|
|
Лунарната Нова година во македонската поезија на Марија Емилија Кукубајска |
Лунарната Нова година во македонската поезија на Марија Емилија Кукубајска, претставувана со перформанси на универзитети и во галерии во Калифорнија, 1991-1992, и во Република Македонија, 2016
Весниците Los Angeles Times и Nguoi Viet, за поезијата на Марија Кукубајска и уметничката соработка со американското и виетнамското сликарство, музика и култура. Дијаспората од САД Донесуваме импресии од македонската поетеса Марија Емилија Кукубајска, со податоци од нејзината Скица за библиографија со монографски сегменти (Изд. Универзитетска библиотека Гоце Делчев Штип, 2020). „Во 1991-2 година, бев дел од дијаспората на Република Македонија во Јужна Калифорнија; живеев во Северен Холивуд, Лос Ангелес, оддалечен околу 30 километри од Монтереј Парк, градот кој годинава доживеа крвава пресметка на старите против новите идеи за напредок и светски поредок. Временската и културолошката дистанца се релевантен фактор за споредба на урбаната антропологија и современата култура, и пост-култура денес. Тогаш, во последната декада од 20ти век, американското општество беше сеуште побезбедно, иако го делеа само две децении од други нереди: марксистичка хипи револуција, војна против комунизмот во Виетнам, и месеци од расните судири во Лос Ангелес, 1992 година, меѓу афро-американски, азиски и латино американски граѓани. Тоа и лично го доживеав. Преку американското мобилно и динамично образование со светски стандарди, уште во 1975-6 година, на California State University Chico, проучував англо-американска култура и литература и ја споредував со идентитетските наследства на други народи: македонски, европски, руски, афро-американски, латинско американски, јапонски, арапски, ирански, индиски, африкански... Мојот ентузијазам за компаративно запознавање со американската и светската литература, произлезе и од тие магистерските студии со Фулбрајтова стипендија во САД, но и од моите индивидуални и професионални ангажмани за образовен развој. Подоцна, во1990те, кога бев уметнички директор на виетнамската галерија Viet Nguen Studiо Gallery, во Бурбанк, се посветив на проучување на 4.000 год. старата виетнамска историја на културата и јазикот, имајќи претходни искуства со преводи од друга далечно азиска литература, јапонската хаику (со Казуо Танака, Македонска комисија за меѓународна соработка, изд. Македонска ревија, Скопје). Посебно ме интересираше космогонијата и рационалното во Лунарната нова година. Со мои мини есеи и слики на виетнамско-американскиот сликар Виет Нгуен, соработувавме и настапувавме во национални установи спонсорирани од федерални фондации: National Endowments for the Arts, Indochina arts project: Pacific Asia Museum, Pasadena. Организиравме перформанси на теми: Традиција и напредок, новото како продолжена генерација на старото, новите години како деца на минатите времиња. Со Виет Нгуен соработувавме на Арт-По, сликарско-поетски прослави на мирот и слободата, како дел од македонската и виетнамската дијаспора во северна Америка. Американската академска и социо-култура тогаш беа извонредно инклузивни, овозможуваше бројни подиуми за суштински креативни и иновативни идеи. Моја поезија напоредно со сликарските дела претставував на англиски и македонски јазик во Калифорнија, на 1. Loyola Marymount University - Laband Art Gallery; 2. Whitney Museum - Chapman University College; 3. Wignal Museum Gallery - Chaffey College; 4. Irvine Fine Arts Center. Инспирациите од најмоќната, американската нација од сите нации, ги изразувавме и во креативната соработка - Сајгон-Лос Ангелес, со сликарот Лам Триет, универзитетски професор од Сајгон. Мојот македонскиот ентузијазам носеше пораки за светла иднина на човекот и човештвото како дел од светот кој и Гоце Делчев и Александар Македонски го разбираа како поле за културен натпревар меѓу народите. За споредба, денес прославите на животот и времињата таму се покажуваат смртоносни. Тогаш, во САД, во поезијата го применував мојот концепт „Екологија на душата“ - за чистење на моралниот слој од контаминација со омраза, нетолеранција, пороци. Таа свест за потребата од мир и слобода и за здрава соработка меѓу народите, беше зајакната по тогашното распаѓањето на Југославија. Напредокот на Македонија во нејзината ново стекната сувереност како независна држава, со национален идентитет и континуирано културно значење низ милениуми, беше моја егзалтирана љубов кон татковината и ентузијазам од неа, иако далеку од Македонија. Веќе вродениот интерес за проучување на духовната и материјалната историја на мојата сакана родна земја, беше засилен со нејзиното осамостојување од Југословенската федерација. А тоа го потенцираше моето разбирање и почит кон културите на народите, расите и верите со нивните цели за самостоен развој. Истражувањата за Далечниот исток ги продолжив и во Република Македонија, на Универзитетот Гоце Делчев, Филозофски Факултет, Штип каде постанав дел од основачкиот кадар, 2007. И тогаш ја претставив Лунарната нова година, организирав мултимедијална претстава со кинески студенти на УГД, се проектираше поетски, визуелен и музички Календар „Мир и напредок“, со двојазични мини-есеи, на македонски и англиски јазик, и со учество на кинеските студенти со нивни восхитени импресии за Македонија. https://eprints.ugd.edu.mk/15529/2/Kukubajska.pdf Aзиските американци (22 милиони во САД), на 22 јануари 2023 година го доживеаја спротивното од желбите за радосен, долг и успешен и живот во оваа Лунарна нова година. Во Монтереј Парк, 40 километри од Дизниленд, светскиот град на забавата, се случи масакрирање во градското Студио за танц. Тоа личеше на перформанс на смртта, со 10 мртви и уште толку повредени. По две години од пандемиското одбегнување на прослави, годинава населението од таму и од неколку околни градови, веќе се крие од својата околина и се плаши од експанзијата на масовни убиства низ САД. Повеќе од 2 милијарди луѓе на планетата слават Лунарна нова година, настан воспоставен веќе 3.500 години од династијата Шанг. За Кинезите, Виетнамците и други азиски народи тоа е најсветол празник кој трае 15 дена, меѓу млада и полна месечина. Гувернерот на Калифорнија, во септември 2022, ја прогласи Лунарната нова година за државен празник. За Виетнамците 2023 е година на мачката, а за Кинезите, година на зајакот. Од 22-ри јануари до 5-ти февруари 2023 година е период за свето празнично славење на преродбата на природата, пролетта, цвеќето, убавината, љубовта кон добрината, традиционалните фамилијарни доблести, вредности сеуште споделувани кај повеќето народи во светот. Тогаш се здружуваат благослови и се разменуваат подароци со црвени писменца, со пари и желби за духовен и материјален напредок. Се изведуваат игри на змејот и лавот, симболи на телесна и умствена сила која се проектира во славениците. Се посетуваат храмови, за утеха и обнова на животот, се чистат домовите и долговите, за чист почеток во иднината, со молитви за чистење на минатото од непријателски сили. http://www.mn.mk/komentari/19412-Novo-izdanie-ZA-DELATA-NA-PISATELOT-MARIJA-EMILIJA-KUKUBAJSKA http://www.mn.mk/aktuelno/19390-Skica-za-BIBLIOGRAFIJA-I-MONOGRAFIJA-za-prof-d-r--MARIJA-EMILIJA-KUKUBAJSKA Проф. д-р Марија Емилија Кукубајска |