|
|
На гробот на мојот Прадедо Младен во Куново |
На гробот на Прадедоми Младен протојереј за Гостиварска и Тетовска околија во с. Куново-Гостиварско. Куново е родното место на мојата мајка Рафаилка, од татко Ерусалим-Русе и мајка Јоанка, а дедото на мојата мајка, мојот прадедо се викал Младен Попоски, роден во 1857 а починал 1941 година. Прадедоми Младен во тоа време бил протојереј за Гостиварска и Тетовска околија. Свешеникот Младен Јовановски(1852 - 1941) потекнува од стариот род Илиевски во најголемото маало на гостиварското село Куново. Од овој род бил предокот на Младен, Ристо,многу познат човек и селски првенец од крајот на 18-тиот и на почетокот на 19-тиот век. Од времето на Ристо, па се до почетокот на 20-тиот век за старешина на село Куново, секогаш биле бирани од родот Илиевски. Посебно е значајано што овој род имало свештеници, државни службеници (Кузман и Младен Јовановски), борци кои учествувале и се бореле на Солунски фронт. Куново, село во Горни Полог, одалечено околу 15 км од Гостивар. Се наоѓа на падините на Сува Гора на надморска височина од 950 m до 980 m. Селото е од типичен збиен тип, со ридско-планинска конфигурација на теренот, ограничено со планините Сува Гора и Буковиќ. Интересна е местоположбата на храмовите во Куново. Имено, тие се изградени така што нивната местоположба го отсликува христијанскиот симбол, крстот. Крстот има правилна форма, а главниот храм „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа во неговиот центар. Недостасува само храмот „Св. Огнена Марија“ на западната страна. Овој храм во минатото бил опожарен, и до ден денешен не е возобновен. Интересно е да се напомене, Цркви кои го носат името „Св. Огнена Марија“ освен во Куново има и во с. Зубовце, Гостиварско и во Мала Преспа-денес во Албанија. Празникот на св. Марена (Огнена Марија) како селски празник се празнува секоја година во селото Зубовце, Гостиварско. Според преданието некогаш кога фатила голема суша испукала земјата во полето. Кога сушата се заканувала со уништување на родот во полето чудотворната Огнена Марија го донесла дождот и подарила богат род. И од тогаш во чест на светицата се држел еднонеделен строг пост со верба, со надеж и со очекување годината да биде сончева и врнежлива – плодна и бериќетна. Иселеници со потекло од Куново има во Гостивар, Скопје, Ниш, Белград, Берлин-Германија, Митрој Крсти, Горна Ѓоновица и Зубовце, Гостиварско.
Фотографии: Киро Кипроски |