Среда, 06 Јули 2022   
Владимир Кецкаров: „Борбен придонес на Македонија за независноста на Балканот“ (1)

1Tihomir

Подготвил Т. Каранфилов

„Во борбата за балканска независност, Македонија отсекогаш играла важна улога како политичка и географска целина. Сместено на средината на полуостровот, нејзините политички манифестации отсекогаш имале обединувачки тенденции, во однос на другите народи, а кога македонското население немало можност да се манифестира политички и воено, Македонија се појавила како поле за аспирации од страна на соседните земји или како што велат таа била вечно јаболко на раздорот.“ – пишува бугарскиот генерал со македонско потекло Владимир Кецкаров во далечната 1945 година.

Владимир Антонов Кецкаров (10.10.1893 – 17.08.1960) е бугарски официр, генерал мајор, со потекло од Македонија. Роден е во Битола во семејството на Антон Кецкаров од охридскиот род Кецкарови. Неговиот татко бил деец на Македонската револуционерна организација. Се образувал во Военото училипте во Софија и како питомец во 1912 година учествувал во Балканската војна. Дипломирал на училиште во 1914 година и учествувал во Првата светска војна. Во 1930 година дипломирал на Софиската Воена академија. Но, во 1935 година, тој бил отпуштен од армијата, заедно со други високи офицери осомничени за вмешаност во обидот за државен удар. По државниот удар на 9 септември во 1944 година, тој бил вратен во армијата како генерал-мајор. По војната продолжил да служи во Бугарската народна армија. Во 1946 година, заедно со Павел Делирадев и Јурдан Анастасов, влегол во Научно културно-историската комисија на Македонскиот научен институт (МНИ), а подоцна бил избран и за потпретседател на институтот. Во 1948 година станал раководител на отсекот „Историја на воената уметност и војни“ при Софиската Воена академија. Починал во 1960 година.

Како бугарски воспитаник, генерал Кецкаров наводно бил против тезата за постоење на посебна македонска нација. Меѓутоа, како роден Македонец, чиј татко бил во редовите на МРО, и како војник кој се занимава со воената историја, тој непосредно по Втората светска војна со посебен пиетет говори за народот од Македонија и неговата вековна борба за независност, не само за Македонија, туку и за Балканот.

Во контекст на сегашната Руската воена агресија во Украина и политичката агресија на Бугарија врз немоќната воено и политички македонска држава, која со вето за влез во ЕУ ја уценува Македонија да ги прифати бугарските барања, со кои се загрозуваат македонскиот идентитет, историја и македонскиот јазик, интересен е текстот на генерал Кецкаров„Борбениот придонес на Македонија за независноста на Балканот“ објавен во органот на МНИ „Македонска мисла“  веднаш по Втората светска војна. )Македонска мисъл,  кн. 3-4, год. 1, 1945). Во анализата за вековната обединувачка тенденција на Македонците за Балканот, кога воено и политички Македонија била моќна, како и аспирацијата на соседите кон македонската терирорија кога Македонија била политички и воено немоќна, како денес, тој ќе напише:

„По крвавите војни за поделба на Македонија, во кои не се слушаше само гласот на Македонецот, горенаведениот наслов звучи многу парадоксално и претенциозно во ушите на балканските империјалисти. А сепак, на вакви теми може да се зборува и пишува со многу добра основа, се додека се паметат и правилно толкуваат неколку историски факти од античко време, па и денес. Навистина, прашањето за националноста на Македонците, како творци на епохите на кои ќе се потсетиме, ќе го раздразни патриотското чувство на соседите на Македонија, но политичката суштина на настаните не само што ќе ги одврати нивните шовинистички аспирации, туку и ќе ги покаже, со историските податоци, логичките можности и вистинскиот пат, кои денес се откриваат во Македонија. Овие факти не се непознати за балканските историчари, но тие секогаш ги користеле за својата национална кауза и секогаш избегнувале да им дадат карактеристичен македонски карактер. 

Точно е дека етнички Балканот е шарен од памтивек. Во антиката се зборувало за десетици илирски, тракиски, хеленски и македонски племиња и народи. Од средниот век до денес, пред нас се редат имиња на народи и племиња од славјанско, аварско, татарско и туранско потекло, меѓу кои се издвојуваат имињата на Грците, Власите и Албанците со тврдења за автохтоност (античко). Во исто време, свое место имаат и Турците, како етнички елемент и долгогодишни политички владетели. Појавата и зачувувањето на оваа национална различност лесно се објаснува и со географската положба на Балканскиот Полуостров, како мост меѓу истокот и западот, и со неговите географски карактеристики. Планинските масиви го растргнуваат полуостровот во бројни мали и големи ќелии, поврзани со отежнати комуникации и обезбедуваат погодности за населување на племиња и народи, на таков начин што бурите на историјата не можат да ги однесат без остаток, но од друга страна, создаваат мали и слаби држави. Времето се покажа како слабо дури и за да ги избришат некои племенски карактеристики во одредени области на полуостровот. 

Овие околности се доволни да ја објаснат политичката фрагментација на Балканот во различните епохи на историјата, како и можноста воено добро организираните нации да ги потчинат под нивната империјалистичка моќ и сèпак да не успеат да наметнат еден заеднички државен концепт. Така, пред нашите очи се редат многу освојувачи, како Персијците, Римјаните, Готите, Келтите, Аварите, Славјаните, крстоносците, Норманите, Турците, а најпосле и Германците кои го освоија распарчениот Балкан за многу кратко или многу долго време.

Во борбата за балканска независност, Македонија отсекогаш играла важна улога како политичка и географска целина. Сместено на средината на полуостровот, нејзините политички манифестации отсекогаш имале обединувачки тенденции, во однос на другите народи, а кога македонското население немало можност да се манифестира политички и воено, Македонија се појавила како поле за аспирации од страна на соседните земји или како што велат таа била вечно јаболко на раздорот.

По овие кратки појаснувања, се преминува на историска анализа на фактите, која ќе ни го покаже вредниот придонес на Македонија во борбите на балканските народи за единство, независност, моќ и култура.

Грчко-персиските војни и оние меѓу Атина и Спарта во 5 и 4 век п.н.е. го доведоа цивилизираниот хеленски свет во политички пад. Во овој период, Македонија презеде политичка хегемонија на Балканот, ги принуди грчките „демократски републики“ да ја прифатат македонската централистичка власт, за возврат, Македонците ги усвоија политичките и културните импулси на Хелените по однос на Блискиот Исток и ја создадоа големата империја на Александар Македонски, што отвори широко поле на хеленската цивилизација долж западните брегови на Мала Азија и Египет.

Се разбира, смешно е да се градат современи великогрчки аспирации врз фактот дека Македонија пред 24 века била „лулка на хеленизмот“, не само поради многуте води кои што протекоа од оттогаш, туку и поради спорноста на фактот за племенската припадност на Македонците. Тогашните  Елини, за разлика од денешните Грци, негираа каква било крвна врска со варварските Македонци и ни оставија докази за јазичната и националната разлика на Македонците. Плутарх пишува дека на некои празници, Македонците се расправаа на својот неразбирлив варварски јазик.

Важен факт што мораме да го нагласиме е дека, под одредени политички околности, географската положба на Македонија овозможила да се зароди на македонска почва чувството за заедништво и со другите балкански народи и тие би можеле да станат културни носители на една висока цивилизација и уште поширок државен концепт Ова е доволно за да се разбере дека географската ситуација го овозможи политичкиот развој на Македонија, не само без штета, но и со огромна придобивка за соседите.

Вториот факт е борбата на балканските народи против римското освојување. Единствени претставници на оваа борба се Македонците, бидејќи Грците се појавија како мост до римското продирање, преку нивната борба против нивните божем „еднородни“ Македонци. Македонија сама ја сфати опасноста од римскиот империјализам. Нејзината желба да го спречи подемот на римскиот освојувач најширок израз најде во сојузот со Сирија и Картагина, а исто така и во обидите да ги заштити, дури и со сила, грчките „републики“ и Египет од римските освојувања. Поради оваа причина, таа водела две војни (206 и 197 п.н.е.) со Рим и последна ги спушти знамето на отпорот против римската инвазија. Неуспехот на Македонија може да се објасни со општата политичка ситуација околу Средоземното Море, но не може да ги оцрни ниту напорите на македонската држава за заштита на Балканот и источното Средоземно Море за народите од овие басени, ниту да ги негира нејзините широки политички концепти.

Трет факт од одлучувачко значење е ... формирањето славјански држави на Балканот е борбата на македонските Славјани против Византија.

Ако ја оттргнеме историјата на преселувањето на Славјаните на Балканскиот Полуостров, од се што носи карактер на легенди, во однос на личности, настани, светци и слично, за вистинскиот историчар останува еден неоспорен факт, а тоа е дека во 6. и VII век, на Балканот, два света воделе решавачка битка: — славјанско-демократскиот и византиско-олигархискиот. Во оваа борба, првиот го потврдува правото на самобитна државна организација што одговара на племенските карактеристики, а вториот - освојувачкиот почеток за владеење на бирократско-земјоделска олигархија, врз темелите на ориентализираното римско државно право. Во економска смисла, оваа ера на Балканот може да се дефинира како судир на робовладетелскиот систем со патријархално-колективната сопственост на земјиштето.

Во овој голем општествен феномен, групите на Исперих околу Плиска и оние на Кубер во Керамисија (некои историчари сметаат дека е во Пелагонија, Битолско, а други во Солунско – н.з), се јавуваат само како воено политичка сенка на главниот феномен – славјанската консолидација на Балканот и нивната индивидуализирање како национални држави, иако не целосно во денешната содржина на овој концепт.

Оваа борба против Византија ја започнале истовремено Мизиските и Македонските Славјани, како непосредни соседи на Византија, под крајно различни политички и стратешки услови.

Македонија била блиската заднина на Солун и речиси целосно ја покривала Виа Игнатија, единствената врска на Византија со нејзините западни делови. Уште повеќе, Керамисија била премногу далеку од Константинопол за да биде директно нападната оттаму.

Мизиските Славјани, пак, имаа предност... да бидат заштитени од Хемус (Стара планина или Балкан – н.з) и да можат со еден скок да го загрозат политичкиот центар на Византија - Константинопол.                                                                                                 

Овие околности меѓусебно ги поврзаа двете славјански групи политички и воено, и затоа, додека Славинија (Македонија) не ги привлече првите удари на Византија (688 - Јустинијан Ринотмет), придружени со страшен егзодус на македонските Славјани во Мала Азија, Мизија зајакнува зад Балканот, за да започне обратната интеракција - привлекување на византиските сили на исток и олеснување на македонските Славјани на запад...

Иако е во состав на Бугарија, Македонија не престана да има свои мислења во одлучувачките политички моменти. Така на пр. империјалистичкото привлекување на Бугарите кон Константинопол, според некои историски показатели, го имала својот прв противник во лицето на најпаметниот претставник на балканските Славјани – Св. Климент Охридски.

За македонските Славјани, уништувањето или освојувањето на Константинополска Византија не била прва политичка задача. Единствено важно е отстранувањето на нејзиното културно влијание и обединувањето на балканските Славјани. Токму тоа е главниот политички мотив на Самуиловата држава.... Воените напори на Самуил биле сукцесивно насочени кон Мизиските Славјани, српските кнежевства, Солун, Тесалија, па дури и кон Пелопонеските Славјани. На исток, Самоил водел само одбранбени војни. Овој редослед на Самуиловите војни ја открива неговата главна идеја - обединување на балканските Славјани. Ова може да го објасни и неговиот различен однос кон српските кнезови и земји, од она што го имал на пр. Симеон. Додека Симеон си служел со војни, пустошење и понижувачко заробеништво, Самоил започнува со војна, но продолжува со сродство. 

Иако во Македонија правилно беше поставено прашањето за борбата против Византија со формулата „со сојуз до победа“, Самуиловиот курс не успеа. Тоа стана прво, зошто против себе имаше голем војсководец и далекувиден политичар, второ – поради незрелата славјанска поврзаност и трето - поради нестратешкото организирање на државата за да се бори против Византија.Западна Македонија не можеше да биде појдовна точка за борба против Византија, како што не можеше платото Абов да биде местото од каде би можело да се обединат сите балканските Славјани. Покрај тоа, границата против Византија беше предолга за да може да се брани од нејзината огромна моќ со средствата за комуникација во тоа време. Општо земено, прашањето за политичката стратегија на балканските Славјани е многу сложено. и интересно, но тој излегува од опсегот на поставената задача. Во овој случај суштинската работа е да се нагласи дека географската положба на Македонија, по четврти пат во нашата позната историја, покажува дека македонското население, кога е политички изолирано, поради својата централна позиција, природно мора да заземе најкоректни позиции од гледна точка на јужнославјанските интереси.

(продолжува)

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.