|
|
Мартин ТРЕНЕВСКИ: ЧЕТВРТИ ФЕБРУАРИ ПОМИНА, НО ДОЛГО ЌЕ СЕ ПАМЕТИ |
(ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ - 193) Четврти фебруари, денот кога по традиција ние Македонците со гордост и пиетет го чествуваме роденденот на нашиот Гоце Делчев помина, но овој - годинешниов, чинам дека долго ќе се памети и за него уште многу ќе се пишува и ќе се беседи. Бројни се деталите што се однесуваат на годинешново одбележувње на роденденот на нашиот Гоце, не само пред неговиот саркофаг во црквата Св. Спас, туки и околу скопското Кале и пошироката околина на храмот - уличките што од древниот Бит Пазар водат кон него, но и на поширок општествен план, па и на меѓудржавен план што дополнително ги влошија односите помеѓу Република Македонија и соседна Бугарија. Во прв план би го издвоил до сега невиденото присуство на македонската полиција која се заветдека нема да дозволи никакви провокации, тензии и инциденти. И со право! Советот за безбедност на РМ една недела пред настанот објави соопштение во кое беше изнесена оценка дека одбележувањето на 4 фебруари е "настан од визок ризик". Впрочем, директен повод за таква реакција беа најавите од бугарски националистички здруженија дека масовно ќе присуствуваат на настанот во црквата Св. Спас! А веќе видовме претходниот месец како поединци од тие бугарски здруженија, предводени од шизофрениот европратеник Ангел Џамбаски се однесуваа во срцето на Скопје, на местото каде студентката од Тетово Мара Бунева изврши атентат на српскиот генерал Прелиќ 1923 година. Мара Бунева пукаше во Прелиќ не заради некакво бугарофилство, туке заради изживувањето на српската кралска жандармерија врз македонски патриотски настроени студенти, вклучувајки ја и неа, а бугарската агит-проп-овска машинерија ја злоупотребува како нивна патриотка. Бесрамници!!! Македонската полиција се покажа овој пат како никогаш до сега. Некои сметаат дека полициското присуство било претерано, дека го поделиле народот и спречиле слободно изразување почит кон великанот, но, според мене, се на се, ваквата реакција се покажа сосема оправдана и денот помина без никаков инцидент. За ова во голема мерка придонесоа и строгите контроли на македонските граници каде македонската полиција не дозволи влез на екстремни националистички ориентирани индивидуи - провокатори од соседна Бугарија. Но, во моите очи едно нешто особено се издвојува по значењето. За прв пат од осамостојувањето се манифестираше единство меѓу македонската левица и десница, а тоа е: да не се дозволи туѓинци од страна да го скрнават гробот на великанот Делчев на денот на неговото раѓање, да го присвојуваат неговиот лик и дело и да го понижуваат македонскиот народ и тоа среде македонската престолнина, како што го правеле во многу наврати во минатото. Не навлегувам во деталите, бидејки чувме најразлични реакции и коментари од обете страни на македонскиот политички спектар, но си дозволувам да заклучам: значи се можело!!! Не само што се може, туку м о р а да се има единствен став кога се во прашање националните интереси! Само така можеме да напредуваме и да обезбедиме да не ценат други. Впрочем, ако самите не се цениме и почитуваме, тешко да очекуваме некој од страна да го прави тоа за нас!!! Па само два дена по 4ти фебруари претседателката на Унгарија Имела Новак ја посети Македонија и положи венец на гробот на Гоце Делчев, што е непосредна потврда дека и "меѓународната" ги подржува тие позиции! Колку за потсетување, а за да не се заборави: и на Бугарите не им е туѓа праксата за забрана на влез на македонски граѓани. Паметам во 1990 година, кога се одбележуваше некоја годишнина на гробот на Јане Сандански во Пиринска Македонија, Бугарија издаде з а б р а н а за влез на македонски граѓани кои најавија масовно присуство на собирот во организација на ОМО Илинден. На група новинари и со уредни новинарски легитимации пак ни дозволија да влеземе на граничниот премин кај Струмица, но многу наши сонародници беа приморани да одат на преминот Деве Баир, а некои други да ја поминат границаја кај Ниш за да присуствуваат на настанот.. Вистински трауми доживеавме вечерта, на враќање, бидејки бугарските граничари не сакаа да не пуштат да поминиме на истиот граничен премин кај Струмица, наводно бидејки преминот бил отворен за сообраќај само до 20 часот и не тераа да одиме долги километри на север и да се вратиме преку преминот Деве Баир!? Се убедувавме со часови, а тие глумеа дека се консултираат на повисоко ниво, за конечно да ни дозволат премин на на Македонска територија. Реалностите, се грди какви што се, а добрососедство и меѓусебно почитување се мислени именки на балканот. Територијалните претензии и апетити кон нашата земја и историско минато се длабоко всадени во умовите на нашите источни соседи и само со одлучно реагирање, како на пример ова на 4ти фебруари, можеме евентуално да влијаеме на промена на нивното однесување и сваќање на реалностите.
Но има уште нешто полезно од настаните на 4ти фебруари. Пред се сметам дека им дадовме на знаење на Бугарите што можат, а што не можат да прават на нашата света македонска земја и воедно испративме јасна порака во Брисел дека нема да толерираме понижувања и навреди од нејзина членка како што до сега правеше оваа поданичка власт. М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор |