|
|
КАДЕ СЕ ЧУЛО И ВИДЕЛО: ЗЕМЈА ДА БАРА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ ОД СОСЕДОТ |
(ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ -172)
1. Власта на коалицијата СДСМ-ДУИ продолжува со вербалното насилие врз сопствениот народ со прашањето дали на истекот на француското претседателство со ЕУ во јуни ќе добиеме конечно датум за почеток на преговори за членство во Европската Унија. Тоа организирано ни го прават преку провладините медиуми кои секојдневно не бомбардираат со информации од непријателски накострешената кон нас Бугарија и тамошни поединци, дежурни гласноговорници за големобугарскиот национал-шовинизам кон Македонија и македонците!
Се обидувам да си ја објаснам (секако не ја оправдувам) државната политика на Бугарија кон нас и нашите амбиции и заложби за членство во Унијата. Бугарија - како вештачки креирана творба во Сан Стефано, од Црното до Јадранското море, еден век и половина не престана да мечтаи за таа идеја која до ден денешен е всадена во главите на нејзините челници, без разлика дали станува збор за царистичкиот, комунистичкиот Тодор-Живковистички, или посткомунистички - "демократски" период. Напротив! Кај нив не се штедат средства и напори за докажување на во нивните глави замислениот наводен бугарски (?) карактер на македонскиот народ, неговото историско минато, јазик и култура, процес што покојниот историчар Драган Ташковски со право го нарекуваше "културен паразитизам".
Немам никакви илузии дека на крајот на француското претседателство со ЕУ н е м а да се случи отворање на преговорите за Македонија и Албанија за членство во ЕУ. Господата во Брисел се заморени од проширувањето и не знаат што да прават со себе, а капак на нивната конфузија секако е војната во Украина за која немаат ниту решенија, ниту визија како да се справат со проблемите што испливаа на површина како последица од таа војна. Унијата наметна до сега невидени санкции на агресорот Русија и членките на ЕУ (но не сите) се откажаа од руските енергенси - нафтата, јагленот и природниот гас, и веќе се чувствуваат страотни последици по нивните економии како резултат од таквите потези на политичарите.
Огромна штета не евроинтеграциите конкретно за нашата земја секако преставува ставот на некои земји во ЕУ, во прв план на Германија, дека патот на Македонија за членство во ЕУ според нив водел преку Софија (Бугарија)!? Мислам дека овој став бугарите ги осоколи да се однесуваат како што се однесуваат кон нас: со омаловажувања, уцени и семожни континуирани побарувања, подржани од Брисел и Стразбург а некои од бугарските условувања, конкретно се наведени и во извештајот на Европскиот Парламент за Македонија за 2021.
Нешто кое осебено ме иритира е барањето од Софија за отворање на Уставот на РМ и за вметнување на бугарите како државотворен народ. Да се крстиш и да не веруваш! Па каде се чуло и видело една земја да ја условува соседната земја со отворање на нејзиниот устав заради одредени политички цели? Да сме го отвореле нашиот Устав за десетина мешани бракови со бугарки, и пар стотини бугарофили во земјата? Категорички сум против такво нешто и се надевам сегашнава коалиција на власт такво нешто нема да се осмели да ни приреди оти ќе и се случи народ. За тоа не треба да имаат никаков сомнеж!!! А што станува со македонците во Пиринска Македонија?
Најнов антимакедонски бисер што е лансиран од Софија е клеветењето за некакво русофилство во Македонија. Дојде од устата на првиот човек од бугарскиот дел мешовитата комисија за историски прашања Ангел Димитров кој - мртов ладен - рече дека "Македонија е генетски врзана со Русија"!? Не знаев дека историчарот А. Димитров е стручен (?) и за област како генетиката, но секако ги помешал работите. Токму неговата земја Бугарија е генетски поврзана со Русија, без дилема. Русите во два наврати им направија држава на бугарите во 19от и 20от век, а испитувањата на јавноста покажуваат дека над 60% бугари се проруски расположени, иако земјата е членка на НАТО и ЕУ. Така стојат работите господине Димитров!!!
Проширувањето на ЕУ се почигледно не е тема за членките и тоа на подолг рок. Тоа е зацртан став на долга патека и со тоа ќе мораме да се соочиме. Впрочем, многу поучна е пораката на големиот познавач на приликите во западниот Балкан и особено на релацијата на нашиот регион и ЕУ, професорот на политички науки од Грац Флориан Бибер, кој отворено ни порача: "Дури и да ги почне (Македонија) преговорите, таа (Бугарија) има можност да ги блокирта седумдесетина пати"! Не знам дали оваа порака ја примија нашите политичари, а би требало, бидејки во неа е кажано се.
Елем, што да се прави? Предлагам да продолжиме да негуваме добри односи со Унијата и да црпиме од неа колку што е можно повеќе средства за сопствениот севкупен развој, но да ги насочиме сопствените потенцијали за искористување на нашите расположиви ресурси и да трагаме по нови можности, пазари и партнери за соработка. Друго не ни преостанува!
2. Една работа што во неколку прилики ја истакнувам, а тоа е: дека Грција, која не уценуваше со блокади за членството во НАТО дваесетина и повеќе години, сега глуми наш подржувач, а всушност го прави истото, но сега на попрефинет начин, посредно - преку ветото од Бугарија, за (не)почнување на преговорите за членство во ЕУ.
Моите претпоставки за грќкото лицемерие се потврдија со неодамнешната еднодневна посета на грчкиот МНР Никос Дендиас на нашата земја кој во таа прилика го истакна, според него: посебниот придонес на Македонија во градењето и зајакнувањето на регионалната соработка, стабилноста и добрососедските односи како посебно значаен аспект за регионот и пошироко. Грција, според Дендиас, била "фокусирана на зајакнување на стратегиското партнерство меѓу Македонија и Грција"(!?) . Во соопштението од средбата беше речено и дека биле потенцирани заложбите на Грција за целосен ангажман и активна поддршка на Северна Македонија во европската интеграција при што, наводно, Атина ќе продолжела со ангажманот за усвојувањето на преговарачката рамка и за формалниот почеток на пристапните преговори со ЕУ.
И се ќе беше убаво доколку во нас сеуште не се чуствуваше ехото од изјавата на истиот тој Дендиас што ја даде веднаш по превземањето на функцијата:"Ќе ги примораме скопјаните да се откажат од македонизмот низ процесот на преговорите (за членство во ЕУ)".
Впрочем слична изјава даде неодамна во Берлин и претседателот на Бугарија Румен Радев каде рече дека "Нема да дозволат македонизмот да навлезе во ЕУ".
По ова, треба да ни е јасно на сите како стојат работите, зарем не!?
3. Комплетното државно раководство - Претседателот на Републиката Пендаровски, Спикерот на парламентот Џафери и Премиерот Ковачевски во понеделникот (30. мај) како ѓачиња се нацртаа на клупа во уставниот суд на Макледонија, на покана не сегашната претседателка Добрила Кацарска. Настанов е без преседан по многу основи но и тој е потврда дека во древната земја Македонија ама баш се е можно!? Ниту еден државен протокол на планетава не дозволува вакво нешто. Целта на парадата на трите државни татковци наводно беше Радмила Кацарска (која судеше патриоти на драконски казни од вкупно 210 години затвор) да се пожали на блокадата за избор на уставни судии во собранието на РМ, но се погласни беа реакциите дека всушност намерата беше да му се даде јавна подршка на спикерот Џафери кој се соочува со невиден притисок од пратениците на опозицијата и од пошироката јавност заради бројните гафови што континуирано ги прави, а за што му е поднесена и интерпелација во Собранието! Невидено е на што се се споремни споменативе индивидуи само за да се сочува коалицијата на власт што ја оскрнави по сите основи Македонија.
4. Деновиве изби голем пожар во маганицините на поранешната "Makeдонија табак" во Тетово. Ова е уште еден од повеќето сомнителни пожари што се случуваат во годините наназад. Во голем пожар изгореа бараките од градскиот катастар наспроти поликлиниката Букурешт; се запали болницата за пациенти од ковид 19 во Тетово каде живи изгореа 16 лица; изгоре голем дел од комплексот на поранешната фабрика за намештај "Треска" во центарот на Скопје и сега изгореа маганицине во Тетово.
Се поставува дилемата: дали станува збор за подметнати пожари за расчистување и приграбување на теренот од градежната мафија, или пак за наплата на осигурувањето за опожарените под многу сомнителни околности објекти? За сега немаме убедлив и со докази поткрепен одговор. Но не исклучувам дека станува збор за првата, втората или за обете претпоставки.
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, поранешен министер и амбасадор
|