|
|
Александар ДОНСКИ : ЗАБРАНЕТА МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПЕСНА |
Александар ДОНСКИ : ЗАБРАНЕТА МАКЕДОНСКА НАРОДНА ПЕСНА ЗА ВРЕМЕ НА ЕДНОУМИЕТО ПОСВЕТЕНА НА СУДЕНИТЕ ЗА МАКЕДОНИЈА Кога ќе поминеш, драга, покрај река Вардар, ти фрли еден поглед на Централниот затвор. Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на полна слобода? Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на милна слобода? Ѕидовите високи, началници жестоки, безмилосно ја мачат рисјанската душа. Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на полна слобода!? Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на милна слобода!? Наутро станувам и леглото си правам. На работа си одам до касно навечер. Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на полна слобода!? Дали ќе дојде тој ден и јас да излезам на милна слобода!? Песната остана зачувана најмногу благодарение на Киро Митев – Фистик од Штип, кој честопати кришум ја пеел со својот другар Милан Донски (сега покоен) од чиј татко Методи ја слушнале. Искажувам благодарност до Киро Фистик кој ме потсети на мелодијата и текстот на оваа песна, која беше забранета за време на југословенското едноумие. Ако се има предвид дека бројни македонски народни песни се настанати за време на Втората светска војна, воопшто не е чудно да постои народна песна настаната непосредно по војната. Впрочем, според ова, може со сигурност да се претпостави дека процесот на создавањето македонски народни песни завршил некаде во првите години по Втората светска војна. Сето она што потоа е настанато веќе претставува авторизирано творештво. Дали оваа песна претставува една од последните создадени македонски народни песни, или пак истата сепак има автор, кој не успеав да го откријам, ќе покаже времето. Како и да е, од текстот недвосмислено може да се лоцира времето кога таа е настаната, а тоа се првите 2-3 години по Втората светска војна, кога комунистичките затвори почнале да се полнат со активисти и борци за независна Македонија. Текстот е испеан на македонски јазик, па отпаѓа претпоставката дека песната е настаната за време српско или бугарско. Дека песната се однесува на судените за самостојна Македонија, и тоа на оние од првите години по Втората светска војна сведочат следните факти (извадоци од текстот). Како прво, дека се работи за антикомунистички политички затвореници асоцираат зборовите „рисјанска душа“. Ако се знае ставот на комунистите кон Христијанството и религијата воопшто, посебно во првите години од нивното владеење, отпаѓа претпоставката дека песната можеби е посветена на затворени комунисти (информбировци и сл.) или пак на затворени комунисти за време бугарско. Од друга страна сите тогашни ВМРО-вски групи, главно се залагале за самостојна и обединета Македонија под протекторат на САД и Велика Британија со демократско-плуралистички систем, во кој религијата ќе се почитува, што е уште една индиција дека оваа песна е посветена токму на ваквите затвореници. Конечно, Централниот затвор, како затвор бил користен само во првите години по војната, а потоа затворениците биле префрлени во новоизградениот затвор Идризово, а во ова време едни од најбројните затвореници биле токму затворениците за самостојна Македонија. Се разбира дека имало затворено и соработници на бугарскиот фашистички окупатор, српски четници, балисти и други, но поради тоа што песната е испеана на македонски јазик отпаѓа секакво нејзино поврзување со некоја од овие групи затвореници, кои, во колку би создавале песни, нормално дека би ги создале на јазиците на нациите на кои припаѓале или на кои сметале дека припаѓаат. Значи со сигурност можеме да претпоставиме дека песната е посветена токму на затворените ВМРО-вци и тоа на оние од првите години по Втората светска војна. Да направиме краток осврт кон нивното дејствување. Прв повоен судски процес во Македонија против ВМРО-вска група е одржан во Штип, на 26 август 1946 година. Тогаш е затворена ВМРО-вската група на чело со Наум Којзаклиев, во која припаѓале: Митко Илиев, Борис Давков, Павле Марјанов, Љупчо Ефремов, Васил Иванов, Васил Ефтимов, Панче Смилев, Љупчо Јакимов, Васил Каранаков, Слава Шестакова, Магда Касапска, Вера Кусакатова и други. Потоа следи апсењето на ВМРО-вски групи и во другите градови на Македонија (Струмица, Битола, Охрид, Прилеп, Кочани, Кичево, Скопје, Гевгелија, Радовиш, Велес...) и тоа мажи и жени (па дури и малолетници) од најразлична возраст; интелектуалци, работници, офицери, милиционери, лекари, учесници во НОВ, занаетчии, граѓани, селани, припадници на другите националности... - сите тие во тој тежок период храбро го кренале својот глас за слободата на Македонија, а детални описи на возбудливите доживувања за време на ВМРО-вската илегала во комунистичкиот период, но и нивните страдања по затворите веќе можат да се сретнат во неколку објавени книги, меѓу кои и книгата од д-р Стојан Ристески „Судени за Македонија“ (прв и втор дел), каде оваа тема е поопширно обработена. Нам ни останува да констатираме дека песната што овде ја презентираме останува како вечен споменик посветен на сите оние, кои младоста и животот ги дале за слободата и демократијата во Македонија. |