|
|
Александар ДОНСКИ : ПОШТЕНСКА КАРТИЧКА ОД ВРЕМЕТО НА ГОЛЕМОСРПСКОТО ВЛАДЕЕЊЕ АДРЕСИРАНА СО „МАКЕДОНИЈА“ |
Александар ДОНСКИ : ПОШТЕНСКА КАРТИЧКА ОД ВРЕМЕТО НА ГОЛЕМОСРПСКОТО ВЛАДЕЕЊЕ АДРЕСИРАНА СО „МАКЕДОНИЈА“ Познато е дека за време на големосрпското владеење (кралска Југославија) во вардарскиот дел на Македонија (1918 – 1941 година), врз Македонците биле правени обиди за денационализација, при што македонскиот јазик бил забранет, презимињата биле менувани со задолжителното „иќ“ на крајот. Македонија официјално била преименувана во „Вардарска бановина“, а често пати била нарекувана и како „Јужна Србија“. Настаните од тоа време и отпорот што го пружале Македонците против таквата состојба воглавно се добро познати во нашата историографија, па овде нема да се задржуваме на нив. Во оваа прилика, меѓутоа, ќе посочиме на еден интересен наод токму од тоа време. Се работи за поштенска картичка која Македонецот Ангел, кој бил на отслужување на воениот рок во југословенската војска во Славонски Брод, ја испратил до својата сестра Марија во „Царево Село“ (денешно Делчево).
Она што паѓа во очи се два детали од картичката кои како да му пркосат на времето во кое картичката била испратена. Како прво, иако картичката е испратена на 10 ноември 1921 година, (што значи речиси цели три години по создавањето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (кралска Југославија), презимето на неговата сестра е пишано како „Симеонова“, а не „Симеоновиќ“ како што било задолжително во склад со тогашната денационализаторска политика. Како второ и најинтересно е тоа што во нејзината приемна адреса не е пишана „Јужна Србија“ или „Вардарска бановина“ туку дословно пишува–Македонија! Секоја чест за смелоста на Ангел кој на ваков начин (иако војник далеку од Македонија) дрско се спротивставил на тогашната денационализаторска политика, а фактот што картичката (веројатно со негова фотографија) сепак стигнала до неговата сестра, може да укаже на претпоставката дека и во поштата на Македонија (но и Хрватска) од тоа време имало смели луѓе кои ја спровеле и доставиле ова картичка. Упатувам благодарнст до г-ѓа Роса Гапева од Штип која ми ја достави оваа картичка, која била сопственост на нејзиниот внук Горан, кому испраќачот Ангел од Делчево му бил дедо. |