачки: младината ни се иселува, а земјата е меѓу најсиромашните во Европа! Патем, организацијата "Фридом хаус" ја поместува Македонија меѓу последните на континентот според степенот на демократија и ја оквалификува земјата како "хибриден режим", заедно со Унгарија, Црна Гора, Македонија и Србија и констатира дека наведените земји „не се во состојба да ги испорачаат дефинитивните компоненти на либералната демократија: проверка и баланс, владеење на правото и цврста заштита на правата и слободите на сите“. Утешително за нас е заложбата на Фридом хаус ЕУ „конечно да ги започне пристапните преговори со Албанија и Македонија, притискајќи ја Бугарија да се откаже од приговорите“. Како основач и повеќегодишен претседател на Паневропската унија на Македонија имав често прилика да се дружам, но и да го угостам во посета на Републиката неколку пати Претседателот на маѓународната Паневропска Унија Д-р Ото фон Хабзбург кој во повеќе наврати ми велеше: "Морате (како земја, М.Тр.) да си најдете некоја членка во ЕУ што ќе биде ваш "спонзор" и силно ќе ве подржува на патот за членство во Унијата. Исто така морате да сте е д и н с т в е н и за таа цел"!!! Но реалностите кај нас, дома, се толку грди што погрди не можат да бидат. Некое зло е влезено меѓу нас македонците и никојпат не сме биле пораздвоени како денес. На таа карта играат и странските фактори кои не сакаат Македонија да оди напред!!! Затоа сме на ова дереџе на кое сме, а токму на картата на нашето неединство сметаат (и го потхрануваат) нашите непријатели! 3. Сегашнава власт на СДСМ и ДУИ ја Македонија ја направи презадолжена земја! Министерот за финансии Бесими преговара во Вашингтон за заем од дури 900 милиони евра и, доколку биде одобрен од меѓународните финансиски институции, државниот долг ќе достигне над 7.8 милијарди евра. За најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ Македонија станува презадолжена земја, без капитални инвестиции, со минимален раст на БДП, а парите на граѓаните се трошат само за непродуктивни трошења, криминални тендери и богатења на функционерите на СДСМ и ДУИ. Според опозицијата, за само 3 години, сегашнава власт се задолжи за неверојатни 2.3 милијарди евра! За ВМРО-ДПМНЕ "оваа неспособна и криминална власт мора да замине што поскоро, а за тоа се потребни брзи предвремени избори". 4. Министерот за надворешни работи Бујар Османи е на неколкудневна турнеја на релацијата Скопје-Берлин-Софија-Скопје. Во Берлин Османи ги реафирмираше позициите на неговата (!) влада (Свесно велам "неговата", бидејки ниту опозицијата, ниту македонскиот Парламент воопшто не се информирани кои се тие позиции), а во Софија тој, заедно со ЕУ комесарот за проширување Оливер Вархеи ќе имаат средби со Претседателот Радев, Премиерот Петков и министерката надворешни работи Генчовска. Вистинска мистерија за македонската јавност е што воопшто има на ум Османи и што овој пат ќе им прифати од ултимативните барања на бугарите и со какви коцесии од наша страна ќе дојде заедно со Вархеи во Скопје? Но после провокацијата што ни ја приредија бугарите среде Битола со отворањето на таканаречениот културен клуб Иван Михајлов, од Бугарија и овој пат можеме да очекуваме само зло, што ќе ни го донесат од таму дома во нините актовки Османи и Вархеи. Затоа, ја повикувам опозицијата и сиот горд македонски народ, доколку и овој пат ни се нуди некакво големобургарско подметнување и негирање масовно да излеземе на Илинденска бб, пред Владата на РМ и громогласно да кажеме НЕ на бугарските непријателски и ултимативни ставови и барања кон нас. 4. За прв пат во изминативе неколку години со пандемијата и без неа, немаше инциденти на православни гробишшта во земјава. Дури во два наврати во блиското минато пред велигден беа искршени надгробни споменици во две селски православни гробишта!? Нека не ми биде замерено, но одсуството на инциденти на гробишта го сметам како знак на задоволство на длабоката држава која, по обичај, доколку не е задоволна од нешто во државата иницира меѓуетнички конфликти и инциденти. А како не би била задоволна длабоката држава? Протеравме руски дипломати, воведовме санкции кон Русија и веќе сме на нејзиниот список на непријателски земји, со еден збор играме (!) според правилата што ни се наметнуваат од страна. Кој е како нас??? М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор |