Среда, 17 Август 2022   
Бугарија добивала по 300 германски марки за испорачана еврејска глава!

1 Свекрва  

Во Втората светска војна Бугарија добивала по 300 германски марки за испорачана еврејска глава!

Правокацијата со отварање на бугарски културни клубови во Охрид и Битола, како и најавата за отварање на нов во Богданци, кои носат или ќе носат имиња на бугарските цареви Фердинанд Први, Борис Трети и Ванчо Михајлов, предизвика бура на негодувања на македонскиот народ и еврејската заедница во Македонија.

Имено, Фердинанд Први е одговорен за учеството на Бугарија во Балканските и Првата светска војна, што доведе до голем број жртви и поделба на Македонија, по што абдицира во корист на неговиот син цар Борис Трети кој пак е одговорен за прогонот на Евреите во Македонија, како и името на Ванчо Михајлов одговорен за низа убиства на цветот на македонската интелигенција во Пиринска Македонија и Бугарија во периодот меѓу 1924 и 1934 година, кој потоа за време на Втората светска војна беше соработник на Хитлер.

Ваквите правокации се обид на бугарските власти и домашните поддржувачи да ја ретушираат историјата, особено времето на Втората свестка војна, кога бугарските окупаторски власти на барање на Германија испорачаа 7.144 Евреи од Македонија во Треблинка, логорот на смртта, од каде никој жив не се врати. Меѓутоа документите се неумоливи и говорат дека за секоја испорачана еврејска глава Бугарската фашистичка влада добивала 300 германски марки.

Се почнува уште во јули 1940 г. кога Бугарија започна со носење на антисемитски закони. 

На 21.01.1941 г. цар Борис III го потпиша „Законот за заштита на нацијата“, кој е сличен на Законот од Нимберг од 1936 г., а со кој се наложува: носење на жолта Давидова ѕвезда; попис на сите еврејски имоти; еднократен данок на имот од 30%; општо ограничување на правата на Евреите; забрана за брак со лица кои не се Евреи; забрана за водење на бизнис, за започнување нови бизниси или за продавање на постојните бизниси; забрана за вршење земјоделски работи; ограничување во образованието и ограничување во снабдување со огрев и храна.

На 1.031941 г., непосредно пред нападот на Германија врз Југославија на 6.04.1941 г., Бугарија стана официјално сојузник на силите на оската. Веднаш по окупацијата на Македонија во 1941 година, бугарските власти пристапија кон примена на бугарскиот „Законот за заштита на нацијата“.

Македонците станаа Бугари, српските колонизатори беа протерани, а Евреите ги изгубија своите граѓански права. Преговорите за депортирање на Евреите од Вардарска и Егејска Македонија започнаа кон крајот на ноември 1941 година. Истите се интензивираа во текот на 1942 година и завршија со донесување на закон на Бугарското народно собрание од 28 јули 1942 година со кој се ополномоштува Министерскиот совет на Бугарија да преземе мерки за конечно решавање на еврејското прашање.

На 2 февруари 1943 година германското аташе Хофман и специјалниот пратеник по еврејското прашање при германската амбасада во Софија, СС офицерот Теодор Данекер, одржуваат таен состанок со Александар Белев, тогашниот началник на Комесаријатот за еврејски прашања при Министерството за внатрешни работи и народно здравје (МВРНЗ) на Царството Бугарија. На состанокот било договорено собирање на сите Евреи од територијата на царството и нивно предавање во рацете на нацистичките егзекутори. По завршување на преговорите, на кои биле прецизирани сите фази на иселување, на 22. II 1943 година бил потпишан договор меѓу Александар Белев и Теодор Данекер, за депортирање на 20.000 Евреи од Македонија и Беломорието.

Постоењето на прецизен попис на лицата со еврејско потекло им овозможувало на фашистичките власти лесно да го спроведат на дело договорот Белов – Денекер. Договорот започна да се спроведува во март 1943 година во Ќустендил. Меѓутоа заменик-претседателот на бугарското собрание Димитар Пешев заедно со уште 42 пратеници јавно ќе се спротивстави на намерата на владата на премиерот Богдан Филов за депортација на бугарските Евреи.

Поддржани од бугарскиот владика Кирил и целокупното јавно мнение, тие ќе успеат да ги спасат бугарските Евреи, но не и Евреите од Македонија и Беломорието. Бугарските окупаторски власти го спроведоа договорот за конечно решение на Евреите од „новоослободените земј“ и од Македонија и Беломорието (Егејска Македонија и Тракија) беа испратени во логорите на смрта 11 392 лица од кои од Вардарска Македонија 7.148 лица.

Акцијата започнала во утринските часови на 11 март 1943 година. Врз основа на претходно припремените списоци направени по наредба на министерот за внатрешни работи Петар Габровски, во кои било наведено имињата, нивната адреса и занимање, започнало собирањето на Евреите и нивно транспортирање во Привремениот концентрационен логор во Монополот во Скопје. На луѓето им било објаснето дека ќе ги носат на принудна работа во Бугарија. Со благослов на бугарскиот премиер Богдан Филов, на 22, 25 и 29-ти март 1943 г.одина, 2.150 семејства, со вкупно 7.148 члена, во три транспорта, биле упатени во логорот на смртта Треблинка 2 во окупирана Полска. Од таму никој жив не се врати.

Покрај одговорноста за загубените човечки животи, материјалните штети кои ги претрпе Еврејската заедница за време на Втората светска војна, беа огромни. Постојат докази дека парите од опљачканото богатство на македонските Евреи било уплатувано на посебно конто број 544 на бугарската Народна банка, познато уште како „Конто за еврејското прашање“.

Холокаустот на македонските Евреи претставува ненадминато злосторство во светски рамки.

Македонија е единствена земја од чија територија се истребени 98 проценти од вкупната еврејска популација. За ваквата ужасна трагедија е одговорна Бугарија. Спасувањето на бугарските Евреи не ја амнестира Бугарија, чија фашистичка влада дозволи и ја спроведе депортацијата, а со тоа и геноцидот на македонските Евреи.

По Втората светска војна дел од виновниците за холокаустот на македонските Евреи ќе бидат изнесени пред судот на правдата и казнети. Теодор Денекер, советникот за еврејското прашање во германската амбасада во Софија и организатор на Холокаустот во Македонија и други европски држави, наводно се самоубил во 1945 година. Адолф Хајнц Бекерле, германски амбасадор во Бугарија и координатор на депортацијата, е уапсен од страна на Црвената армија, но подоцна е ослободен. Двапати е изведуван пред суд, но неговата вина никогаш не е докажана. Умрел на слобода во 1976 година. Тогашниот премиер на бугарската фашистичка влада Богдан Филов е осуден на смрт и егзекутиран во 1945 година. Патар Габровски кој како министер за внатрешни работи и организатор на геноцидот на Евреите од Македонија и Беломорието, е осуден на смрт и егзекутиран во 1945 година. Александар Белев, комесарот за еврејски прашања и творец на антисемитската политика во Царството Бугарија бил осуден е на смрт во отсуство. Неговата судбина е загадочна. Постои верзија дека во 1944 година ја напуштил земјата по што му се губи секаква трага и друга која говори дека бил откриен од силите на Отечствениот фронт на железничката станица во Ќустендил и откако му било дозволено да оди во тоалетот се самоубил со вбризгување на отров. Бугарскиот цар Борис III никогаш не бил суден.

Бугарија долго време се обидува да најде оправдување за геноцидот на Евреите од Македонија и Тракија. Таа го застапува ставот дека била принудена да ги исполнува барањата на Германците. Бугарите упорно замижуваат и молкум преминуваат за извршените злосторства и геноцидот на Евреите во Македонија, но континуирано истакнуваат дека бугарскиот парламент едногласно се спротивставил на антисемитизмот и бараат признание за хуманоста на Бугарија.

Прикривајќи ги злосторствата извршени од страна на бугарската фашистичка војска и полиција во окупираните делови, повеќе децении злосторниците во Бугарија и пред светот се претставуваат како хуманисти и закрилници на прогонетите Евреи. Вешто искривувајќи ја вистината за депортацијата на Евреите од Македонија и Тракија, бугарските историчари и политичари успеваат да ја изманипулираат јавноста, да го истакнат придонесот на бугарскиот народ за спасувањето на бугарските Евреи, а царот Борис да го претстават како нивен заштитник.

Еврејскиот народ во знак на благодарност за наводните заслуги за заштита на Евреите од прогонот дури ќе му изгради споменик на бугарскиот суверен.

Спротивно на доказите за стореното злосторство, високи личности од политичкиот живот ги рехабилитираат воените злосторници. Поранешниот претседател на Бугарија Жељо Желев, кој е беше на чело на државата од 1990 до 1997 година, ги рехабилитирал премиерот на тогашната фашистичка влада Богдан Филов и делегатот на Комесаријатот за еврејски прашања Иван Захариев, надлежен за Скопје, кој раководел со собирањето на Евреите во Монополот во Скопје и нивна депортација во Треблинка. Покрај нив, бугарскиот Врховен суд во 1997 година ќе го рехабилитира министерот за внатрешни работи Габровски и уште 40 други злосторници осудени во 1945 година. Исто така, со Одлука на владата на Бугарија 10 март е прогласен за ден на холокаустот и на жртвите на кривичните дела против човештвото. Во Бугарија овој ден се слави како Ден на спасување на 50.000 бугарски Евреи.

Бугарија прави огромни напори да се претстави пред светот како единствена земја пример за добро третирање на Евреите за време на Втората светска војна. Истовремено таа се обидува вината за судбината на Евреите од Македонија и Тракија да ја префрли на населението во Егејска и Вардарска Македонија бидејќи од нивна страна немало напори за спасување на сопствените Евреи. Но, да се обвинува еден народ кој и самиот беше жртва на бугарската фашистичка власт, навистина е вистинско лицемерие. Посебно жално е да се префрли вината на македонските граѓани, кои иако се соочуваа со смртна закана, сепак поединечно ги криеја своите сограѓани Евреи од прогонот на фашистичката власт и тајната полиција.

Биографот на Винстон Черчил, сер Мартин Гилберт, кој е историчар од светски ранг, во едно интервју дадено во јуни 2003 за однесувањето на Бугарија вели:

„Македонија, како што добро знаете, била окупирана од Бугарија и бугарските власти, на чело со царот Борис, кои ја одобрија, па дури и учествуваа во депортацијата на Евреите. Ќе беше невозможно македонските Евреи да бидат депортирани во концентрациониот логор Треблинка да не беше активното учество на бугарските власти. Тоа е нешто, со што властите во Бугарија и ден денес се справуваат. За нив тоа е навистина тешко прашање. Тие би сакале да имаат корист бидејќи спасиле 48.000 Евреи од Бугарија, но свесни се дека не можат да си ги измијат рацете од одговорноста за судбината на повеќе од 7.000 Евреи од Македонија“.

Меѓутоа, во јули 2000 година, на барање на Еврејската заедница од Македонија, Израелскиот национален фонд открива нови моменти за улогата на бугарскиот суверен и го отстранува споменикот на сеќавањето на Борис III како наводен праведник и спасител на Евреите од Бугарија за време на Втората светска војна. По тој повод од еврејската заедница ќе изјават:

 „Отстранувањето на споменикот на Цар Борис III во Израел, подигнат во име на наводните големи заслуги на бугарскиот суверен за спас на Евреите во Втората светска војна е само уште еден доказ дека правдата е можеби бавна, но сепак достижна. Фашистичка Бугарија од времето на Борис III е виновна за смртта на 11.000 Евреи депортирани од Македонија и Тракија за време на Втората светска војна за што добиваше по 300 германски марки од испорачана `еврејска глава.“

Во 2008 година, македонските Евреи успеваат да докажат дека во Треблинка беа убиени не бугарски или југословенски Евреи, туку Евреи од Македонија. Истата година, претседателот на Бугарија Георги Прванов, за време на посетата на Израел за првапат јавно ја признал вината за депортацијата на Евреите од Македонија, Тракија и Поморавјето во логорите на смрта. Тој е првиот бугарски функционер кој ја признал вината дека неговата земја учествувала во систематското уништување на Евреите во Втората светска војна.

За време на посетата во Ерусалим тој ќе изјави: „Додека оправдано се гордееме со направеното за да ги спасиме Евреите, не треба да заборавиме дека во исто време во Бугарија имало антисемитски режим и не треба да бегаме од одговорноста за судбината на повеќе од 11.000 Евреи кои биле депортирани од Тракија и Македонија во логорите на смртта. Ние ја превземаме историската одговорност за смрта на Евреите од Тракија и Македонија“.

Но ваквото извинување на претседателот Прванов не беше целосно. Тоа беше само еден добар чекор непред, но не доволен. Официјалното извинување бугарските власти можеа да го направат за време на отварањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија на 10 март 2011 година. Но наместо нивно присуство и целосно извинување, од Софија дојде критика во која бугарските историчари настанот го сметаат за уште една „антибугарска кампања“, што укажува дека во Бугарија не се оправдува постапката на претседателот Георги Прванов и дека не се признава извршениот геноцид врз македонските Евреи во 1943 година.

Отварањето на бугарските културни клубови во Македонија со помош на Софија кои носат имиња на луѓе кои се виновци за геноцидот на Евреите во Македонија, на луѓе кои соработувале со Хитлер, како и на луѓе кои се директни виновници распарчувањето на Македонија, е само уште една провокација на непризнавање на идентитетот, јазикот и територијалниот интегритет на македонмската држава. Тоа е јавно покажување на територијални аспираации од страна на Софија кон земјата, отворени аспирации кои никогаш не згаснале за обновување на Санстефанска Бугарија.

 

На прво место

News image

Мане Јаковлески: Мојот пат по стапките на месијата 2011 година (8)

Петта станица-десно кон улицата Францис, од каде патот нагло, остро се издига кон Голгота (Калварија...

Историја

News image

Границите на Македонија се таму, до каде што допира римскиот меч

Македонија станува римска провинција во 146 година п.н.е., откако римскиот војсководец Квинт Цецилие...

Иселеници

Култура и туризам

News image

ВО АНКАРА– ГРАДОТ НА АТАТУРК И ПРЕСТОЛНИНАНА ТУРЦИЈА(10)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Your are currently browsing this site with Internet Explorer 6 (IE6).

Your current web browser must be updated to version 7 of Internet Explorer (IE7) to take advantage of all of template's capabilities.

Why should I upgrade to Internet Explorer 7? Microsoft has redesigned Internet Explorer from the ground up, with better security, new capabilities, and a whole new interface. Many changes resulted from the feedback of millions of users who tested prerelease versions of the new browser. The most compelling reason to upgrade is the improved security. The Internet of today is not the Internet of five years ago. There are dangers that simply didn't exist back in 2001, when Internet Explorer 6 was released to the world. Internet Explorer 7 makes surfing the web fundamentally safer by offering greater protection against viruses, spyware, and other online risks.

Get free downloads for Internet Explorer 7, including recommended updates as they become available. To download Internet Explorer 7 in the language of your choice, please visit the Internet Explorer 7 worldwide page.